После оној досаден апсурден нeред A Quiet Place на Џон Кразински бев сигурен дека со Hereditary ќе си поминам подобро. Не знаев никакви детали за приказната на двата филмови, ама не ме промаши она гласното воспевање на критиката и публиката низ целава оваа 2018-та. Тоа и ме натера да им дадам шанса, зашто сум крајно скептичен кога станува збор за понови хорор остварувања. Имам впечаток дека упорно се вртат истите теми и фори од пред милион години, само малку поразлично спакувани. Можеби и сум се презаситил од жанрот, а можеби филмови како [REC] и The Cabin in the Woods ме навикнаа на нешто поинакви хорор маневри.
Не ме плашат опседнати куќи и психопати со ладно оружје. Кул се, ама сме ги виделе безброј пати. Повеќе ме плашат несмасни сценарија и ликови како во A Quiet Place, ама тоа па можам да го добијам и со филмови кои не ни припаѓаат во хорор жанрот. Сакам филмот да ме фрли во соодветен амбиент, па језивото да дојде тивко и природно. Не да ме срипа од кревет со изненадна бука и визуелен стимул. Имам куче што може да ми го приреди истото.
Hereditary спаѓа во онаа категорија на атмосферични хорори. Уште од првите кадри можеш да осетиш како те гуши тензијата. Филмот те дави во одвратни чувства многу пред да почнеш да разбираш што се случува. Среќен сум што не изгледав трејлер и можев без предзнаење да уживам во тоа како споро согорува и ги штелува клучните точки и пресврти. Пола филм дури бев убеден дека е сосема друг тип на хорор каде што ужасите доаѓаат од малку поразличен извор, па затоа и во неколку наврати успеа да ме сопне на неколку наративни испакнатини. Имаше моменти кога мислев дека прави евтини грешки за понатаму само да ми посочи колку некогаш избрзувам со заклучоците.
Иако не сум претерано голем љубител на она во кое подоцна се претвора филмот, ја ценам идејата на Ари Астер. Се работи за млад режисер кој очигледно е добро израснат со жанрот, а ова му е првиот долгометражен филм. Сигурен сум дека тоа што претходно и самиот тој бил публика му има помогнато да ги сконта стварите што функционираат и да ги елеминира оние од кои сите ги превртуваме очите. Заради тоа и се потрудил да спакува повеќе "школи" и да им шибне негов печат. Не само до аспект на приказната туку и извонредното ракување со камерата и позиционирањето на кадрите. Некои сцени изгледаат како ведрата симетрија на Вес Андерсон да проаѓа низ стресен период и тоа е комплетно ефективно изведено. Голем дел од фината непријатност во Hereditary доаѓа баш од тоa видливо задевање.
Тони Колет е феноменална актерка. Ја памтев од два филмови претходно и немав претстава дека е способна да износи лик каков што е Ени. За некои од сцените што уште долго ќе ме прогонуваат е заслужен баш нејзиниот беспрекорен перформанс. Присуството на Габриел Бирн некогаш само по себе ми е доволно вознемирувачко, мислам, типот беше Сатаната во End of Days, така ми е врежан. Иако е еден од најприземјените ликови тука, пак успева да биде клучен дел од најголемите ужаси што филмот ги фрла во твојата насока. Помладите актери се исто супер, ме радува кога имаат талент наместо да те тераат да го пцуеш одговорниот за кастингот.
Доколку имав изгледано повеќе од два хорори од 2018, сигурно ќе речев дека Hereditary е најдобриот. Не знам, можеби и стварно е. Да тераше така до крај како што почна ќе бев нешто посигурен во заклучокот. Се надевам дека Ари Астер некогаш ќе сними психолошки трилер или напната семејна драма зошто очигледно го има потребниот капацитет. Hereditary не е типичниот шаблонски хорор дури и покрај познатите елементи, не е "страшен" и нема да те натера да спиеш со запалено светло и крстена вода, ама доволно ќе те унеспокои што веројатно ќе сакаш малку да си погледаш глупи цртани и смешни јутјуб клипчиња отпосле.
Види такоѓе:
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment