Не знам како тоа Дејвид Гордон Грин од инди драми и стонерски комедии се прешалта на доунаказување култни хорор франшизи. Не ни обрнав внимание чив е новиов The Exorcist: Believer што го кењаат наоколу и испадна негов бил. А, Blumhouse го планирале за уште неколку The Exorcist филмови ако му успеел. Изгледа некој тек сега ја научил лекцијата од Halloween Kills и Halloween Ends и сконтал дека Дејвид Гордон Грин и Дени МекБрајд не знаат да се справат со жанрот. Ќе мора да видам некој оригинален хорор материјал за да се уверам во спротивното. Ако The Exorcist: Believer е толку срање ко што зборат, значи маме ебале на две франшизи. Тој Halloween од 2018 и не беше толку лош како Kills и Ends, ама па не проба нешто свое за стварно да видиш каква е креативната моќ на тимот.
Пред Дејвид Гордон Грин да има прилика да се проба со брендот, паричката од Halloween му се падна на Роб Зомби. Пак редовно се трујам со хорори откако е календарски есен, па во отсуство на нов филм во франшизата (не дека ни спотребал) решив да дадам нова шанса на неговите римејци, иако активно му ги презирав од денот кога се појавија.
Се сеќавам колку ми беше смачено од тој бран на продолженија, препишуванки и општо експлоатацијата на "култна" интелектуална сопственост и знам колку накурчено му пристапив на неговиот прв Halloween од 2007. Не бев изненаден што испадна толку тапа. Досадна, соголена верзија на оргиналната идеја на Карпентер. Пола филм се труди да даде мотив на нешто што најдобро функционира кога е лишено од било какво рационално објаснување за постапките, а додека стигне другата половина што е онаков обичен генеричен слешер - веќе спиеш. Уште е истото срање, што значи не сум бил грешка, ама низ годините го гледав неколку пати демек случајно да не ме разубеди, додека двојката го имав баталено од прва.
Инаку, никогаш претходно не се погодило да спомнам на Crapwerk, ама скроз ми е цар Роб Зомби. House of 1000 Corpses и Devil's Rejects ми се многу драги филмови уште од времето кога се сметав за навлезен во жанрот и веќе ја билдав тогашната обемна дивикс колекција. Уште ги гледам повремено, уште ми се забавни, па дури и 3 From Hell ми е таман како заокружување на трилогија. Тој може ќе беше многу посаглам да излезеше едно десет години порано, ама Роберт изгледа го чувал како "стара слава" адут за кога ќе му опадне релевантноста како режисер или воопшто, кој знае.
Од некоја причина, првиот негов Halloween прави безобразно многу пари, па продолжението е неизбежно. Роб Зомби не ни сакал да го го снима. Кретенине браќа Вајнстин толку го притискале околу визијата за филмот да воопшто да не сака да соработува пак со нив. Го гледав како ги раскажува искуствата по поткасти и звучи како да било прилично непријатно искуство. Буквално секој ден го гњавеле со глупости, без да го остават да си тера како што мисли. Не е некој изговор за квалитетот на крајниот резултат, ама барем до некаде разјаснува зошто филмот никогаш не прави големи отстапки од шаблонот на Карпентер.
Е сега, двојката е веќе друг муабет. Иако накурчен и исцрпен од двајцана дебили со нивните секојдневни барања за филмот да биде како што тие мислат, Роб Зомби сепак се враќа за продолжение. Изговорот е дека не сака друг да му ја наруши визијата, ама во холивудски превод тоа значи ако веќе ги даваат парите, подобро сам да ги лапне отколку некој друг. Така и би. Работата на продолжението не била многу поразлична од претходниот пат, меѓутоа сега Роб Зомби некако успеал да си го тера своето и да избега што подалеку од сенката на Џон Карпентер под која браќата Вајнстин упорно настојувале да се одвиваат и овие варијанти на Halloween.
Во 2009 не сфатив колку било битно ова. Веројатно поважно ми било да го гледам истото по дваести пат. После години откако очигледно ми се смениле филмски преференци и ценам едвај два во целава франшиза, конечно седнав да го изгледам Halloween II без предрасуди и бев пријатно изненаден од тоа колку уживав. Неспоредливо подобар од првиот. А, ако е фер споредбата со другите од цел серијал, тогаш дефинитивно котира некаде повисоко. Замисли.
Слободниот израз на Роб Зомби во оваа прилика овозможува Halloween филм како никој друг до сега. Дали е тоа "вистински" Halloween филм? Да, па зошто да не. Ако критериумот е оригиналниот, тогаш веројатно ниту еден друг Halloween филм не е. А, Роб Зомби наместо уште една имитиција сега бира многу поразличен пристап кој меѓудругото му овозможува и фајронт од трилогија во која не ни сакал да учествува. Оттаму Halloween II некогаш е многу поблизок до неговата сопствена филмографија отколку серијалот, а пак успева да пренесе некои својства на оригиналниот кои останатите не успеваат.
Halloween филмовите претежно се чисти и уредни во еден специфичен аспект. Да, тематиката е сериски убиец и она што најчесто го прават сериските убијци, меѓутоа многу ретко било кој друг филм од серијалот се осмелил да се нурне во психолошките последици на жртвите кои го преживеале Мајкл Маерс. Во H20 и третиот прв Halloween има емотивно истоштена Лори Строуд, само секогаш отсуствувала сировоста која ќе смести такви емоции во преден план. Секогаш "акцијата" била во фокус. Дали е па тоа задача на Halloween филм воопшто? Да се занимава со пост-трауматските агонии на главните ликови? Можеби, можеби не. Сепак, Halloween II наоѓа начин да се спрaви со ваквиот човечки аспект кој ретко има солиден третман во слешер жанрот.
Разбирам како оваа "драма" може да одбие публика што е дојдена да го гледа Мајкл Маерс како коле наоколку, ама филмот не заостанува ни на тоа поле. Мајкл Маерс е побрутален и појезив од било кое друго продолжение или римејк. Не се ни трудев да размислувам дали е како што Џон Карпентер го замислил, зошто оваа варијанта е комплетно Роб Зомби дело. Тоа што оваа ѕверска будала се вика Мајкл Маерс, на моменти станува и неважно. Треба да си свесен дека си на друга територија.
Роб Зомби комплетно го менува и теренот за еден ваков филм. Наместо совршено спастрниот американски комшилук, Halloween II е гнасотилук распиштолен низ валкани болници, стриптиз клубови, полиња, шуми, па и во халуцинациите на Мајкл Маерс и кошмарите на Лори Строуд. Целокупниот амбиент е збогатен исклучително дозиран реднечки тон карактеристичен за Роб Зомби. Во цел овој контекст, докторот Лумис веќе не е загрижениот сочувствителен психијатар на Мајкл Маерс, туку оди по телевизиски шоуа да ја продава книгата и да печали од сензационалноста на несреќниот случај од првиот филм.
Halloween II колку што успева да допре недостигнат реализам во серијалот, толку и ги ескалира работите во комплетно забегани, бизарни, апсурдни насоки. Ова е Роб Зомби филм и одличен е ако го гледаш како таков. Тоа што користи веќе постоечки ликови за да ја раскаже приказната е малтене околност. Разбирам зошто ја дели публиката посветена на серијалот, ама требаше да преминам на другата страна за да ми стане јасно. Ќе се согласам ако некој тврди дека е добар слешер хорор, ама лош Halloween. Ќе се согласам и со поставката дека е лош филм и лош Halloween, сеедно. Не верувам дека постои некоја средина.
Немаше подобро време од сега за да се најдеме јас и филмот. Ем нагледан слешери со недели наназад, ем конечна презаситеност од серијалот. На тоа оди и моментот дека низ годините ми растел респектот кон Роб Зомби и начинот на кој ја изразува љубовта кон грајндхаус школата - и ете сме. Crapwerk го реоткри Halloween II во 2023. Не очекував дека баш овој филм што го отфрлав со години ќе ми влезе во ротацијата на слешери, а глеј сега сум сигурен дека ќе си поседи.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment