October 25, 2021

Dune на Дени Вилнев

Трет пат ја прочитав Dune летово со намера да си го освежам предзнаењето за материјалот. Ја немав фатено во раце некои десетина години. Малку ми е смачено да слушам како е комплицирана за екранизација, колку е обемна, детална, богата и повеќеслојна. Иако тоа е точниот впечаток за книгата до некоја мера, верував дека е сосема возможно пристојно да се прешалта на друг медиум, а филмот на Дени Вилнев е тука да посведочи. Некако упорно се романтизира тежината на приказната и светот што го создал Френк Херберт, а филмот на Линч од 1984 нема баш многу помогнато да се одвојат во друг облик. 
 
Сепак, доколку не ја следиш книгата така религиозно, ќе видиш дека сега добивме сосема функционална модерна адаптација, а иднината ќе утврди дали визијата за Dune на Вилнев ќе се протне во историјата како капитално научно-фантастично остварување. Иако допрва доаѓа времето за маринирање, сега за сега тоа е единствената патека за филмот која можам да ја забележам. Одлуката да се расцепи првата книга на два филма е сосема логична, па иако официјално вториот дел во моментов е неизвесен, сигурен сум дека ќе се случи.
 

Вилнев не е вчерашен. Последните два негови филмови се темелат на изворен материјал и некако тоа ми влеа доверба дека можеби нема да промаши со Dune кога станува збор за пристапот. Од друга страна 2021 сме, денешните филмови прават некои сомнителни одлуки, па бев и малку претпазлив со очекувањата. Мило ми е што можам да потврдам дека не останав разочаран. Dune e прекрасно филмско искуство какво што имав подзаборавено дека постои. Како да сум пукнал меланж. Едвај чекам пак да го гледам.

Некои работи од книгата кои ти се потребни како основа која те внесува во светот на Херберт, се покриени со вешта експозиција, соодветно дозирани за да ги добиваш постепено без да те шлогира уште на почеток. Иако успева да изостави некои детали кои можеби ќе добијат третман во следниот филм, наративот се движи доволно мазно за да те остави со минимум прашалници во случај да не си запознаен со изворниот материјал. Оттаму имерзијата е значително олеснета, а начинот на кој е поткрепена со визуелниот јазик на Вилнев и аудио стимулот на Ханс Цимер, ја прави уште поинтензивна. 
 
Така удобно те позиционира во центарот на случувањата, да можеш прописно да го искусиш светот и кога ќе проба да ти издува врел песок во очи. Некои визуелни аспекти се толку незаборавни што уште ми е присутна тегобата во стомак од средбата со првиот шаи-хулуд. Ствари што можеби некогаш биле лимитирани од достапната технологија денес воопшто не се предзвик за да го поддржат овој незаборавен спектакл. 

Филмот согорува бавно, но во ниеден случај не го испушта моментумот и контролата. Вилнев ја користи секоја прилика за да ја навигира приказната напред, без постојано да се чувствува дека само гради основа за евентуалниот втор дел. Иако Dune не е замислен како самостоен филм, туку како прв чекор кон франшиза, содржински е доволно густ за да не одземе од искуството. Не знам како точно е ова пресликано кај публиката која не е запознаена со книгата, ама за мене функционираше баш таман. Многу повеќе од само предигра.

Кастингот е феноменален. Кога работиш со намера да создадеш филмско дело со потенцијал да ја обележи генерацијата, веројатно логично е да си внимателен и да бираш од актуелниот актерски крем, макар и дел од екипата да ти се фаци од популарни жанровски остварувања. Дискутабилно е ова секако, ама целата актерска гарнитура тука функционира одлично. Не знаев кој е овој Тимоти Шаламе до пред некој ден и сум изненаден колку е преполн со талент и шарм за да износи ваков главен лик. 
 
Оскар Ајзак е актер со широк глумечки распон и способост да ги доминира сцените во кои е присутен. Многу ми е ќеф што успеа да се отцепи од Star Wars "клетвата", па имаме прилики да го гледаме и во други филмови неоптеретен од сенката на ликот што веројатно го прослави. Џејсон Момоа има неповторлива харизма и баш го размрдува воглавно сериозниот тон на филмот. Сцените со Данкан и Пол ми се еден од омилените моменти од Dune. Дури и Зендеја фино се вклопува, иако нејзиниот лик ќе има поголема улога во следниот филм.

Dune можеби не е Lord of the Rings на оваа генерација како што многумина сакаа да го пречекаат, ама е свеж, квалитетен научно-фантастичен ескепизам. Веројатно и првата достојна адаптација на книгата на Френк Херберт што опфаќа доволно за да не се изгуби во сопствениот медиум. Останува да видиме колку филмот, а и целата планирана франшиза, ќе го положи тестот на времето. Во години каде што филмската индустрија е подинамична од било кога не е лесно да се одржиш над моменталниот бран, искрено се надевам дека Dune ќе триумфира. 
 
Види такоѓе:

No comments: