Петнаесет години откако е излезен кецот, во 2022 првпат изиграв Assassin's Creed игра. Мислам, не сум без ич, ама не верувам дека се важат тие саат време вкупно потрошени на првата и Assassin's Creed: Syndicate. Не знам како сум го пропуштил серијалов, особено покрај толку луѓе околу мене што уште фанатично ја играат секоја нова овие години. Веројатно толку ја дрвеле околу што упорно сум ја филтрирал, онака наивно. A, aко си ме слушал мене во живо за фолклорните мотиви во World of Warcraft, јасно ти е колку лесно може да ти се збоктиса нешто.
Сè што воглавно знаев за Assassin's Creed до пред некој беше нешто што сум фаќал од муабети. Франшизата е толку популарна што веќе е "општа култура". Знаев дека е некоја фиктивна интерпретација на легендарниот Ред на Асасини што некогаш вршел атентати низ Блискиот Исток, знаев за Анимусот и научно-фантастичните елементи и главниот штос и ништо повеќе. Фатив нешто дополнително од кецот, ама толку касно ја пуштив во животов што ми требаше некоја "помодерна" варијанта на играта. Така и го избрав тоа што е наводно најпопуларно од серијалот - трилогијата со Ецио Аудиторе како главен лик.
Трилогијата почнува со Assassin's Creed II и е сместена за време на Италијанската ренесанса, за разлика од првата игра која што се случува во годините од Третата крстоносна војна, а следи и различен лик. Во двојката си Ецио Аудиторе. Благородник од Фиренца кој ќе се вплетка во едно подземје исполнето со заговори, интриги и брцање луѓе со остри предмети по плоштади, во обид да ја одмази смртта на семејството. А, кој сè како и зошто е инволвиран за месетенката на семејството Аудиторе е нешто што постепено ќе го откриваш во ова мало ремек-дело од игра.
За да биде уште жанровски повозбудливо, ти всушност Ецио го играш преку друг лик, Дезмонд, кој во време поблиско до денешново е приклучен на софистицирана машина за виртуелна реалност наречена Анимус, која му дозволува на корисникот да ги доживува сеќавањата на неговите предци, впишани во неговата ДНК. Не знам како толку години ми требале да загризам за овој забеган концепт, ама ете сме - стигнавме до тука.
Ецио оперира тајно низ Фиренца, Венеција и други помали места низ Италија. Мораш да си тивок и речиси невидлив, па затоа поголем дел од играта ќе го поминуваш скокајќи по кровови, ќе се бесиш на фасади и огради. Паркурот е феноменално изведен, околината е така скроена да секое движење ти е природно и флуидно. Кога си на улица, можеш да се мешаш со гужви за да останеш недетектиран од стражарите кои постојано те бараат, да се криеш со сено или да најмуваш куртизани и улични крадци за да создаваш диверзии и дистракци. На располагање имаш и димни бомби ако работите излезат надвор од контрола.
Некогаш и крововите не се безбедни. Некогаш и таму има стражари кои ги чуваат од будали што висат и рипаат по нив. Секој од овие елементи одлично е скроен за да ти ја зајакне улогата што ја имаш во играта. Можеш да ги вршиш мисиите и со бучно крвопролевање, ама е далеку позабавно кога ги комплетираш нечујно и тактички. Не сите секако, некои не само што бараат да си комплетно дискретен со атентатите, туку и се ограничени со време.
Таквите знаат да се многу покомплексни од "обичните". Пример, има една мисија каде што треба да се прикрадеш до брод без да те видат стражарите. Тоа мислам дека саат и пол се обидував да го завршам. Метата ја чуваат неколку стражари, па мора прво да се ослободиш од нив за пристапиш. Има повеќе начини, па мора да пробуваш различни стратегии пред да си успешен. Во повеќето е така додуша, ретко имаш линеарна патека за како да ја завршиш мисијата. Играта ти ја нуди нејзината околина на располагање и можеш да си многу креативен.
Ми се свиѓа и оној системот на озогласеност. Колку повеќе стражари (или цивили, најчесто колатерална штета) ќе убиш, толку си повеќе баран низ градот. Кога стражарите те бараат тогаш побрзо реагираат ако те забележат, па мораш да ги одлепуваш постерите со твојот сурат низ градот, да ликвиридаш благородници за да си го исчистиш името или да ги подмитуваш предвесниците кои гласно зборуваат пред народот дека се ашкаш низ нивниот град. Има еден куп вакви јаки механики и ситници што го прават градот уште толку пожив. Дури и луѓето околу реагираат на тебе кога ќе почнеш да се качуваш по објекти. Те покажуваат со прст и коментираат.
Покрај главната мисија, имаш еден куп работи за правење. Да решаваш разни загатки што откриваат дополнителни детали за заговорот и конфликтот, да бараш гробници, да помагаш на кутрите жители на Фиренца, Тоскана и Венеција, а секако да извршуваш и атентати кои не се дел од примарниот наратив. Изиграв повеќе од четириесет саати до сега, а со ситнициве што се располагање не сум ни до пола. Запрепастен сум колку обемна содржина има во играва.
Приказната е исто феноменална, ама во оваа прилика не би навлегувал. Можеби има уште некој таму што никогаш немал контакт со серијалов и не би сакал да расипам нечие исуство. Ецио, а и споредните ликови, се одлично напишани и уште не си качил на три тераси, веќе си инволвиран во нивните случувања и животарење. Главното дејство се лупи бавно и едвај чекаш да видиш во кој правец ќе отиде следно. Крајот на Assassin's Creed II е еден од најдобрите кои ги имам видено во игра. Не очекував таква ескалација и мило ми е што сите овие години сум успеал да не го дознаам ова.
Јако ми е како игра од 2009 изгледа толку современо. Мислам, не само технички и визуелно, туку и со инвентивните механики што сега сфаќам дека се одговорни за многу други понови наслови како Arkham серијалот, Red Dead Redemption 2 или новата Tomb Raider трилогија. Остана ли некоја игра денес што нема некоја варијанта на "eagle eye"? Дури и тој системот на "гробници" во новиве Tomb Raider ми личи како да е комплетно дрпнат од Assassin's Creed. Еве, конкретно Arkham сега ми личи како некој да рекол направете Assassin's Creed игра, ама со Бетмен. Ова ли го конташ во 2022, Бојане?
Едвај чекам да ги играм другите. Ецио трилогијата сигурно ќе ја спукам наскоро, а се надевам дека ќе фатам нешто од останатите пред да излезе Dragonflight. Веќе ја спремив Assassin's Creed: Brotherhood да видам како продолжува приказната и како серијалот еволуира креативно од технички аспект. Можеби некогаш ќе се навратам и на кецот чисто само да си ја склопам наративната слика. Се надевам дека ќе излезе ремастерот до тогаш.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment