Сигурен сум дека никогаш нема да има друга филмска акциона ѕвезда како Шварценегер исто како што сметам дека нема да се повтори ни спортска фигура како Мајкл Џордан. Притоа, не мислам само на нивното професионално достигнување, туку и на пробивањето на тие рамки и стекнувањето трајна препознатливост и кај оние кои не следат филмови или кошарка. Разбирам дека времето е различно, ама ако е некакво мерило - денес не секој што ќе го сретнеш знае да ти каже кој е Леброн или Двејн Џонсон. Затоа и мислам дека таквите легенди како Шварценегер ќе останат незаменливи и ќе бидат вечна референтна точка за секој следен после нив.
Шварценегер е еден од акционите херои кои ја обележаа таа ера на бескомпромисно насилни спектакли во филмската индустрија. Последниот сеакако не е, најмалку уште еден го дели тоа место. Сталоне е запишан во истата историска графа и плус е дел од најискрената детска деевеести дебата за кој е појак и кој кого ќе истепа, ама лично некако повеќе сум го преферирал Шварценегер. Барем онака за нијанса, ако фактот што го сметам Terminator 2: Judgement Day за еден моите топ три филмови на сите времиња може да се нарече нијанса. Тенка е линијата во секој случај, ова е како да треба да бираш меѓу Пачино и Де Ниро, ама е исто така е и тема за друг ден.
Изминатиов период сум на Шварценегер филмски маратон. Мора тоа да се испочитува барем еднаш годишно. Со тоа што овојпат му ги заобиколувам најуспешните и се фокусирам на овие позаташканите како Last Action Hero и оној шашавиот период од средина на девеести до Collateral Damage и гувернерувањето. Некои како End of Days имаат прелошо остарено, мислам дека веќе никогаш нема да ги пуштам пак. Last Action Hero е најфасцинантен од тоа купче финансиски порази, а и ми е веројатно омилен Шварценегер филм од девеести што не е Terminator 2 или True Lies.
Кога бевме деца Last Action Hero најретко можеше да го начекаш на телевизија. Три пати неделно ќе ги пуштеа T2 и Twins, а овој беше малтене митски. Едно време не ни знаевме како се вика, го викавме филмот со детето што влага во Шварценегер филм. Сега кога ќе ми текне, може и да го имало во локалната видеотека, ама не сме го објаснувале доволно добро за да знаат што да нѝ изрентаат. Го бараш овој, а си дошол дома со Red Heat. Така што, празник беше да го начекаш Last Action Hero на ТВ, а ако не си го фатил отпочеток ќе треба да пројде време додека ја склопиш приказната. Милина.
Во 1993, Last Action Hero доживува катастрофален неуспех како за филм во кој главна улога е најпознатата холивудска фаца во тоа време. Има еден тон занимливи причини околу тоа, ама генерално се сведува на обидот малку повештачки да се склопи акционен Шварценегер блокбастер базиран на претходно успешни својства, формули и наративни тропи. Филм што е самосвесен за тоа што е. Идејата за таков мета-наратив е феноменална, проблематичната продукција на Last Action Hero поткопала многу од тоа што било планирано и замислено.
Last Action Hero e зачнат како сценарио на тогаш двајца млади неискусни дечки, Зак Пен и Адам Леф. Пен подоцна е инволвиран и во пишување на приказните за некои од првите X-Men филмови и The Avengers. Тоа сценарио со наслов Extremely Violent всушност било подиректна пародија на акциони филмови од осумдесети, воглавно на оние како Lethal Weapon на Шејн Блек каде што идејата било да се позезаат со одредени тропи карактеристични за жанрот. Набргу сценариото завршува во рацете на Sony кои решаваат да го претворат во високобуџетен акционен спектакл, па дури го вклучуваат и самиот Шејн Блек да помогне околу дообликување.
Extremely Violent ја напушта идејата за "стандардна" пародија и се претвора во Last Action Hero, со малку посатиричен пристап кон концептот. Главниот лик што оригинално бил базиран на Шварценегер, сега е толкуван од самиот тој. Sony биле решени да капитализираат на успехот на T2 и немале намера да штедат на супер-ѕвезди. Океј, освен на Алан Рикман. Го зеле Чарлс Денс место него, па носел и маица со натпис "Поевтин сум од Алан Рикман" на сет. Според есапот на Sony, ваков филм би бил сигурен хит. Сите го сакаат Шварценегер и тоа ќе биде доволно, зар не? Најмен и Џон МекТирнан, режисерот на Predator и Die Hard.
Сонот на Пен и Леф е остварен за кратко, пред продукцијата да заврши во вртлог од чудни идеи, креативни разлики и константни "поправки" на сценариото и да останат само трошки од нивниот концепт. Постојано се шалтале и луѓето кои работеле на сценариото, па дури и Кери Фишер била инволвирана во некоја етапа. Пен и Леф на крајот не ни добиваат заслуга за сценариото, туку само за приказната.
Студиото настојувало на акција со Шварценегер што апсолутно сите ќе ја сакаат и ќе може да ја гледаат. Целната група биле возрасни, а и деца кои тогаш биле премлади за Т2, a смееле да одат во кино на Kindergarten Cop. Се барало нешто измеѓу и биле сигурни дека ја погодиле формулата со Last Action Hero. Почнале скапа агресивна маркетинг кампања, се штанцало и брендирало сè и сешто - играчки, облека, храна, игри, па и еден пинбал што се пукаше и низ нашиве флиперници. Логото на филмот било залепено дури и ракета што тогаш била лансирана во вселената. Неверојатно е колку Sony биле убедени дека ова е следното големо нешто.
Сепак, раната верзија од филмот се сопнува кај тест публиката. Првите реакции биле очајни, па Sony во обид да си ја спаси инвестицијата нарачува доснимување и нова монтажа што завршиле непосредно пред официјалната премиера. Но, Last Action Hero уште бил хаотичен за пошироката публика, па е дочекан со слична реакција. Не само што не го остварува очекуваниот профит туку на крај пресметува и 30 милиони долари зијан. Тoа лето 1993 година медот го собира Jurassic Park, кој пак од страв да не биде срамнет од новиот блокбастер со Шварценегер, ја поместува премиерата недела дена порано.
Јас го сакам Last Action Hero веројатно од првиот пат кога сум го начекал, а низ годиниве научив само повеќе да го ценам. Да, тонално знае да откачи на моменти, не успева секогаш да го најде тој баланс помеѓу акција и филм за целото семејство, ама е забавен без престан. Можеш да приметиш каде студиото го "поправало" сценариото и како трупале референци и камео улоги само за колку да се најдат таму. Ги има Ван Дам, Шерон Стоун, Тина Тарнер, Иан МекКелен, Џим Белуши, па дури и Дени Девито како анимирана мачка. Ама, не можеш да ми кажеш дека сцената во која Дени го замислува Џек Слејтер како Хамлет не е подобра од секој Шварценегер филм од True Lies навака. Или кога Дени за да му докаже на Слејтер дека се наоѓаат во филм го носи во видеотека каде што ги дочекува постер од T2 со Сталоне место Шварценегер.
Или кога се разминуваат со Роберт Патрик како Т-1000. Има еден куп такви ситници кои се веројатно остатоци од оригиналното сценарио на Пен и Леф. Не сакам да кажам дека во некоја насока Last Action Hero е "препаметен" за своето време, можеби само оваа дистанца прави да изгледа така, ама што ако публиката тогаш што живеела во златното доба на акционите спектакли не била баш подготвена за пародија со малку нестандардна нарација и концепт? Можеби само повеќе сакале да гледаат диносауруси тогаш. Акциониот жанр и онака го достигнува врвот со Terminator 2 тие години. Тој филм и до ден денес е тешко да го надминеш.
После такво нешто, остварување како Last Action Hero е можеби и некаква природна насока на тој жанровски стил, иако луѓето што го работеле филмот не биле свесни за тоа, ниту имале таква намера. Од денешна перспектива, можеш и така да гледаш на ова. Приближно како што суперхеројскиот жанр кулминираше со Avengers: Endgame и профункционира на друго, речиси самосвесно ниво преку ствари како The Boys.
Иако девеесетите го поттурнале на страна, денес Last Action Hero може да се пофали со култен статус. Уште се наоѓа во групата на најпотценети Шварценегер филмови заедно со The Running Man, ама си има најдено публика, па дури и остварено профит откако е објавен за домашна употреба. Ако успеал да те ќари како дете, веројатно засекогаш ќе ти ја нуди истата забава. Артефакт е од детството во девеести, не знам како би го доживеала некоја помлада генерација. А, како што ги брои годините, Last Action Hero се обликува како мета-сведоштво за една школа на филмови која се заокружува баш во периодот кога мачно гурал низ полу-празните киносали.
No comments:
Post a Comment