March 5, 2020

Ретроспектива на Demolition Man

Прејако беше да си дете во девеести. Гледавме филмови нон-стоп, ако ништо друго. Палиш телевизор и во сред бел ден ти иде филм со Сталоне или Шварценегер. Секој втор ден така. Златното доба на тогашните скопски локални телевизии кои емитуваа пиратска содржина од подрум. Ако решиле да пуштат нешто друго, некој во маало обавезно располага со касети нецелосно преснимени Rambo III или True Lies од телевизија, па не си оставен без твоите акциони херои. Генерации растеа вака.

Сталоне во девеести има фасцинантна филмографија. Речиси сите жанрови ги опфаќа. Ништо не е со завидлив квалитет, а сè е ултра-забавно. Многу од тие денес имаат култен статус, дури и хумористичните излети како Oscar и Stop! Or My Mom Will Shoot. Можеби не како највпечатливи жанровски остварувања, ама сигурно како Сталоне филмови. Еден таков од оваа Сталоне ера е научно-фантастичниот акционен Demolition Man (1993), познат и како филмот поради кој Денис Родман си ја фарбаше косата шарена.


Сталоне е Џон Спартан, посветен заебан џандар, а Сајмон Феникс на Весли Снајпс е насилна будала со особен интерес за убивање недолжни. По еден инцидент каде што ќе загинат многу заложници на Сајмон, некако и двајцата завршуваат во затвор каде буквално се замрзнати на 70 години. Крајно дискутабилен правен систем во далечната 1996, подеднакво сомнителен како адвокатот на Спартан кој дозволил таков полицаец да добие иста казна со манијакален криминалец, но ок. Филмот подоцна треба да ги соочи двајцата во иднина каде што не припаѓаат и тоа е тоа. 

Сајмон се буди пред време, некои триесетина години подоцна, во свет комплетно различен од неговата 1996. Во Сан Анџелес е сè мирно, идилично и речиси утописки. Општеството толку многу напреднало за триесетина години што веќе нема криминал, графити, холестерол и пцуење. Сè се снима и лесно може да добиеш инстантна казна од соодветен апарат во близина. Целиот свет во Demolition Man има ужасно симпатична естетика, дури и фантазира за некоја технологија што денес е реалност. Граѓаните се исклучително примерни, па полицијата нема ни огнени оружја, туку се опремени со глупи палки кои се особено бескорисни против будали како Сајмон Феникс. Веќе погодуваш кој е единствениот човек во овој нов свет кој може ефективно да го сопре. 

Спартан е исто одмрзнат и инстантно вработен во полицијата со единствена мисија - да го улови Сајмон. Спартан е и од друго време, па филмот супер го користи тоа за повеќе пати да ја спроведува "риба на сувo" тропата. Има една прејака сцена кога Спартан се жали дека немало хартија во тоалетот и сите му се смеат, бидејќи нели ова е далечна иднина и хартијата е заменета со некакви "три морски школки". Па, Спартан пцуе неколку пати во автоматот што печати казни за вулгарен јазик и заминува назад во тоалет. Demolition Man не е филм на Верховен, ама некогаш се стреми да има таков сатиричен тон и воглавно е ефикасен. Освен кога безобразно рекламира ланци за брза храна, можеби.

Светот во кој е сместен некогаш е напукнат од нелогични детали. Иднината која би била многу поубедлива доколку е подалечна. Не може ликови кои се повозрасни и биле живи во времето пред Џон Спартан да ставен во суспендирана анимација, сега да се чудат на неговите манири и постапки или да ги осудуваат. Зарем такви радикални индивидуални промени за толку кратко време? Разбирам дека во полициски филмови сценарстите сакаат да имаат некој надреден серко што постојано ќе се конфликтира со главниот лик, ама тука во контекст на временскиот период не функционира баш. Контам дека не е филм што се третира себе пресериозно, ама сепак.

Општиот амбиент на филмот, досетливиот хумор, Денис Лири, музиката на Елиот Голдентал и по сите акциони стандарди феноменалните перформанси на Сталоне и Снајпс, не дозволуваат да биде демолиран дури и кога најсилно ќе се заклати. Demolition Man е презабавен и покрај тоа што располага со еден тон глупости, ама па од денешен аспект многу од таквите придонесуваат да изгледа така шармантно. Ова е филм од најдобрите денови на Сталоне. Кога можеше сам да износи било што само поради тоа што е Сталоне. Како таков, го сметам за еден од неговите најдобри. Нема денес веќе вакви филмови, ама за среќа минатото чува доволно.

No comments: