January 22, 2018

Mortal Engines од Филип Рив

Потрагата по забавен стимпанк ме донесе до Mortal Engines серијалот книги од Филип Рив (првата е објавена во 2001), познат и под друг наслов, Hungry City Chronicles. Не знаев што да очекувам, но алтернативниот наслов со кој Рив и не се сложува баш, а ни јас зашто е тотално глупав, можеби сепак најадекватно ја објаснува сцената која ме пречека на првата страница од првата Mortal Engines книга - Лондон брка помало рударско градче низ пресушеното Северно Море со намера да го улови.

Лондон, како и другите населени места кои некако успеале да преживеат во дистопискиот пост-апокалиптичен свет на Рив сместен во далечна, далeчна иднина, сега се на огромни тркала и платформи, во постојано движење и потрага по ресурси. Во добата на Тракцијата постои и еден технолошки екосистем наречен "Општински Дарвинизам" каде што поголемите градови присилно ги асимилираат помалите подвижни населени места за да си го продолжат животниот век. Жителите на помалите гратчиња и села, ако воопшто преживеат додека трае асимилацијата, добиваат прилика да робуваат во погоните на поголемиот, побрз град.


Сосема нормална и природна работа во свет каде што луѓето се чудат како порано Древните можеле да живеат во статични градови, иако поседувале технологија понапредна од тркало и хидраулика. Се разбира, постојат и сега, ама не се баш во хармонично пријателство со овие кои одбиваат да застанат на едно место. Иако деталите за светот, технологијата и општеството се крајно фасцинантни, Mortal Engines можеби мааалку страда од клишеизираниот маргинален главен протагонист Том, сирак предодреден за поголеми работи, чиј ден сè уште не е дојден, нели.

Том е жител на машинизираниот Лондон, сонува да стане еден од неговите најважни историчари, но случајно ќе се најде на погрешната страна од извесен заговор, по што ќе биде исфрлен од градот, приморан да талка, преживува и среќава различни ликови преку кои Рив мајсторски го дополнува светот што постои надвор од џиновските платформи, додека ги следи трагите што забрзаниот Лондон ги остава зад себе, со намера да си влезе назад. Имагинацијата на Рив очигледно нема граници, па секогаш кога ќе помислиш дека тркалата ќе заглават во кал, наоѓа некој нов концепт што ќе те изненади на следната кривина.

Настрана тоа што во суштина е класичната херојска авантура, првата книга е толку интересна што успеав да ја завршам во две легнувања. Светот е многу поопширен од што можеби звучи, ама секое дополнително навлегување во детали би било безобразно спојлање. Серијалот, покрај истоимената Mortal Engines, содржи уште три други книги, како и приквел трилогијата Fever Crumb која се занимава со она што довело во иднината градовите да се возакаат наоколу. Втората планирам да ја почнам наскоро отколку ќе чкртнам неколку други наслови од список.

Mortal Engines ќе добие и филмска адаптација во декември 2018, по сценарио кое Питер Џексон почнал да го пишува уште пред десетина години, меѓутоа режисерската позиција на крајот му била доделена на извесен Кристијан Риверс, тип кој цела кариера е некако изволвиран во продукцијата на Питер Џексон. Ако филмот го долувува амбиентот на книгата како што изгледа во краткиот тизер трејлер, можеби пак ќе го слушнам името на Кристијан Риверс. Или можеби ќе биде само уште еден неуспешен обид за голема филмска франшиза.

No comments: