December 25, 2016

Ништо не е свето во Rоguе Оne: А Stаr Wаrs Stоry

Мило ми е некако што можев да се изолирам на безбедно место каде што алчните раце на Дизни не успеаа да ме повлечат во конзумерското торнадо и изнасилената возбуда од Rogue One, еден од многуте бездушни Star Wars продукти кои ќе се штампаат долго по крајот на нашето мизерно постоење. Во кино завршив со изгледан еден тизер трејлер и неколку постери. Остатокот ефикасно го исфилтрирав. Види, не е апсолутно ништо ново дека франшизата продава. Продава, и тоа многу. За моето соучествување сведочат сите овие фигурчиња, маици, книги, борд гејмови и слични гомна што ги гледам околу мене во "редакцијава" додека го пишувам ова.

Откако Лукас си го продаде чедото на корпорација што упорно се стреми кон профит дури и со продолженија на The Lion King, само го чекав моментот кога магијата на Star Wars ќе прерасне во индустриски производ, вештачки создаден за да може поширокиот пазар полесно да го прифати. The Force Awakens, првиот ваков експеримент беше успешен. Веројатно главната причина беше тоа што последниот пат кога се случи Star Wars на големо платно, ја остави публиката огорчена. Барем поголемиот дел. 


Ова не беше мистерија за новите сопственици на Star Wars, па испорачаа филм каков што истата таа публика сакаше да види. Скрпија посвежа верзија на истата приказна, безбеден пристап кој повеќе беше како "мек рибут" (ова е збор сега во индустријата за прикривање на недостатокот на оргинални идеи), меѓутоа духот на Star Wars беше толку добро емулиран и симпатичен, па замерките ми беа минимални. После една година, уште мислам дека The Force Awakens е добар филм и сигурно би останал таков и кога би бил единствениот Star Wars филм воопшто. 

Додека Rogue One... Не знам од каде да почнам. Филм со дејствие сместено настрана од Скајвокер фамилијата поради која трпи целата Галаксија, го раскажува оној дел од Star Wars митологијата каде што бунтовниците ги крадат скиците за првиот Дет Стар од A New Hope, со чија помош отпорот успева да го уништи најстрашното оружје на Империјата. Очекувањата ми беа минимални, но бев спремен за филм скроен да ми се допадне. Огромна машинерија која добро го истражила пазарот и желбите на нас потрошувачите напалени на Star Wars не може да згреши, нели? Погрешно. 


Филмот се распаѓа уште на самиот почеток, кога претставниците на Империјата слетуваат два километри од дестинацијата каде што се кријат луѓето по кои се дојдени, давајќи им време да се спасат (спојлер: не се спасуваат сите) и тука беше првиот момент кога со другарчињата се погледнавме меѓусебе со "Зошто?". Веројатно поради тензија и драматичен ефект, но кога филмот ти дозволува да ѕирнеш зад таквата завеса, станува смешно. Не престанува тука, зошто таква исфорсирана театралност е присутна низ целите два напорни саати. Ми ги поду јајцава Rogue One со тоа. Седев во единаести ред, а можев да ги допрам тие во седмиот.

Не ми смета толку "мрачниот тон" на филмот. Визуелниот аспект е сосема океј, валкани Стормтрупери, депресивни сокачиња, прав насекаде. Но, ова ли е тоа што сакаат да го продадат како "воен филм"? Не само што ги гледаш конците со кои Мики Маус се обидува да направи куклена Star Wars претстава која ќе биде различна од шарена бајка во вселената, туку е толку досаден што во еден момент гледав во плафонот на киното и размислував за тоа како е поставена централната клима и како позицијата на сијалиците би биле кошмар за некој со опсесивно-компулсивно нарушување. 


Тимот со бунтовниците е толку набрзина составен што во ниту еден момент не почуствував дека тие неколку дводимензионални ликови припаѓаат и функционираат заедно. Ниту имињата им ги запамтив. За никој не ми беше воопшто грижа, а очигледно и на сценаристите, зошто гинеа кога веќе немаше место за нив во приказната. Не можам да најдам логика зошто Форест Витакер реши да умре толку глупаво. Не умре ни за каузата на отпорот, не беше ни повреден, едноставно се предаде без никаква поента и жртва. 

Но, им требало црнец во филмот поради диверзитет и пазар, па ете. Исто како што има азијат во Rogue One за да ги замолчи оние што се жалеа дека немало кинези во The Force Awakens. Кога првпат го видов Дони Јен, мислев дека неговиот лик ќе послужи како мудриот, продуховен, стереотипен монах кој ќе ја окуражи постојано потресената Фелисити Џонс со некој моќен дијалог. Освен тоа беше и слеп, па мислев дека ќе извади сејбер за да биде нешто како Затоичи во Star Wars универзумот. Цело време чекав да се одвои како некоја Кеноби фигура која ќе им даде морален компас на изгубените ликови. Но, не. Само мантраше "I'm one with the Force, and the Force is with me" низ цел филм, повеќе отколку што можев да издржам. 


За ликот на Фелисити Џонс филмот не кажува ништо. Ја гледаме како мало девојче кое родителите го кријат од Империјата и после е голема, доаѓа кај бунтовниците и пробува да се здобие со нивната доверба. Па, лоши вести сестро, ликовите во филмот те познаваа исто колку и ние во публиката. Но, кинезот мудрец ѝ веруваше, па ете, приказната можеше да се придвижи во уште подосадна насока. Сериозно, каде беше возбудата во филмов? Во кој момент требаше да потстанам од седиштето? 

Дали кога го видов Вејдер или компјутерски генерираниот Таркин? Дали кога се појави Леа на крај и филмот "се врза" со нашиот Star Wars? Битката на плажата за која ентузијастички требаше да викам "Еј, многу е јако ова! Star Wars е, ама ко воен филм, брааат, го спасија Рајан!" и да игнорирам дека паралелно на тоа се случува грабеж на дата центар кој се коси со секаква логика? Во свет како што постои технологија за штит на планета, некој рачно треба да помести антена за да испрати порака. Филмот ми ги буташе во фаца сите работи што ги знам за Star Wars и ми се познати само од оргиналната трилогија. Што ново донесе? Што има во филмов што ќе се одвои и еден ден ќе можеш да кажеш дека тоа си го видел во Rogue One


Дури и The Force Awakens кој е практично римејк, имаше некои елементи кои си беа негови и си припаѓаа. Овде не знам ни луѓето како се викаат, ни што беше нивната улога. Да не почнувам дека нема никаква хемија меѓу нив. Види како е тоа добро изведено во The Force Awakens. Не можам да ги заобиколам споредбиве, ама во моментот кога сите нови ликови се среќаваат еден со друг, па дури и со старите, веднаш кликнува нешто измеѓу нив. Имаат и позадинска приказна, макар и да си ја видел Реј како си става шлем и јаде чудна храна за која собира старо железо. Кој беше и што правеше ликот на Фелисити Џонс? Ништо. Кенкаше цело време, како и сите останати.

Обидот за романса на крај беше посмешен од сите обиди за хумор преку тој големиот црн робот. Кого убедија дека два ликови кои ниту ние ги знаеме како публика, ниту меѓусебно се познаваат во филмот, може заводливо да се погледат и тоа да пројде како големо емотивно финале? Катастрофа. 

Првпат да ми е жал за Лукас. Како да не е жално кога гледаш како визија на еден млад режисер се претворила во ова. Не дека Лукас беше Месијата, напротив, приквел трилогијата шмукаше исто вака, меѓутоа имаше некаков уникатен печат на еден човек, наспроти гнасна корпорација која ја заболе што прави со Star Wars. Ќе секне и ова за некоја година, знаеш? Исто како "бескрајните" Марвел филмови. Ќе го молзат додека имаш снага да си фрлаш кофи пуканки во уста и после ќе се стиши. Но, за разлика од Rogue One, Марвел филмовите што Дизни исто фуриозно ги штанца, се забавни барем на тоа прво гледање. Ова не е.
 

1 comment:

Anonymous said...

Da de ti najkompetenten da kazish za starwars ko da ne znaeme so gledavme pa ni pojasnuvash. Macno dosadno review za citanje