По одличните Prey и Predator: Killer of Killers, немав сомнеж дека Ден Трактенберг ќе убоде по трет пат. Овие два филмови ја доведоа франшизата во многу повитална состојба од претходно и Трактенберг изгледаше како некој што разбира како се склопуваат добри Предатор приказни. Двата филмови не отскокнаа премногу од оригиналниот рецепт на браќата Томас, меѓутоа познавањето и ентузијастичкиот пристап на Трактенберг создадоа услови вистински да проработат нови свежи идеи, нетипични за целиот серијал.
Но Predator: Badlands, третиот филм во оваа низа на Трактенберг, докажува дека сепак за експериментите постои некаков лимит и дека Предатор формулата има параметри кои не смееш да ги одземеш. Немав некои преголеми очекувања за филмот, ама бев загреан за гледање. Имав некоја доверба стекната со претходните два. Пропуштив IMAX проекција во комшилук со другари и ми беше многу криво. Сега кога конечно го изгледав, можеби и подобро што не бев. Немаше да се сопрам со јадење гомна цел пат за назад, ќе ме симнеа негде.
Со намера да се поштедам од спојлери, пропуштив да видам и дека Predator: Badlands е PG-13, што барем ќе ме припремеше за тонот на филмот. Не сметам дека Предатор филм треба да се воздржува од насилство и тематика несоодветна за помлади. Има доволно такви, а оваа франшиза најдобро функционира без да ја инхибира акцијата и да припазува да не вознемири некој кога ќе откорне нечиј р'бет. Причината за ова да е без R рејтинг е глупа, не прифаќам дека "немало потреба" поради тоа што филмот е полн со синтетици и вонземски раси наместо луѓе. Вистината е веројатно дека Дизни полакомени од успехот на претходните, решиле ова да го разводенат и понудат на поширока публика.
Ќе терам со спојлери од тука натаму, така што ова нека биде предупредувањето. Прво да расчистиме дека Predator: Badlands не е лош филм, барем не како оној на Шејн Блек. Има квалитети поради кои не би можел лесно да заврши во тој кош. Само е нефункционален како Predator филм, што е голема штета затоа што истиот тим во само три години покажа капацитет за многу повеќе. Секако е за поздрав третиот обид за различна приказна од светот на најпознатите ловци во фикција и тоа раскажана од нивна перспектива, меѓутоа ова овде е толку отцепено од суштината на Predator што не би имало никаква разлика доколку се викаше поинаку.
Кој сака да гледа Предатор со нагласени човечки особини што наместо да го лови пленот по кој е дојден, се спријателува и сочуствува со роботи и слатки животинчиња кои се тука присутни затоа што Дизни упорно го бара следниот "бебе Јода" продукт? Јас не. Не ги гледам овие филмови поради семејната динамика на Предаторите и нивната чувствителна страна. Сакам да гледам како пленот се справува со ова како закана, или ако веќе моравме да го видиме аголов, како еден ваков ловец ќе триумфира и ќе докаже дека го заслужува местото во неговиот клан.
Ликот на Дек е несоодветно напишан и обмислен и не можеш да навиваш за него колку и да се трудиш. Кога ќе видиш, татко му беше во право. Дек е срам за кланот, баш како што и самиот филм ја нарушува честа и угледот на франшизата. Верував дека Трактенберг може повеќе од приказна за тинејџер избеган од дома чиј бунт против родителите вклучи и напуштање на сопствената традиција. Демек јаката опресија, па еве Дек се еманципираше и се сврте против својот затуцан народ.
Со феноменалниот сетинг на располагање, Badlands комотно можеше да биде еден од најдобрите Predator филмови, доколку Дизни му ги немаа врзано јајцата на Трактенберг. Потенцијалот е неверојатен. Опасната планета е еден од најзабавните аспекти на филмот и сигурно ќе беше многу поефективно да гледаме како Дек ги користи нејзините смртоносни ресурси во своја полза додека се адаптира при ловот, наместо да гледаме андроид што не затвора уста со лоши обиди за хумор. Замисли таков Predator филм, само со акција и без дијалог. Скоро гледав Primal, анимираната серија на Тартаковски, и не можев да престанам да мислам колку Badlands лесно можеше да биде нешто во тој фазон.
После ова и катастрофалната Alien: Earth што едвај ја догледав, веќе не сум сигурен дека сакам нов Alien VS Predator филм. Мислев дека Predator: Badlands ќе го пегла теренот за нешто такво, ама беше прилично прибран со референците. Очекував многу повеќе фан сервис, добро е што не претераа. Не се осмели да гради многу натака, туку сѐ што вети на крајот е дека авантурите на оваа мала досадна дружина можеби допрва почнуваат, што веројатно е подобро. Ако воопшто постои публика за ова, нека си тераат. Полесно е да игнорирам нешто што знам какво е, отколку да отседам уште еден разочарувачки AVP филм. Штета. Конечно ја имаа топката во раце и ја шутнаа во трња.

No comments:
Post a Comment