Не многу одамна Game of Thrones владееше со телевизијата. Сите гледаа, дури и луѓе што никогаш активно не следеле серии пред тоа, а им стави книга во рака и на некои што уште подвлекуваат со прст под зборовите додека читаат. Game of Thrones во еден момент од деценијата беше најнеизбежното нешто на цела планета. Денес е бизарно отсутна од поп културата. Не е заборавена во целост секако, ама разочарувачкат последната сезона воглавно остави непријатни спомени и успеа да се помоча на општиот впечаток. Баш деновиве оваа тема ми се моташе во глава.
Сега тешко е да ја препорачаш серијата на тие три-четворци што никогаш не гледале, а се сомневам дека има било каква вредност и за прегледување. Никој веќе не би требало да губи време на ова. Што отприлика се случи со Game of Thrones, вака ретроспективно? Серијата си тераше одлично некои пет-шест сезони. Интересни ликови, возбудлива приказна, дозирана фантастика, драма, интриги, тензија, предавства, луѓе умираат неочекувано на сите страни... Ги следеше книгите на Џорџ Р.Р. Мартин колку што можеше, па потоа почна да го цеди и последниот изворен материјал.
Паралелно со секнувањето на приказната од книгите, двајцата сценаристи Дејвид Бениоф Д.Б. Вајс добија некоја примамлива понуда за нова Star Wars трилогија. Не само што требаше да смислуваат сами како да си ја завршат серијата, туку решија и да го преполоват бројот на епизоди, наводно за што побрзо да се фатат за работа на Star Wars. Резултатот беше една од најголемите телевизиски катастрофи во историјата. Серијата ја плати со оштетена репутација, а двајцава мајмуни ја изгубија Star Wars тезгата. Публиката беше толку гневна што веројатно и Дизни сконтаа дека никој не би платил за Star Wars создаден од тогашните најомразени курајбери во индустријата.
За пропаста на Game of Thrones се веројатно виновни повеќе луѓе од Бениоф и Вајс, ама што фајде ако сега го најдеме кривецот. Следел ли некој друг таму во продукцијата Game of Thrones воопшто за да ги буцне малку или овие двајца имале комплетна слобода врз сите случувања? Или, колку треба да си прост за така да си ја потцениш публиката и да мислиш дека ќе ти пројде било што?
Осмата сезона немаше никаква смисла. Ликовите беа драстично различни од тоа како беа развивани со години наназад, темпото на дејствието што веќе и онака веќе беше забрзано последните сезони достигна критична точка, а сценарионо нашкрабано во моментот пред да се уклучат камерите. Ко да го пишувал некој што баш дента првпат слушнал за Game of Thrones. Многу мрзливо, аматерски и глупо избразано. Замисли седум години да градиш куќа со сипорекс блокови и на крај монтираш сламен кров. Сред бура, онака.
Оттаму и денешниот срамен статус на серијата. Сметај колку треба да е горчлив вкусот останат за во Game of Thrones дискусија денес прво ова да го спомнеме пред тоа кланицата на свадбата во трета сезона. Среќа таквите дискусии се многу ретки, зашто никој веќе го интересира Game of Thrones. Само онака уморно ќе си воздивнете.
Веќе бев емотивно дистанциран од серијата некои две сезони наназад дека веќе почна да тупи малку, па целата таа последна сезона и финалето не ме растрои толку како некои други. Да бев нешто повеќе инвестиран ќе кенкав и јас кај ќе стигнам уште тогаш. Ми беше само комично со каков интензитет се скурца толку фин производ што за малку можеше да се впише во историја како телевизискиот еквивалент на Lord of the Rings. Еве, и после повеќе од година серијата се памти претежно по лошо. А, се сомневам дека времето ќе успее да ја поправи сликата.
Секако, ХБО инсистираат на нови Game of Thrones серии, ама мислам дека попрво Џорџ Р.Р. Мартин ќе ја доврши The Winds of Winter пред да излезе нешто што ќе е прифатливо како оригиналната. Сигурен сум дека брендот уште има посветени фанови што би сркнале било што и покрај тоа што крајот на серијата испадна таков каков што испадна, меѓутоа ми се чини дека пошироката публика е веќе изгубена.
No comments:
Post a Comment