September 9, 2022

Ги спукав и Assassin's Creed: Brotherhood и Assassin's Creed: Revelations

Немаше шанси да останам само на Assassin's Creed II и пак да пројдат години додека се наканам да изиграм нешто од серијалов. Затоа Assassin's Creed: Brotherhood ми беше спремна од моментот кога ја довршив двојката. Приказната во Brotherhood го носи Ецио Аудиторе во Рим, каде што ја продолжува потрагата по Јаболкото. Ецио паралелно се стреми да ја ослабне моќта на Чезаре Борџија, а воедно и да го возобнови ослабнатиот Ред на Асасини регрутирајќи нови членови. 

Тон работи се случуваат во Brotherhood истовремено, што ако почнам да навлегувам ќе треба целото да ни го испојлам. А, муабетов сакам да го читам после години кога ќе ги подзаборавам игриве за да се присетам на овие први впечатоци без си го заебам следното преигрување. Она што е највоочливо во Brotherhood е како играта има значителна техничка надоградба и покрај тоа што е само година помината од претходната. Иако се осеќа дека е истиот енџин, некои работи се многу помазни и усовршени за искуството да уште подобро од двојката. Пази, ова е игра стара дванаесет години, а успева да изгледа посовремено од некои понови наслови. 


Механиките се воглавно наследени од Assassin's Creed: Brotherhood со тоа што воведува и нови што ги сретнав и во Revelations. Веројатно најголемата новина е тоа што сега можеш да регрутираш Асасини низ Рим. Потоа можеш да ги повикуваш на помош или да ги праќаш на мисии да собираат пари и искуство. Ова со мисиите не го играв нешто многу, бидејќи е само обично менаџирање на ресурси, нешто слично како во последните World of Warcraft експанзии. Кликаш на мисија и чекаш да одброи тајмерот и регрутите да се "вратат". Ништо чудно Близард од тука да ја украле оваа досада. 

Поинтересен ми е моментот што можеш да ослободуваш територии под влијание на Борџија убивајќи го локалниот командант, па на таа територија да отклучуваш нови мисии и да инвестираш во објекти каде што можеш да купуваш лекови, опрема и да подигнуваш пари од банки. Супер детал е и тоа што командантот може да избега ако си доволно бучен при ослободителната офанзива, па треба да чекаш до следното утро кога ќе се врати пак со новата смена на стражари. Ептен кул. Те насочува да ги тактизираш нападите и да останеш тивок како што примарно наложува концептот на самата игра.

Има и некои нови оружја, како и коњи за јавање и падобран со кој можеш да се движиш наоколу, ама дека почнав со Brotherhood непосредно после Assassin's Creed II, некако ненамерно останав верен на "потрадиционалните" методи. Освен кога гејмплејот ќе ми наложеше да искористам нешто ново, нели. Битките на коњ не ме импресионираа нешто премногу, па и тие гледав да ги избегнувам кога можев.

Супер е Brotherhood, ама е многу повеќе како класична експанзија на двојката отколку игра или приказна што може да опстои самостојно. Знам дека не е баш така конципирана, меѓутоа вистинската разлика повеќе ја осетив во Revelations. Има некои незаборавни моменти во Brotherhood, сепак. Она кога се пентариш на Колосеумот да "учествуваш" во театарска претстава ќе ми остане како еден од најинтензивните, ама сигурен сум дека и јас со тек на време ќе почнам да ги мешам и да ги гледам овие две како една игра.

Revelations ми дојде како одлична тематска и естетска промена од италијанската ренесанса. Кога ги играш вака маратонски многу е лесно да дојдеш до границата на презаситеност. Супер е Рим, огромен и живописен, ама ми затреба нешто различно. Приказната скока неколку години понапред, сега Ецио е подостарен и се наоѓа во Константинопол во периодот на подемот на Отоманското Царство. Наративната структура е пофокусирана, Ецио има малку појасна мисија - треба да најде пет клучеви за да ја отвори библиотеката на Алтаир, Асасинот од оригиналната игра.

Секој е клучевите е всушност сеќавање на Алтаир, претставено преку кратка мисија каде што играш со него. Тука за првпат ми беше жал што не успеав да саглам да го изиграм кецот и подобро да се запознаам со ликот. Мислам, Revelations настојува да ти го доближи Алтаир доволно за да ти е грижа за него, меѓутоа сигурен сум дека искуството ќе беше многу позабавно доколку лично ги имав пројдено тие приказни. Не знам колку ми одзема од големото финале на приказните за Алтаир и Ецио и како се изврзаа, ама ќе стигнам и до таму.

Revelations повторно гради врз основата поставена во претходните две игри со Ецио. За среќа, овојпат нема коњи, ама има други нови ситни ствари како склопување на разни бомби со кои можеш да ги онеспособиш непријателите, па имаш кука со која се качуваш по ѕидови и слично. Воглавно, сите новини кои ги воведува Revelations во однос на Brotherhood се супер, освен тоа што има некоја ужасна верзија на tower defense мини-игра што среќа само еднаш беше задолжителна за играње. Немам ништо против жанрот, меѓутоа тука само ја успорува динамиката на играта и не придонесува нешто значајно.

Од таа брза акција низ Костантинопол, во еден момент морав да стојам во место и да "наредувам" на колегите од Редот да се позиционираат по кровови и барикади за да одбијат неколку бранови непријателски напади. Ова толку ме извади од имерзија што ако морав пак да го правам, веројатно ќе ја изгасев играта засекогаш. Колку и да е добра приказната, ваква глупа механика може комплетно да ми го наруши уживањето. Ете, поради задолжителното користење на Бетмобилот во Arkham Knight, никогаш не се наканив да ја довршам таа игра.

Revelations некако подобро ми легна, воглавно поради тоа што сум многу повеќе запознаен со историските аспекти на Константинопол и Отоманското Царство отколку со италијанската ренесанса. Играта ги опфаќа сите работи што ми беа познати од претходно и ме изненадуваше на секој ќош. Од армијата Јаничари до големиот ланец кој некогаш служел за да го заштити градот од инвазија. Фасцинантно е. Некои елементи се секако препуштени на креативна слобода, ама тие што се попрецизни ептен ми направија ќеф.

Наративната струтура во Revelations е многу пофокусирана од Brotherhood. Секоја главна мисија завршува со едно од сеќавањата на Алтаир низ неговиот живот после кецот (веројатно?). Не знаев точно кон што се гради целото ова, па самиот крај ме пречека неспремен за емотивно да ме расклопи. Не само приказната, туку и начинот на кој што ја играш, во еден момент речиси и паралелно со Ецио и Алтаир. Големата научно-фантастична приказна во позадина, која всушност го придвижува и ликот на Дезмонд, беше толку добро претставена што крајот на Revelations ми е дефинитивно еден од најдобрите краеви што воопшто сум ги видел во игра. 

Моментот кога Ецио сфаќа дека неговиот живот е студија за некоја идна генеција која го набљудува исто како што самиот тој има прилика да "пројде" низ животот на Алтаир, ми е неповторлив врв на раскажување во овие три наслови од серијалот. Со целото ова играта, односно оваа Ецио трилогија, ми се забетонира како една од најдобрите што сум имал прилика да ги искусам. Штета што порано не седнав. Искрено, не знам дали некогаш Assassin's Creed успева да ја надмине оваа беспрекорност.

Ќе ми фалат овие ликови. Трилогијата одлично успева да ти ги приближи, како Ецио така и сите кои ги среќава по пат. Секој е некакво делче од поголема приказна и феноменално е вклопен за да се грижиш за него до самиот крај. Без разлика дали е на твоја страна или го чекаш моментот кога ќе му изрипаш од некој кров да го прободеш. Но, серијалот е така замислен да истражува нови авантури, па сум максимално загреан да дознаам што е следно на менито. Сè што имав наредено за играње моментално оди на пауза додека не се презаситам од Assassin's Creed.

Види такоѓе: 

No comments: