Prometheus ме смени засекогаш. Во 2012 влегов во кино како наивно дете што мислеше ќе го посведочи најдобриот филм на светот, а излегов како циничниот чичко кој денес три пати премерува пред да гледа нешто. Не дека не сум се заебал во повеќе прилики од тогаш, ама бар се подучив да не се пењавам на секој втор трејлер. Се помирив дека Ридли Скот има изгубено осет за концептот и пред Alien: Covenant да удри уште еден печат на тој факт, а Covenant испадна толку полош од Prometheus што до The Matrix Resurrections го сметав за најголемото скапо гомно некогаш излезено од холивудско студио. Едно време навивав Нил Бломкемп да ја пркне франшизата, само и од тоа не испадна ништо.
Веројатно немаше ни да го гледам Alien: Romulus во кино да не си пројдев добро пред некоја недела на филм од еден друг изнемоштен серијал. Прв сум за во кино, ама гледливи "големи" филмови се раритет последниве години. Жими Dune. Главниот привлечен аспект на овој седми Осми Путник ми беше отсуството на Ридли Скот како режисер. Не дека којзнае колку влеваше надеж овој Феде Алварез, ама двата хорор наслови на резимето му се подобри од последните два Alien на Ридли Скот, па оттаму ми заличи како посоодветен избор. Се понадевав дека може конечно ќе проструи неопходната свежина во франшизата.
Да пробам да го резимирам некако впечатокот пред да продолжам со спојлери. Дали го бива Alien: Romulus? Не баш. Дали е подобар од претходните два? Донекаде можеби, но секако не ме остави со желба да го гледам пак. Алварез има осет за хорор и отприлика ги разбира функционалните моменти од Alien формулата, меѓутоа попатно нагло ги испушта стварите од раце за да ги замени со половни делови од понеславните етапи на серијалот и одредени идеи кои се само вишок. Потенцијалот на филмот е очигледен и тапа е што вака успеа да промаши. Толку. Одиме со малку спојлерски муабети сега.
Не можам да разберам што точно се случило, ама не би ја исклучил можноста со некоја од сомнителниве идеи да смешал прсти извршниот продуцент филмот - господинот Ридли Скот. Или самите Дизни под чија сопственост е и оваа франшиза сега. Секако, може и просто ова да е капацитетот на Феде Алварез, ама брлавштините ко онаа да вратиш со години мртов актер преку шкартен дипфејк се повеќе карактеристични за големиот газда. Апсолутно немаше никаква полза од покоен Иан Холм тука, особено не на ваков срамен и нискобуџетен начин. Било кој друг актер ќе збркаше работа за улогата, без овие непотребни дистракции. Тука некаде филмот ме отцепи од приказната и ми го префрли фокусот кон глупите продукциски одлуки кои од овој момент почнаа да стануваат сѐ подискутабилни.
А за атер на општата солидна хорор атмосфера што ја има, претходно прифатив дека ќе уживам во филмот и покрај проблемите на самиот старт. Решив ќе прогледам низ тоа како група иритантни млади ликови лабаво одат да си ја бараат бељата на напуштена вселенска станица над нивната посрана колонија. Станица која патем е исклучително важна за Вејланд-Јутани, ама ете никој не се сетил да тркне до таму претходно, изгледа чекаа да се качат горе Тајлер и Рејн кои до пред малку не смееа да ја напуштат планетата. Морав да ги гуглам имињава на ликовиве исто така, буквално ниеден не запамтив, а реално па ни актерскава екипа не е нешто впечатлива.
Но океј, Alien: Romulus стана Alien VS глупи разгаламени тинејџери и како таков тераше тамански. Не којзнае колку креативно и оригинално, ама скроз прикладно ко за возбудлива хорор вожња. Навивав за Ксеноморфот. Стварно не можеш да си на страната на ликовите зашто филмот не се ни труди да ти џитне нешто за да запознаеш било кој од нив, ама уживав во тие првите четириесетина минути додека не се претвори во коктел од референци, рециклирани реплики и сцени од претходните филмови. Многу е несмасно. Голем дел не ни функционира доколку немаш претходен контекст, ниту па постигнува да удри некоја носталгична нота. Веќе си го видел скоро цело во далеку подобра варијанта. Она со Иан Холм беше капакот. Озбилно е крш. Кичурај.
Елементите кои ги додава како освежување на овој вруќ куп прекопирани гомна се очајно смешни. Таман си мислиш конечно заврши, Alien: Romulus решава уште еднаш да се крене за да го истегне крајот со уште еден крај каде што главните ликови кои се со исклучително неуверлив борбен или преживувачки капацитет, сега мора да се соочат и со хибрид од човек, Ксеноморф и Инженер. Погледнав на саат кратко пред да почне овој циркуз зошто филмот изгледаше како да е готов, а според времето знаев дека треба да потрае уште дваесетина минути. Не бев спремен да видам до која мера шокантно лошо ќе одлучи да заврши, ама веќе имав кренато раце. Ни за лошите не навивав сега, навивав што побрзо дома да си одиме.
Најпоразителна е сепак сцената кога дома седнав да го куцам ова наместо да свртиме за било кој од саглам филмовите што ги изнагледав во последно време, а не се од оваа одамна рокната жална холивудска септичка јама. Немав преголеми очекувања од Alien: Romulus, ама помислив дека е можно нештата да размрдаат онаму кај што Ридли Скот ги затупе. Глеј што се случи во "сродната" франшиза со Prey. Не барам таква драстична промена на околина, ама добар пример е како малку да рашараш едноставна идеја и да добие нов сјај. Толку ли не може поразлично да се препакува Alien формулата наместо овој досаден исцрпувачки колаж од веќе видени ствари? Станува потажно и од Terminator.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment