Ја спукав втората The Witcher сезона викендов што пројде. Топтан, одеднаш. Толку чудно се движи времето во последниве две години што бев сигурен дека лани ја гледавме првата. Некако многу брзо ми дојде вторава сезона, не ни осетив дека серијата прескокнала цела година. Ете тоа објаснува зошто некои од актерите изгледаат малку повозрасно. Освен Хенри Кавил, секако. Хенри Кавил одбива да си ги покаже годините.
Баш добро доаѓа серија како The Witcher во тмурни зимски денови. Некако совршено ми се израмни со расположението. Скоро секогаш се местело да е зима кога опсесивно сркам The Witcher материјал - било игра или книга, па ми овозможува таква фина идилична удобност во тие сивилата што ги носи. Се надевам дека годиниве ќе престанат да се однесуваат како еден долг месец, па третата сезона пристојно ќе си ја дочекаме уште следната година ова време.
Втората сезона е одлична и многу пофокусирано склопена од првата. Приказната не скока ќутливо во различни временски периоди со цел да ти приреди полусмислени изненадувања, туку си тече природно и хронолошки, па е нешто попрактична за следење барем во таа насока. Од друга страна, пак некако успева да пламне небалансирано на повеќе страни и да успее некои работи да не ги дозбори до крај. Тоа ми е можеби и главната замерка за втората сезона. Дали намерно настојува да одржи некаква мистерија или само невешто пишување, не би можел да погодам - ама иако поправа некои проблеми од минатиот пат, успева да создаде нови. За среќа, поситни.
Сезоната има главен негативец што може и да го промашиш дека е таму до самиот крај, бидејќи некако скржаво го прикрива, доволно за само да те збуни, а недоволно за да те задржи заинтригиран или на било кој начин засегнат од заканата. Многу поинтересни ми беа ситуациите каде што Герлат стандардно си "вичерува", убива разновидни чудовишта и го истакнува лежерниот тон на самото дело. The Witcher поубаво личи кога не се сфаќа себеси премногу сериозно и кога држи некоја дистанца од посовремениот наративен третман типичен за денешните серии.
Серијата е пофункционална кога личи на нешто телевизиско од пред дваесетина години, ама можам до некаде да разберам зошто не целосно одбива да згазне во таа територија. Форматот на Нетфликс е веројатно таков, се трудат да ги скрпат сериите да имаат поголем арк и секоја од епизодите да создава дел од поголема приказна. Затоа и повеќе ми се свиѓа The Mandalorian, тоа поретко пати од стремежот да биде едно големо нешто. Сакам да кажам, пре би избрал засебни епизоди со сопствена мала приказна отколку ова што The Witcher претежно се труди да биде. Не го личи цело време. Има доволно материјал од книгите за да биде поинаку спакувано, притоа да не си го оштети сопствениот фолклор.
Сепак, супер е вака како финален производ. Задоволен сум. Мило ми е што приказната конечно отиде во Кер Морен и овозможи одблиску да го видиме светот на Вичерите и целата таа митологија. Сосема прикладно за втора сезона. Откако се запознавме со Гералт, ова беше логичниот чекор. Убава прилика да разбереш некои работи околу Вичерите што првата сезона некако ги прескокна, а можеби не ти се познати од друго место. Сите дешавки таму ми се омилениот дел од сезоната. Весемир е одлично погоден и вклопен, и како кастинг и како лик.
Со Сири во фокусот оваа сезона, бев малку скептичен како ќе пристапат кон нејзиниот лик и мило ми е што доби соодветен човечки третман. Со таков моќен лик како Сири можеа да отидат во многу погрешна насока и да заврши како "Mary Sue" женските ликови од Star Trek: Discovery или Star Wars: The Last Jedi. Сири е ранлива, со маани и мотиви за да се подобри и да ја оствари нејзината моќ и потенцијал. Ништо не ѝ е подарено, па публиката може полесно да се идентификува со нејзиниот пат и да навива без однапред да биде јасен исходот. Ќе има ден кога ќе ја видиме Сири супер-моќна и среќен сум што вака постепено ја создаваат.
Ми се свиѓаа и локациите што се одбрани за сезонава. Преубави богати пејсажи, онака да се изнагледаш. Иако The Witcher е сместен во свет многу близок до овој, некои од локациите изгледаат комплетно магични и страни. Сетовите се исто така многу подобрени, па поретко ќе наидеш на нешто што личи како да е снимено во студијата на МРТВ. Некој го одврзал ќесето оваа сезона и очигледно е. Целата продукција изгледа врвно, дури и бушавата перика на Хенри Кавил.
За жал, уште не можам да го прифатам кастингот за Јен и Трис. Иако Јен е создадена како допадлив лик, сметам дека актерката го нема капацитетот да ја овековечи онаа Јен што ја знам од игрите. Разбирам дека ова е адаптација на пишано дело, меѓутоа игрите засекогаш ми врежаа една поинаква визија за неа што тука не можам да ја видам. Истото е со Трис, со тоа што нејзиниот лик уште не е доволно наштиман според изворниот материјал за да ја прифатам. Споредбата со Трис од игрите ми е уште поневозможна и далечна. Не знам кој е мотивот зад ова, ама едноставно не функционира.
Хенри Кавил е супер. Можеби никогаш не научи да глуми саглам, ама како Гералт е воглавно одличен. Не можеш да му фаќаш многу замерки на најубавиот жив маж на планетава, ама па не знам како уште успева да преглумува некои работи и некој упорно да му кажува дека е океј така. Некогаш неговата неприродност ме вади од имерзија и не го гледам Гералт, туку го гледам Хенри Кавил како работи со талентот што нема некои сериозни пропорции. Не е често, ама се случува. Се гледа дека е приврзан со ликот и максимално се забавува, па ако ова е максимумот тогаш јеби га. Толку се можело.
Но, и покрај ситните недостатоци, втората сезона на The Witcher е забавна акциона авантура. Многу ми фали ваква фантастика на медиум што не е книга или игра и серијата иако не е најдобрата на светот, супер го пополнува тој простор. Со ова темпо и популарноста што ја има не гледам дека ќе сопре набргу, а вторава сезона на крајот вети многу работи што едвај чекам да видам како ќе се одвиваат во иднина. Сега е време конечно да се дочитаат книгите до следната, па и да се изигра The Witcher 3: The Wild Hunt уште еднаш.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment