September 29, 2014

The Simpsons Guy, заедничката епизода на ...океј, во насловов е..

И покрај ривалството кое трае(ше) со години, главно предизвикано од обвинувања дека едната страна ја копира другата, дочекав да гледам Family Guy / The Simpsons кросоувер епизода. Во ниту еден момент не се посомневав дека ќе успее, и покрај тоа што трејлерот што излезе пред месеци, јасно ми даде до знаење на што ќе се базира. Познати финти од двете серии, референци кон некои класични, незаборавни моменти и ситуации, мета-заебанции и нормално реметење за сличностите и потенцирање каде се разликуваат. 

Не добив ништо повеќе или помалку од тоа што го очекував, а тоа што го добив одлично функционира. Забавни 40тина минути, кои веројатно засекогаш ќе бидат запамтени во историјата на телевизијата. А, со оглед на рејтингот и заработката која ја донел на FOX, ништо чудно да се случи некогаш пак во иднина. Сепак, мислам дека ова би функционирало вака добро само еднаш.


Family Guy, иако домаќини на оваа заедничка епизода, се случајни гости во Спрингфилд. Средбата на двете семејства, на почетокот изгледа среќно, секој ќе се поврзе со некој член од другото семејство, барем додека не испливаат некои карактеристики на ликовите кои ќе го затераат односот во некоја друга насока. Со самото тоа што дејствието е сместено во Спрингфилд, на моменти доминираат ликови и ситуации од The Simpsons, меѓутоа сценаристите не пропуштиле да донесат уште по некој лик од сериите на МекФарлејн, па дури и од други анимирани серии на FOX. Нормално, не се сите, имаше некои што сакав да ги видам, но со оглед на тоа што вниманието требаше да биде свртено кон двете фамилии, нема простор за фаќање кусури.

Некаде на пола, доаѓа до кулминација на форите околу ривалството, споредбите и копирањето идеи, каде што конечно ликовите седнуваат во судница пред лик за кој други би рекле дека е "предок" на двете серии. Тука некаде епизодата стана "самосвесна" и експлодираше со мета-хуморот и поенатата дека споредбите треба да престанат. Двете серии се доволно различно созреани, па дури и Family Guy да почнале како копија (со што никако не се сложувам, барем не после толку пати прегледување), одамна идентитетот им е зацврстен поинаку. Да, можеби The Simpsons имаат поголема публика и популарност, но тоа не значи дека другиве се во сенка на тоа. 


Сцената на крајот, иако претпоставувам дека беше неизбежна, секогаш ми делува како да е само колку за да пополни време. Беше интересно првите неколку пати, океј? Но, како и за еден куп моменти во епизодава, секогаш кога ќе се спремев да промрчам за нешто што е очигледно зошто е тука, ќе се појавеше некој лик преку кој сценаристите ќе ми кажеа "океј е, знаеме" и малку ќе ти ја размрдаат перспективата. Самото ова е толку мајсторски направено што ете, ќе се воздржам од некои мали ситни замерки. 

Дали со ова значи дека сериите се "смирија"? Дали воопшто некогаш биле стварно толку "скарани"? Веројатно не. На крајот од денот, профитот и рејтингот е битен на FOX, макар би имале и три различни серии со истите ликови. Тоа што останува на телевизија, не останува (само) поради креативноста. Двете серии си ги имаа своите добри и лоши денови. Family Guy, последниве сезони се катастрофални, веќе не ги ни следам редовно, додека The Simpsons ми се некако пак симпатични, можеби поради тоа што конечно последниве години некако дојдоа во чекор со времето и хуморот што го носи.

No comments: