June 2, 2015

Predator: Dark Ages, краток фан филм

Знаеш што очигледно му фалеше на светот? Предатор да се бори со средновековни витези. Кој би рекол дека идејата може да испадне толку интересна. Наместо војници во тропска џунгла (или запотен Дени Гловер во Лос Анџелес) со огромен арсенал огнено оружје, имаш Темплари со мечови во маглива шума. Во Англија. Не сум најголемиот љубител на фан филмови, претежно поради квантитетот над квалитетот, меѓутоа Predator: Dark Ages е од оние што се двојат. Веројатно вака треба денес да изгледаат ваквите филмови. Технологијата е полесно достапна, а сајтови како Кикстартер ти дозволуваат да обезбедиш и некој динар повеќе од заштедениот џепарац од баба ти. 


Predator: Dark Ages не се обидува да измисли топла вода или да комбинира франшизи. Удобен е во идејата од оргиналниот Predator и само во дваесет и пет минути успева да долови слична тензија и атмосфера. Минус некој од ликовите да се мачка со лајна и кал. Еј, краток филм е, немаат многу време да разглобуваат дали "демонот" со кој се бркаат гледа инфрацрвено. Како за фан филм, продукцијата е џам. Режисерот знае што прави, актерите работат професионално, па и минималните ефекти што ги има ќе поминат кај некоја серија со нешто поголем буџет. Не е Game of Thrones, можеби од таму е инспирирана фотографијата, ама поминува одлично. И, без разлика што директно скока во акцијата, успеале да им дадат некаква задоволителна димензија на ликовите. Секоја чест ако ова е изведено со 5000 фунти.

Единствен проблем што го имам со филмот е крајот. Сериозно тоа беше начинот? Толку требаше? Туку, да не спојлам, на линков го има цел. Можеби е најдобриот Predator фикс додека Шејн Блек се чуди како да пристапи оргинално на многу едноставна идеја за продолжението во официјалната франшиза. А, во меѓувреме, режисерот на Dark Ages, Џејмс Буш, размислува да направи цел серијал во овој фазон, со тоа што секој филм би покривал различен период во минатото.

Види такоѓе: 

No comments: