Ми се припука некој бумер шутер. Одамна немав седнато на нешто попримитивно и ми зафали. Година летна откако играв Alien: Resurrection. А дека од некоја мистериозна причина Cultic уште ја чувам како зимница, ги натаманив тие експанзиите на Quake кец од MachineGames што претходното преигрување намерно ги оставив за некои вакви денови. Една од најважните пуцачини на сите времиња денес полни триесет години, па никако не биваше јубилејот да се дочека со нешто досадно ко Turbo Overkill.
Quake ми е секогаш забавно искуство. Освен што повремено ќе спукам некоја мисија од оригиналната игра или ќе го свртам саундтрекот, се товам и со текстови и видеа со ретроспективи, за како е создавана, за златните денови на id Software и разни анализи на левел дизајнот, енџинот и слични работи што се претежно зад завесите. Ако сакаш да научиш повеќе за правење бумер шутери, нема подобро место за крадење финти од Quake. Фасцинантно е сѐ околу играта. Скоро се изгубив во копање низ историјата на мапите и модовите кои заедницата ги прави веќе триесет години, еволуцијата на едиторите и технологијата за нив, приказните како Team Fortress што доживеале независност и ми се спржи мозокот од фактот дека има луѓе што уште ја немаат напуштено играва. Скроз е лудо. Има цела жилава креативна сила што и денес создава за Quake од чиста љубов.
Првите две официјални експанзии за Quake, односно пакетчиња со мисии се објавени во 1997. На ниту една не работат луѓе од id Software, меѓутоа зад двете стојат имиња кои се блиски до жанрот. Scourge of Armagon е од Hipnotic Software, студио кое година покасно под новото име Ritual Entertainment ќе ја објави култната SiN, која пак наскоро добива ремонт од Nightdive Studios. Scourge of Armagon е прилично амбициозна. Освен тоа што има петнаесетина нови левели, има неколку нови непријатели и оружја од кои едно е Мјолнирот. Чеканот доаѓа од раните идеи на Ромеро кога Quake требало да биде повеќе фантастика, ама поради тематската промена никогаш не го нашол местото во оригиналната игра. Експанзијата има и целосно нов саундтрек, што е малку поразличен од тој на Nine Inch Nails и можеби е нејзиниот најслаб аспект. Разбирам дека целеле кон различна атмосфера, меѓутоа Quake е поефективна кога звучи како што Трент Резнор замислил.
Во тоа време id Software веќе се фокусирани на Quake II, па и втората експанзија ја аутсорсаат, овојпат на Rogue Entertainment, студиото денес најпознато по American McGee's Alice. Dissolution of Eternity е објавена кратко по Scourge of Armagon и тематски повеќе се наслонува на митолошките аспекти на Quake. Нови оружја нема, ама ги модифицира постоечките со различен тип муниција. Во духот на реализирањето забаталени идеи, го оживува змејот што id Software го покажувале во раните скриншоти на Quake уште пред да излезе, меѓутоа е отсутен од самата игра. Dissolution of Eternity исто така за првпат воведува и Capture the Flag мултиплеер мод во играта воопшто. Двете експанзии се супер, последно ги спукав заедно сосе основната пред некоја година и уште ми се останати свежи некои моменти.
Конечно на ред дојдоа помодерните експанзии, бесплатно објавени за дваесеттиот и дваесет и петтиот роденден. Двете од ветераните MachineGames, во чие портфолио стојат актуелниот Wolfenstein серијал и феноменалната Indiana Jones and the Great Circle. Се возбудив што ќе ги играм за прв пат. Последниве години Quake и целиов жанр сѐ почесто ми се дел од менито, па ме занимаше што склопиле луѓе кои можеби ѝ должат кариери на играта. Пак е некаква одговорност ваљда, ќе стоиш таму потпишан.
Очекувањата ми беа во склоп на оригиналната игра, не барав ништо повеќе и сум задоволен со тоа што го пружа првата јубилејна Dimension of the Past. Не отскокнува од штофот на Quake, бидејќи идејата очигледно била да се оддаде почит. Гледам дека ја кењаат непотребно поради тоа колку е едноставна, ама повеќе личи како да сака да се вклопи во постоечки калап, отколку да иновира. Не користи нови оружја, непријатели и текстури, дури го има и оригиналниот саундтрек. Сигурно постојат модови што се посвежи и подобри од ова, ама како официјален продукт апсолутно си ја остварува намерата. Плус е и релативно кратка. Има само десет левели од кои два се тајни, ама не се толку многу скриени за да ги промашиш.
Самиот дизајн на левелите ги запазува сите прописи од оригиналната Quake. Ништо комплицирано, пак се ашкаш низ слични лавиринти во тврдини, катакомби и воени бази. Некогаш само знае да те стави во позиција каде што слабата муниција им дава предност на непријателите, ама знае како да понуди стратешки избор во секоја борба, па имаш различни позиции за да си го прилагодиш пристапот. Многу поретко пукав махинално и неплански. Има секако места каде што ќе ти даде Квад или некое оружје со кое ќе можеш да си побрутален кон непријателите, ама немаш постојана надмоќ.
Никогаш не си преслаб секако, само што малку припазуваш и гледаш да го искористиш соодветното оружје за ситуацијата. Верувам дека оваа динамика е повеќе намерна отколку проблематичен дизајн. А веројатно Dimension of the Past и очекува да си уигран квејкаш чим веќе си дошол до експанзии. Целата е дело на еден човек, Јерк Густафсон, ко-основач и директор на MachineGames кој и самиот бил дел од мапинг сцената уште од раните денови на Quake, така што нема шанси да не приметиш колку љубов е пружено. Најквејкска е од сите експанзии.
Затоа и за малку следната ќе ја оставев пак за некое идно време, ме презасити ова. Среќа, ја кликнав Dimension of the Machine демек да видам како ги бираш левелите, дека нели и самото тоа е практично мини-левел и самото тоа ме закова дур не ја завршам. Dimension of the Machine е објавена во 2021 во склоп на освежната верзија на Quake од Nightdive Studios. За разлика од претходната, оваа е работена од неколку луѓе од MachineGames, меѓу кои и Кристијан Граверт, мапер од заедницата познат под псевдонимот CZG. Секоја од петте епизоди има тим од еден или двајца, а тука и Густафсон со свое купче левели.
За разлика од Dimension of the Past која се држи до изворната Quake, Dimension of the Machine нуди многу посвеж пристап, а не се воздржува инспирацијата да ја бара и во долгогодишната еволуција на жанрот. Интересно е да се види кругот и како црпи од наслови врз кои Quake има директно влијание. Kex енџинот од Nightdive Studio дополнително им ги одврзал рацете и решиле да ја однесат Quake на места кои можеби во 1996 би биле недостижни поради техничките ограничувања. Резултатот е феноменален. Во сржта е комплетно Quake, но има нови текстури и скајбокси, левел дизајн со нетипична архитектура дури и за оригиналната игра. На комплетно ново место си тука. Самиот дизајн на околината е бутнат до максимум што можело, а притоа да остане Quake. Има многу од научените лекции од игрите што дошле покасно, па нема да ги промашиш местата со арома на Half-Life или модерните DOOM наслови.
Некогаш комплексноста на левелите ти оневозможува лесна ориентација, ама има начини како да те навигира без да се вртиш во круг. Не знам дали Quake го има напишано "правилото", ама Dimension of the Machine знае точно каде и како да намести некој ајтем или група непријатели што ќе ти послужат како патоказ. На некои места знае да ти фрли некоја глупо позиционирана стапица или да ти намести некои платформи што може нема да ги прерипаш од прва, ама не е толку страшно за да те извади од пукањето за кое си дојден. А новиот енџин овозможува и повеќе непријатели на мапа, па такво е густо, има што да се млати. Мислам дека никаде не сретнав помалку од 70 непријатели. Оружјата се тие постоечките, ама за разлика од претходниот пат, тука имаш доволно муниција за сѐ што ќе ти застане на пат.
Ептен ми направија мерак и двете експанзии. Знам дека барем на Dimension of the Machine ќе се навратам кога ќе ми се приигра Quake. Пак ми се отвори дизната за бумер шутери, па наскоро пак ќе ископам нешто што ми стои така недопрено со години, а може конечно ќе го проверам ремастерот и на Quake II. Сигурно повеќе од дваесет години немам играно Quake II, а и за тоа има нова експанзија од MachineGames. За триесетгодишниот јубилеј уште е штама од официјалните извори, ама заедницата прославува со мапинг џемот каде што целта е да се направат 30 нови мапи. Можеби некои поголеми новости за целата Quake франшиза ќе пристигнат на QuakeCon во август. Ако ZeniMax не го удрат клучот во меѓувреме, кој ги знае. На QuakeCon гостува и комплетната легендарна постава што го има основано id Software, па секако ќе биде забавно.





No comments:
Post a Comment