October 5, 2013

Pacific Rim (2013)

Спуштените очекувања и големата доза на скептицизам ми го направија Pacific Rim посебно доживување. Сакам кога во вакви случаи сум пријатно изненаден. Сега можам да се каам зошто го пропуштив во кино. Филмот е таков визуелен спектакл што само во кино може да се осети како што треба. Така е кога е изгубена довербата во денешните блокбастери, за жал. А, Pacific Rim е пример за како треба да изгледа еден таков блокбастер. Големо, но не и претенциозно. Гилермо Дел Торо си ја задржа почитта од мене, иако се посомневав кога видов каков филм ќе режира. Барем му покажа на Мајкл Беј како се прават вакви филмови. Ова е тоа што три дела на Transformers не можеа ни пола да го доловат. 

Приказната е прилично едноставна, без непотребно комплицирање и тегнење, но полна со фини детали кои ја прават сликата повпечатлива. Влијанието од јапонската tokusatsu школа и аниме се осеќаат во сите компоненти на Pacific Rim. Дури и чудовиштата кои ја напаѓаат Земјата се наречени kaiju, што во буквален превод на јапонски значи баш тоа - чудовиште. Џиновските mecha робот кои луѓето ги користат за да се борат против чудовиштата се како излезени од некое аниме. Дури и ликовите се такви, имињата на роботите, костимографијата и добар дел од дизајнот на целиот филм. Можеби и затоа и имаше таков ефект врз мене. Единствено нешто што недостасува е саундтрек. Барем нешто покарактеристично и впечатливо.

Ги разбирам лошите критики упатени конкретно кон самата приказна. Но, доколку ја прифатиш таа "аниме логика" која е присутна, прашањата сами ќе се одговорат. Токму и тоа е убавината на филмот, светот во кој е сместен си има други правила. Има и фин приказ на тоа што се случува со светот додека го роварат интергалатички ѕверови стигнати тука преку портал на дното на Тихиот Океан. Можеби на некои им фали сериозноста присутна кај слични аниме инкарнации, пример Neon Genesis Evangelion, меѓутоа како што и самиот Дел Торо си кажува, сакал да направи "полесна" варијанта на тоа.

Она што е импресивно во Pacific Rim е убава употреба на CGI. Во споредба со слични филмови, дури и со некои комплетно различни, ова е мајсторски изведено. Не е воопшто хаотично како Transformers. Локациите на битките се внимателно избрани, за Дел Торо да може да го потенцира спектарот на бои со кој умешно си игра во добар дел од неговите претходни остварувања. Осветлувањето на сцените е мајсторско и за разлика од (ете споредбата е некако неизбежна) Автоботите и Десептиконите, тука можеш да видиш кој џиновски монструм му удира бокс на другиот. 

Кога два саата ќе ти летнат како дваесет минути, знаеш дека формулата е успешна. Pacific Rim дефитивно не е за секој, иако е понуден на најшироката можна публика. Ако сакаш mecha роботи и аниме, шансите да ти се свиѓа се многу поголеми. Продолженијата се неизбежни, а до тогаш може да се пролиста стрипот кој служи како вовед во приказната.

No comments: