Бев на Нинџа Желки во кино. Не ми е незгодно. Дури ни тоа што со другарката бевме највозрасните меѓу сите тие седум луѓе внатре и тоа што единствените гласови што се слушаа беа на ова долупотпишано магаре и две деца некаде во скоро празната сала. Филмот е... забавен. Нинџа Желки е, секоја варијанта им е добра. Да не се повторувам. Но, колку и да не смееш да пристапиш сериозно на нешто вакво, на моменти ја губев мојата десетгодишна наивна персона и дозволував да надвладее возрасниот циник.
А, Teenage Mutant Ninja Turtles: Out of the Shadows е адаптација на сите добри спомени од серијата. Таа, оргиналната. Рокстеди и Бибоп, Кренг, Шредер, Кејси Џонс, Бакстер. Ги има сите состојки да биде најдобриот TMNT филм некогаш направен. А, зошто дефинитивно не стареам толку лошо, нешто мора да не е во ред со филмот. Не ги користи тие состојки за прецизно да ја погоди целта. Разбирам дека е за деца, разбирам дека Меганфоксплоатацијата и типон од Arrow се тука за има и повозрасната публика да гледа во нешто што не е антропоморфна желка, но има многу ствари што ќе те натераат да си се извиниш и сам на себе.
Ниту еден Технодром во филмот не успева да надомести за плиткото сценарио. Мислам, сум видел и полошо и свесен сум дека не треба да ги гледам пукнатините на факинг Нинџа Желки, ама кога можеш да ја предвидиш следната реченица што некој лик ќе ја изусти знаеш дека нешто не е баш на вистинското место. Забавно е само првите триесет пати да си погодуваш така. Во претходниот филм некако успевав да ги игнорирам сите боцкава работи. Тука, не баш.
На моменти Out of the Shadows тотално не знае ни што да прави со тие еднодимензионални ликови. Желките се постојано во некаков неоснован конфликт, Меган Фокс трча полугола наоколу и забораваш дека е репортерка до последните три минути од филмот, останатите упорно ги трпат арогантните постапки на Шредер, Рокстеди и Бибоп си прдат еден на друг.... Кејси Џонс, каков-таков е исклучокот кој навистина прави некаква разлика некогаш. Останатото е онака, калакурница, дури и за тоа што се обидува да биде. Кога функционира е супер. Кога не, сакаш да си ја покриеш главата со кутија пуканки. Додека сепак си проаѓаш добро, така? Не се каам за ништо.
No comments:
Post a Comment