July 6, 2021

Забавно ѓубре на неделата: Willy's Wonderland (2021)

Ако "кејџсплоатација" сè уште не е поджанр, тогаш е време да се официјализира како таков. Озбилно, што се случува со Николас Кејџ годиниве? Од мејнстрим ѕвезда, Оскар, преку предмет на потсмев поради прифаќање секакви улоги за да раздолжи финансиски долгови - денес си владее на Б-филм сцената. Барем таков ми е впечатокот. Не му ја следама ктивно кариерата, ама упорно го начекувам во филмови со исклучителен потенцијал за стекнување на култен статус кај специфична публика.

Може да ја дебатираме неговата харизма и таа една иста доминантна емоција што му е непроменета дваесетина години, ама Кејџ е сосема солиден актер. Сакам да верувам дека процепите во неговата кариера не се само производ на неговиот актерски опсег туку на чиста незаинтересираност да се вложи во шкарт. Им се случува на сите професионалци. Не си секогаш исто мотивиран кога работиш глупости.

Годинава се истоварија неколку забавни ѓубре филмови, пример како Army of the Dead на Зек Снајдер и Love and Monsters на некој режисер што немам појма кој е. Првиот често го губеше идентитетот обидувајќи се да се продаде како нешто повеќеслојно, додека вториот премногу беше наслонет на познати жанровски тропи кои му ги гушеа оригиналните ноти. Не дека Willy's Wonderland има премногу заедничко со овие два, сите се поинаков хорор поджанр, ама имаат сличен сензибилитет.

Willy's Wonderland повеќе припаѓа во Б-хорори од осумдести. Влијанијата се очигледни, ама е повеќе од обичен омаж. Веројатно повеќе црпи од Five Nights at Freddy's игрине. Николас Кејџ е мистериозен ќутлив човек што очигледно сака да си го пичи "камарото" како ненормален додека еден ден не му се дупнат гумите во една мала реднечка вукојебина каде што ќе налета на куп фаци каратеристични за хорор наратив сместен во такво подрајче. Си го видел веќе ова, знаеш дека нема да е арно.

Мајсторот што ќе го собере Кејџ откако ќе му се дупнат сите гуми е исто класика, такви сегде ги имаш - ќе те одерат со цените за поправка. Бидејќи местото нема банкомат, а кој користи кеш во 2021, мајсторот ќе му предложи да одработи една ноќна смена како хигиеничар во напуштен забавен центар, Willy's Wonderland, кој наводно се спрема да отвори повторно по низа трагични несреќи. Секако, таков локал во ваков филм не може да е обичен, туку навечер аниматронските маскоти оживуваат и сакаат да си замезат човечко месо. 

Без многу спојлери, присуството на Кејџ во центарот не е случајно, туку е насанкан од мештаните да биде следната жртва за принесување на мрачните сили што го запоседнале Willy's Wonderland. Меѓутоа, тие не се свесни дека ова е сепак Николас Кејџ, страшно нафуран да им се наебе на сите оживеани аниматроници што сакакат да му наштетат додека си рекол "дино парк". Ги претепува со метла, им ги корне електронските 'рбети, па си ја користи работната пауза со ладно пивце и пинбол. Воопшто не е загрижен од ситуацијата, демонските сили се затворени со него - не он со нив.

Паралелно на ова, група тинејџери од истото гратче се труди да му помогне да се спаси од станување храна за Willy's, ама на Кејџ последното нешто што му треба е таков тип на помош. Му требаат само пари да си ја среди колата и да одјебе, па си одработува сталожено и без збор. Си млати механички антропоморфни животни до последен штраф со писоари и слично. А, кога ќе си ја избербати службената маичка, си облекува нова.

Филмот малку се затромавува кога ќе реши да ги воведе тинејџерите чија главна намена очигледно е да бидат убивани од опседнатите маскоти. Тука забегува од лентата во која вози, најмногу поради тоа што е многу несмасно направено, со ситуации кои апсолутно не одговараат во ваков сетинг кој не е баш класичен слешер филм. Некои од ликовите после три минути забораваат зошто се дојдени во Willy's Wonderland. Не барам реализам, туку само наједноставна логика и разум при некои постапки. Не дека премногу штети, ама успорува фин моментум. 

Иако со ваков концепт можело многу повеќе - Willy's Wonderland е забавен барем за едно гледање. Николас Кејџ е кул, акционите сцени се забавни и има исклучително мангупски саундтрек. Озбилно, обрни внимание на музиката - ептен јако си вози, и темите од Willy's и остатокот што се провлекува низ целиот филм. Ако ништо друго, Willy's Wonderland ме буцна да фатам да ја чешлам филмографијата на Николас Кејџ од последниве години во потрага по некои вакви ствари со сомнителен квалитет, така што ете ми филмска занимација за летово. Ќе му ги изгледам сите глупи филмови.

Види такоѓе:

No comments: