August 25, 2021

Двата Tomb Raider со Анџелина Џоли

Многу одамна имав некоја аверзија кон Анџелина Џоли. Нит знам колку било основана, нит денес можам да ја посочам точната причина, а чим сега го немам истото мислење веројатно може да заклучиме дека биле некои тинејџерски фазони што очигледно ми се надраснати. Не знам ни колку точно тој сентимент имал влијание врз моето мислење за тие старите два Tomb Raider филмови, ама сигурен сум дека си го направил своето за јас со години да им се мочам во секоја прилика. Добро, за вториот е сè уште оправдано. Ќе стигнеме до таму.

Првиот филм Lara Croft: Tomb Raider летово наполни дваесет години, а го немав гледано сигурно повеќе од десет. Го гасев и кога ќе начекав на телевизија. Да не се решев да го прегледам оној предосадниот Tomb Raider од 2018 пак деновиве, може никогаш немаше да го пуштам. Lara Croft: Tomb Raider секако го имам гледано повеќе пати на времето, ама ништо не памтев освен неколку сцени за кои не бев сигурен дали се од овој или двојката. Последново гледање сега мислам дека не трепнав. Ме закова на почеток и не ме пушти. 

Дали филмов бил отсекогаш вака забавен или мене ми се погоди таков во моментот? Сериозно, дваесет години е стар, полн е со глупости секако и не се доживува себе нешто преозбилно, ама успеа да ми биде забавен без носталгија како фактор. Или па овој од 2018 е толку лош и ми ја искриви перспективата? Не знам, ама сигурен сум дека ќе го гледам Lara Croft: Tomb Raider пак набргу. Мора да се негува оваа новооткриена љубов кон филмов.

Lara Croft: Tomb Raider е сè што адаптација на Tomb Raider игра би требало да биде во 2001. Убави егзотични локации, загонетни гробници, древни преданија и се разбира силна независна мајкоебачка Лара Крофт која во рацете има два пиштоли со неограничена муниција. А, дваесет и кусур годишната Џоли е совршениот избор за ваквата ноншалантна самоуверена Лара. Не би можел да замислам друга актерка што толку добро би можела да ја долови улогата и така да го пренесе ликот од старите игри. Не ми текнува ни денес која би можела да е волку добра Лара Крофт. Да знаеше младиот Бобо дека ова некогаш ќе биде напишано на Crapwerk, ќе си го избришеше цел блог.

Филмот се држи добро и од визуелен аспект. Веројатно сите локации се сетови, има практични ефекти, па не изгледа толку вештачки, ниту пластично. Освен онаму каде што има малку CGI, остатокот е сосема солиден и за денешни стандарди. Сум видел поскапи нови филмови што изгледаат поевтино од Lara Croft: Tomb Raider. Секогаш кога Лара Крофт "археологува" на својствениот начин, изгледа уверливо и го доловува духот од игрите. Јасно е дека знаеле што точно прават, иако огромен процент за така добро да "лепи" е благодарение на Анџелина Џоли. Бриши блогот, Бојане.

Приказната е исто кул. Tomb Raider концептот е многу повеќе од женски Индијана Џонс, па веројатно може да си дозволи повеќе излети во фантастика и послободно да ја испушти логиката за момент. Повторно, ова не е филм што се труди да биде сериозен, туку точно знае до каде може да се спружи. Барем така сакам да верувам, можеби и не е намерно ваков каков што е. Сепак, стилски си оди во полза и некако магично ја има погодено формулата за лесна забава. Што повеќе може да бараш од Tomb Raider филм, жити се?

Од друга страна пак, вториот дел Lara Croft Tomb Raider: Cradle of Life (што е со долгово име, не знам) потфрла баш во моментите кои го прават првиот толку забавен. Разбирам дека имале само година-две за да скрпат продолжение, ама насоката во која оди филмот некако не ми се поклопува со тоа што сакам да го гледам во Tomb Raider филм. Почнува супер, не го ни памтев што точно беше претходно, ама е толку бучен што веќе пак го заборавив.

Повеќе од пола филм е позициониран во урбана средина, таму е голем дел од акцијата. Некој решил и самата акција да ја дуплира, па така што ова повеќе личи на генерички акционен блокбастер од пред дваесетина години отколку на Лара Крофт филм. Не знам чија била одлуката ја да извадиш Лара од "работно место", ама дефинитивно не функционира. На моменти се труди да наметне и посериозен тон и воопшто не му стои.

А, како можеш да настојуваш да си сериозен кога во првите седум минути од филмот Лара Крофт удира бокс на ајкула што под вода испушта крици како диво животно, па после ја јавнува да ја повози низ океанот? Апсурдно е. Јасно ми е зошто Lara Croft Tomb Raider: Cradle of Life му е последен филм на режисеров. На кој не би му било глупо од ова. Истиот режисер на Speed со Сандра Булок и Кијану Ривс е, патем.

Ако ја сметаме таа сцена за добра, што и навистина е, има и уште една каде што мали кинези гледаат синхронизиран Спонџбоб. Не станува подобро од тоа. Останатото е Анџелина Џоли и Жерард Батлер пукаат со ствари, пробуваат да глумат сексуална тензија и возат мотори низ Кина. Има и една сцена кога Лара Крофт вози малку со моторчето по Кинескиот ѕид што можеби и во 2003 изгледала исто вака лошо, не знам. Не се ни сеќавав на ова. Не се ни трудев да се сетам, чекав само да заврши филмот. Музиката е исто неподнослива и само дополнително ми ја пукна главата.

Како и да е, среќен сум што му дадов на првиот филм ваква свежа шанса. Ми го збогати и онака финиот дождлив ден. Вториот е веројатно на исто ниво со Tomb Raider од 2018, ако не и полош. Којзнае дали има иднина ваква филмска франшиза. Би сакал да се случи уште еден филм со Алисија Викандер пред неизбежниот рибут, ама ќе видиме. Ќе има и некое Tomb Raider аниме наскоро, наводно исто така базирано на новата трилогија игри. Баш ме интересира како би функционирала Лара Крофт во таков формат.

Види такоѓе:

No comments: