July 24, 2015

Осумнаесет години по Batman & Robin

Години пред суперхеројските филмски адаптации да покренат морничава субкултура, се случи Batman & Robin. Филм кој денес важи за еден од факторите кои го доведоа "жанрот" до ова ниво на кое што ќе се одржува додека не биде заменет со следниот тренд. По очајниот исход на Batman & Robin, хероите беа приморани да ги чуваат наметките на закачалка до појавувањето на X-Men, подоцна и Spider-Man, филмови кои на некој начин го осигураа враќањето и на самиот Бетмен. Карневалот на Џоел Шумахер во шарениот и инфантилен Batman & Robin, како емпириски доказ за како не треба, е токму основата за денешните "реални и мрачни" изданија на суперхероите, за трилогијата на Нолан, за Марвеловиот филмски универзум и за обидите на DC да создадат сличен. Значи, и покрај тоа што важи за еден од најлошите филмови некогаш снимени, веројатно влијанијето што го има врз низата суперхеројски блокбастери во подоцнешните години е поголемо од првиот Batman на Тим Бартон. 


Batman на Бартон во 1989 успева да ја измени перцепцијата на Холивуд за стриповски адаптации. Batman Returns, иако помалку успешен според заработката, го зацврстува патот до моментот кога франшизата завршува во рацете на Џоел Шумахер. Batman Forever, отстапувајќи од параметрите на Бартон, сепак наидува на уживање кај поголемата публика само за да го направи патот до она кобното - Џорџ Клуни како Бетмен/Брус Вејн во костим со вечно контроверзните брадавици и хомосексуалната нота, Шварценегер во најлошата улога после Junior и Алиша Силверстоун која толку се здебелила за време на снимањето што едвај пасувала во Бет-грл костимот. Кога веќе ја спомнав неа, ја видел некој од тогаш? Дури и Крис О'Донел имаше некаква кариера после филмот.

Шумахер во Batman & Robin некако успева да ги земе сите лоши знаци од Batman Forever и да го појача целиот тој баксуз во нешто што е само обична реклама за играчки, таргетирана кон деца. Барем тоа е "официјалната" верзија зад идејата на филмот, и покрај тоа што се расфрла со сексуално инуендо преку Ума Турман. Готам, од темен, готски мрак е претворен во неонски кич, исполнет со полу-димензионални ликови кои изгледаат како од цртан филм. Има и една анегдота дека Шумахер пред снимање на сцена ги потсетувал актерите дека "ова е цртан филм". Џорџ Клуни се глуми себе, придвижува сè од рамениците нагоре додека зборува, Шварценегер има реплики кои само и само се фора со мраз и студ, а приказната, дури и оној обид за емотивен допир со смртно болниот Алфред, не прави никаква, никава смисла. Бетмен и Робин се во некој неоснован, недоволно поткрепен конфликт кој забегува во нелогичности како што движи филмот кон крајот.

Уште од самиот почеток буквално сè функционира во корист на ликовите и "за атер на акцијата". Во првата сцена каде што Бетмен и Робин доаѓаат да го спречат Фриз при грабеж на дијаманти. Робин влегува со мотор низ прозор, кршејќи го стаклото во совршен Робин симбол. Вадат лизгалки од чизмите откако целата просторија ќе биде замрзната од очигледно пластичната пушка за мраз на Шварценегер, зошто еј, тоа се тие гаџети за "не дај боже". Сцената продолжува во борбен хокеј и уметничко лизгање, а привршува со ракета лансирана со заробен Бетмен внатре. На крајот, двајцата Бетмен и Робин скејтаат надоле на парчиња од ракетата која експлодира високо на небото. Ако одлучиш да го тргнеш здравиот разум на страна, ова е најзабеганата сцена што некогаш ќе ја видиш. Се коси со секоја логика. Целиот наратив понатаму е таков. Се случуваат ствари од нигде никаде. Бетмен вади кредитна картица во еден момент од филмот. "Good thru: FOREVER". Малиот Крапверк, пред осумнаесет години, беше најзапрепастеното дете во цело кино. 

Првите години Batman & Robin е супер филм. Ако си мал и не знаеш подобро, ти си таргетираната публика и одлично е. Од тие четири видео касети што ги имам негде дома, филмов е една од тие. На некоја од другите има видеа од мене како скокам по мебел во 90-та, што изгледаат како најдени снимки од еврејски егзорцизам, ама да се држиме на темата сега. Покасно, го гледаш срањето кое што е, а денес веќе си научен да ја гледаш и другата страна. Што ако Batman & Robin не е толку лош, туку ние не го сфаќаме како што треба? Ако си спремен да го прифатиш како модернизирана верзија на серијата со Адам Вест со сите маани, болката во стомак се претвара во двочасовна лесна забава. Да, има некои работи кои е невозможно да се оправдаат, ама сепак. Размисли. Не го бранам филмот толку колку што му оставам шанса да биде што е. Не е грешка воопшто што е таков, едноставно Џоел Шумахер го има така замислено. Да, чудно е како човекот воопшто има кариера по целиов хаос, се извинија со Клуни, ама па да не беше ова, никогаш немаше да го видиме Бејн на Том Харди и дедо ти во Вулверин маица.

2 comments:

nikola said...

uzasno fali "tretiot film" na barton inace dobri se so ogled sto tretiot i cetvrtiot se detski

Бојан Николов said...

Да, ама ќе забегал и Бартон скроз. А, во Forever некако лошите моменти ми се само лоши. Кај Batman & Robin можеш да најдеш нешто... забавно. :)