Шварценегер и Сталоне се последните филмски акциони ѕвезди. Последни во смисла дека нивните имиња се брендот, а не само ликовите кои ги толкувале низ годините. Актуелната акциона генерација не се имиња, туку се ликови. Никој не ги смета, не знам, Роберт Дауни Џуниор или Рајан Рејнолдс за акциони херои. Нивниот акционен статус воглавно е својство на ликовите што ги нагрнале, а не обратно. Мислам, тоа е сосема во ред, земајќи го превид фактот колку е денес сменет пристапот кон создавање на блокбастери, ама не се сеќавам кога последен пат сум гледал "голем" филм каде што самиот актер е акционен бренд сам по себе.
Можеби денес најблиску до старошколските акциони херои е Двејн Џонсон, меѓутоа уште нема некоја сопствена франшиза што де факто ќе му ја обезбеди таа позиција. А, можеби нема ни да дочека со оглед на тоа што денес студијата сметаат дека е ризично да настапиш со оригинални идеи, па бескрајно играат на сигурно со адаптации на препознатлив материјал. Едно време Џејсон Стејтам ми беше "кандидат", ама кога ќе погледнеш назад неговото присуство е некако лошо бледее низ годините. Друго време е. Од оваа перспектива и The Expendables ми личи повеќе на некоја романтична аномалија отцепена од друго време, која колку и да беше успешна, само задоцнето го утврди залезот на таа тестостеронска ера од осумдесетите и девеесетите.
Escape Plan е различен феномен. Иако тогаш ми изгледаше редундантен, еве десетина години подоцна научив вистински да го ценам. Го немав гледано до тотално заборавање, па пријатно се изненадив од тоа колку филмот е всушност добар и забавен. Не само поради непресушената харизма на подостарените Шварценегер и Сталоне, туку и самата приказна е доволно примамлива да би функционирала со кои било други актери. Веројатно. А, со нив двајца е далеку пофункционална од The Expendables каде што ситуациите се некако исфорсирани за сите тие имиња да имаат двочасовна занимација која ќе ти ја пресретне носталгијата. Види, и денес ми се крајно забавни првите два The Expendables, меѓутоа новата љубов што ја открив за Escape Plan е многу поинтензивна.
Во Escape Plan, Сталоне е ко-сопственик на фирма која ги тестира безбедносните системи на затворски установи. За да ја испита безбедноста на одреден затвор, самиот тој лично под лажен идентитет на осуденик влегува во ќелии со намера да избега и да ги открие потенцијалните безбедносни маани. На една таква задача, ќе заврши во технолошки напреден затвор од кој до сега никој не успеал да дувне и таму го среќава Шварценегер. Без многу спојлери, освен тој очигледниот, Сталоне сфаќа дека е насамарен од неговиот соработник од надвор кој настојува да го спречи неговото бегство, па единствената шанса да избега и овојпат му е партнерството со Шварценегер.
Идејата да ги ставиш Сталоне и Шварценегер во ваква ситуација е одлична. Во 2013 се веќе престари за да бидат уверливи во празнење високо-калибарски шаржери, па така што ваков поумерен акционен трилер е сосема солидна прилика да ги споиш двајцата кога веќе нивните млади денови не успеале да го овозможат тоа. Не е нивниот еквивалент на Heat со Пачино и Де Ниро, ама подобро ова отколку да се изгубат во сите оние имиња што се изнаредени во The Expendables.
Не е можеби најдобриот филм што би можел да го посакаш од ваква спојка, ама е тотално соодветен за возраста во која се затекнати додека е снимен. Хемијата им е неверојатна, некако се природно вклопени и сега имаат цел филм за само нив, наместо да се гужваат со имиња како Долф Лунгрен, Чак Норис или Ван Дам. Двајцата очигледно се забавуваат овде и се осеќа во секоја сцена што ја делат. Сега, сценариото можело и да е подобро, ама некогаш едноставно ќе мора кратко да подзамижиш и да поверуваш дека Сталоне е баш таков преинтелигентен експерт кој може да склопи секстант од отпадоци, а доволно наивен да не се осигура дека следната задача нема да му го загрози животот. Како и да поверуваш дека речиси секој план што ќе го смисли ќе се одвива комплетно без посериозни проблеми. Можеби само го следи среќа, не знам.
Но, и покрај предвидливоста, Escape Plan успева да ја одржи тензијата и да те убеди дека Сталоне и Шварценегер се соочени со којзнае каков предизвик. Филмот е добро темпиран, има соодветни мотиви и причини, па дури и смело уфрла по некој пресврт што и ако го предвидиш ќе цениш дека барем сценариото се потрудило да не биде премногу линеарно. Дури и Џим Кавизел е фино вклопен во целата приказна, иако неговиот лик е баш пример за колку би можел Escape Plan да излезе како цртан филм на крај со неколку погрешни чекори.
Мило ми е што постои филмов сепак и што не е тотално срање, иако Сталоне и Шварценегер вака двајцата во преден план е нешто што би било далеку поимпактно дваесетина години претходно. Се сомневам дека повторно ќе имаме прилика да ги видиме двајца заедно на филм. А, Escape Plan имаше и некој обид за франшиза со Сталоне и Дејв Батиста откако стана нашироко познат, ама тоа што го знам за следните две продолженија е доволна причина за да ги избегнувам и ден денес.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment