January 7, 2017

Три сиромашни имитации на Alien

Деновиве приметувам дека е актуелен трејлерот за Alien: Covenant. Го изгледав неколку пати во обид да најдам нешто привлечно, меѓутоа секогаш ме оставаше само со разочарувачка воздишка. Изгледа како Ридли Скот да прави римејк на сам себе, измешан со Prometheus, само за да може да го продаде како свежа приказна. Зошто би сакал да го гледам ова? Само затоа што е ново? Верував дека Нил Бломкемп може да биде инвентивен, но очигледно неговата верзија на Alien ќе почека. Ако воопшто се случи нели, зошто малку се бавни новостите околу тоа.

Долго пред Ридли Скот да се труди да го сними истиот филм повторно и повторно, успехот и популарноста на првиот Alien инспирирале еден куп млади режисери да си ја пробаат шансата создавајќи нешто слично. Под "нешто слично" секако мислам на бесрамна копија на Alien, само со многу помал буџет. Во осумдесеттите, ова било честа практика, за што сведочат бројните шкартни имитации на сè што било популарно тогаш. Концепот на римејци и адаптации бил далеку од популарен, ама затоа Б-филм сцената на големо ги копирала успешните блокбастерски филмски остварувања.


Штанцале. Штанцале како македонско забавно порталче што штанца "10 знаци кои ќе ви откријат дека сте тотално Јарец во хороскоп" статии. Но, за разлика од нив, овие Alien испрдоци знаат да покажат квалитетна содржина во нивниот домен. Ако ништо друго, барем вредат за обидите. Можам да најдам некаква забава во нив, а особено што комплетно го задоволуваат мојот фетиш за хардвер во научно-фантастични филмови од 80-ти сместени во вселена. Скроз откачувам кога ќе видам сиви панели на брод, со милион шарени сијалички, копчиња, тастатури без симболи и CRT монитори со еднобоен текст. Ме раздразнува тој тип на "футуризам" во ваквите филмови и не можам да си помогнам. 

За оваа тура Alien имитации избрав три филмови. Два од нив, Galaxy of Terror и Forbidden World се продуцирани од легендарниот Роџер Корман, тип кој освен што е познат по нискобуџетни адаптации на Едгар Алан По и основање на култната продукциска куќа New World Pictures, бил ментор на режисери како Скорсезе, Рон Хауард, Копола и Џејмс Камерон. Дури доби и почесен Оскар пред некоја година за неговите достигнувања. Маргинализиран лик, меѓутоа има направено многу за филмската индустрија. Третиот филм е Creature, најмногу впечатлив поради улогата на Клаус Кински, актерот од римејкот на Nosferatu.


Galaxy of Terror, за разлика од сличните на него кои немаат проблем само да ја "позајмат" идејата на Alien каде што екипаж на вселенски брод е затворен во клаустрофобичен простор со грозоморно вонземско суштество, се обидува да биде оргинален. Да, сетингот е речиси ист, но овојпат не е едно суштество, туку секој член на екипажот е нападнат и убиен од нешто што е материјализирано од неговите најголеми стравови. Но, ете, никој на пример не се плаши за тоа како ќе си ја прехрани фамилијата или дали симпатијата го сака и него, туку нивните стравови се џиновски црви со пипци кои те силуваат до смрт. 

Иако со мал буџет, Galaxy of Terror изгледа пристојно. Има некои сцени на планетата каде што слетува екипажот и истражува древна вонземска пирамида кои би требало да те потсетат на LV-426, и не се воопшто лоши. Бонус поените за филмот одат и поради улогата на младиот Роберт Ингланд, години пред светот да го запознае како Фреди Кругер. Забавен факт за Galaxy of Terror е тоа што на филмот има работено и Џејмс Камерон, кој после неколку години ќе го режира Aliens. Чуден е животот, нели?


Во некои држави познат како Mutant и Subject 20, филмот затвора малa екипа во научна лабораторија на пуста планета. Буџетот бил уште помал од Galaxy of Terror, па некои места морале да ги искористат истите сетови што ги дизајнирал Џејмс Камерон. Толку биле без пари што користеле снимки од уште еден филм на Корман, Battle Beyond the Stars, кој патем е рип-оф на погоди што. Дури има и роботче што помага на екипажот, кое го гасат кога "зборува премногу". Сигурен сум дека и тоа е остаток од некој претходен филм на Корман.

И, стварно се гледа дека биле сиромашни, ама знам зошто. Сите пари се фрлени на неколку просечни голи цицки. Forbidden World има повеќе непотребна голотија отколку Метаморфот (одлично име за суштеството, патем, стварно е кул звучи), кој патем изгледа како џиновски пајак со глава на Ксеноморф. Недостатокот на било каква тензија и финансии за да снимат сцени како мутантот го убива екипажот, го прават за нијанса постерилен од Galaxy of Terror. Исто така има и неподнослива музика која никако не се поклопува со сцените, но на моменти и самото тоа придонесува за ненамерниот хумор во филмот.


Creature или Titan Find или зошто сите овие филмови имаат повеќе имиња, не ми е јасно. Мислам, не дека Alien не е Осми Путник во Југославија, ама сепак. Creature, за разлика од претходните два, испадна подобар, иако фокусот веќе ми беше опаднат. Не се гледаат вакви филмови по ред, меѓутоа овој успеа да ми го задржи вниманието и покрај тоа што мислев дека ќе го исклучам на пола. Од целава тројка филмови, овој е најблиску до амбиентот на Ридли Скот. Музиката, сетовите сe слични со оние на Nostromo, па дури и осветлувањето на сцените, се прилично солидна емулација. Барем во рамките на буџетот.

Ликовите не се толку нелогични, дури и актерите се трудат да глумат, оние кои, се разбира, не се Клаус Кински. Приказната е забавна, шаблноска, но сепак се обиделе да го изградат светот каде што се одвива, па ете еден фин плус. Ефектите не се воопшто лоши, сè до оној момент кога конечно во филмот ќе се појави суштеството кое изгледа како Ксеноморф костим склопен за косплеј, направен од картони за јајца и леплива трака. Истите луѓе зад ефектите во Creature, следната година работеле и на ефектите во Aliens.

No comments: