July 13, 2016

Што се случи со RTS жанрот?

Пред некој ден заврши летниот попуст на Стим. Прв попуст на кој не купував манијакално игри што улетуваа на flash sale, зошто воопшто немаше ништо такво. Од прв до последен ден цените беа исти, со некоја минимална промена кон поевтино ако издавачот решил да пушти душа. Rise of the Tomb Raider пак беше со цена што нема шанси да ја платам. Глупости. Како да си влегол во продавница и сè што ти се свиѓа да не ти е точно. На излегување ќе купиш нешто колку да не си одиш дома со празни раце и тоа е тоа. 

Си ја купив само Age of Empires II HD. Пуста носталгија. Верзијата е обновена да вози подобро на нови машини, но комплетно го задржува духот и сè она што е оргиналот. Разликата е само позадинска. А, тој диск со оргиналната верзија уште ми е некаде дома низ фиоки. Лани така ја купив Rise of Nations: Extended Edition, таму имаше и ситни подобрувања на графиката. И, секогаш кога ќе дојдам во контакт со real-time стратегија од тоа време, се прашувам што се случи со жанрот? Како StarCraft II е единствената традиционална RTS игра во последниве десет години?


Можам да зборам бесконечно за Dune 2000, Red Alert II, Tiberian Sun, Generals и општо цел Command & Conquer серијал, за тоа како сум трчал од школо до дома за да играм Warcraft III, како не сум спиел со ноќи за да правам мапи за Age of Empires II, или како со Миле сме се бркале со армиите на округлата мапа на The Battle for Middle-Earth. Што направи Grey Goo погрешно за да ме задржи само пола саат? Разбирам дека го немам истото слободно време како порано за да можам да кликам по цел ден, меѓутоа играта не успеа да ме убеди дека треба да ја пуштам втор пат.

До толку ли стратегиите еволуираа во MOBA? Дали се смени публиката и начинот на кој следната генерација играше игри или MMORPG се наметна како нов тренд кога излезе World of Warcraft? Разбирам дека партија MOBA трае пократко од целовечерно градење војска и база со кутија цигари за на изгрејсонце некој да ти ја срамни со земја, ама како опадна побарувачката за RTS игри до тој степен, не ми е јасно. Очајно ми фали нова ваква игра. Microsoft се откажаа од Age of Empires серијалот, Blizzard се фокусирани на други жанрови, а Westwood се историја.

Носталгија или не, жанрот ми е еден од омилените. Само тоа и играв со години. Многу беше популарно. Сите играа. Луѓе буквално живеаа во зачадени играчници да играат вакви стратегии. Чудно е како почна да станува спомен кратко откако ги доживеа најголемите наслови. Толку време пројде што веќе се сомневам дека некогаш real-time стратегиите ќе направат некаков достоен камбек.

1 comment:

Tomi said...

Ах, спомени...