November 24, 2025
Crapwerk XIX
November 24, 2024
Осумнаесет години Crapwerk
Ја разгледував архивата од последниве години на Crapwerk и не ми е јасно како во 2015 сум успеал да објавам 141 пост. Само во март таа година имам дваесет и тоа не се сите онакви три реда муабет. Некои комотно би можел да ги потпишам и денес. Ако си имаш читано свои пишуванки знаеш колку тапа можат да звучат покасно, било години или саат-два. Ама најдов еден што баш ме окези, нешто лупетам за тогашниот нов Продиџи албум. Некои ситуации што таму ги објаснува младиот јас ми се уште посмешни од оваа перспектива. Колку бизарно брзо летна времево. Неверојатно. Кит Флинт умре во меѓувреме, ние подостаревме, а широкиот Продиџи дуксер веројатно денес би ми бил кнап.
Од цела 2024 ќе имам скоро слична бројка и причината не е само поограниченото време и тоа што одамна сум малку попребирлив околу консумирање на глупости. Изгледа ми требаа само осумнаесет години за конечно едно друго хоби да ги јаде слободните саати алоцирани за блогирање. Сакав бар да напишам за мојот албум на годината, Absolute Elsewhere од Blood Incantation, да го подрвам за Shogun, да составам листа од омилените хорор филмови од последните неколку години и да објавам уште едно купче забаталени игри за ПлејСтејшн кец, ама не стигнав. Ни за новиот на Еминем ништо.
Привршувам со правење на игра. Се вика ШТРЕК и е 2D платформер. Мала и кратка, ама игра е, и планирам да ја објавам наскоро. Сакав eден од многуте прототипи што хобистички ги шљакам во Unity да го исполирам во некој покомплетен облик за колку да осетам фази од процесот кои ми беа комплетно непознати, па се одлучив за најминималистичката идеја зошто уште со време сфатив дека и тоа ќе биде подвиг. Тешко е да правиш игри, уште потешко е кога ќе се прелажеш дека ќе оди мазно само затоа што знаеш да кодираш. Не е ни отприлика слично со мојата денска програмерска професија. Освен тоа сам цртам и анимирам, а не сум некој уметник вака да речеш. И тоа го учев попатно. Толку се можеше засега, среќен сум што најдов едноставен визуелен стил со кој што можам да се справам и притоа да не изгледа многу шкарт.
Работам натенане. Се трудам да е педантно, водам и аналогна евиденција и документација. Не е дека немав будни ноќи заглавен на глупости, ама уште учам куп ствари во процесот и ми е максимално интересно. Огромен дел од работите што ми беа како цел ги штиклирав, останува уште оваа моментална етапа на полирање, шминкање и поправање ситници по која ќе има барем уште една тест рунда. ШТРЕК не е најсвежата и најкомплексна ствар на свет, ама ми беше неопходна за да ме стави во форма да бркам нешто повеќе во следното.
Играта веќе пројде неколку итерации и неколку фази на тестирање од разновидна публика и сум неизмерно благодарен за сечиј фидбек и сите што одвоија време да иштракаат. Ќефски беше да видам како некој друг поти контролер на ова. Имплементирав колку што можев од забелешките кои имаа смисла и веројатно верзијата што сега ја имам пред мене е отприлика најблиску до таа што ќе биде достапна јавно. Задоволен сум. Многу од тоа што го извлеков овде е стокмено за нов, посериозен и поамбициозен проект кој веќе зазема облик и време е ШТРЕК да оди кон следната етапа за да му ослободи простор. Најавава ете нека притисне да забрзам малку, а во меѓувреме секако се читаме.
November 24, 2023
Многу години Crapwerk
Седумнаесет се, ама лани нели се договоривме дека нема да ги броиме. Замисли колку рендом ствар е седумнаесет години да одржуваш блог. Звучи како ептен бизарно хоби, ко салфетки да собираш или некоја таква глупост од пред сто години. Не знам, мора да ми е уште забавно штом истера волку. Баш ќе ми биде криво ако некогаш Crapwerk се запусти како скоро сите други македонски блогови од "тоа време".
Не сакам да го отвориш утре и последните три постови да се со месеци растојание, ама очигледно го немам истото време како претходно. Плус, годинава задржав многу необјавени постови што не ми се свиѓаа како звучат "од прва", а сакам некогаш да ги спастрам и објавам во некој облик. Заради тоа и традиционалната компилација подолу е поскромна од било кога, ама веројатно е добро додека ја има.
Фала ви на сите што уште се затекнувате на Crapwerk, се читаме.
November 24, 2022
Шеснаесет години Crapwerk
November 24, 2021
Петнаесет години Crapwerk
November 24, 2020
Четиринаесет години Crapwerk
Па, така испадна повеќе да зборувам отколку што пишував блог постови. Непосредно пред да ни заврши Старото нормално™, имав прилика да си помуабетам со супер кул луѓе на вторите Creative Talks, па кога нè стрпаа во карантин стримав игри скоро секој ден на Twitch каналот, а си зборевме и неколку пати за македонска музика кај Кантарот на YouTube... Презабавно ми беше што малку го олабавувам Crapwerk од "изворниот" блогерски концепт кон нешто за мене ново и различно.
November 24, 2019
Тринаесет години Crapwerk
А, па да не почнувам за тоа во какво тажно ќоше е втурната денешната поп култура, онаа што некогаш јако ме привлекувала. Немам толку енергија за тоа. Едвај постигнувам да се напроливам по Star Trek: Discovery и новата Star Wars трилогија, а камоли да се занимавам со родовите студии на Terminator: Dark Fate или која и да е друга култна франишиза што си погина годинава обидувајќи се да задоволи непостоечка публика. Слава им.
Најмногу ми е криво што на музички план 2019 некако преслабо испорача за мој вкус. Претходни години што сè немаше, еј. Од секој жанр барем по неколку албуми што се тркаа за прво место. Ете упорно се трудам од летоска да склопам плејлиста со омилени албуми од 2019, ама ужасно тешко ми оди. Иако утепав од слушање неколку овогодинешни албумчиња, некако пак се враќам на претходни години што до лани не беше толку чест случај. Лани само рап плејлистата беше обемна, да не збориме за други жанрови. А, сè уште секојдневно следам изданија и преслушувам тон музика. Ретко што потазе допре до мене.
Но, еј. Имаме уште малку 2019 на располагање. Роденденскава прилика сакам да ја искористам да ве поздравам вас што ме читате низ годиниве, а и што од скоро ме гледате како си пијам пиво на YouTube дур играм глупи игри. Тие што ве познавам лично и вас што никогаш не сум имал прилика да ве запознаам, а со години Crapwerk нè поврзува. Душава ми е полна што сте тука сите овие години, особено вие што ве познавам само преку Crapwerk. Фала ви.
Традиционалната роденденска листа на постови е исто смалена во однос на претходните. Ќе бидам среќен ако догодина имам повеќе постови отколку што блогов ќе има години. Сепак, нешто сакам да издвојам и од оваа, па бујрум:
November 24, 2018
Дванаесет години Crapwerk
Crapwerk почна во поинакво интернет доба каде што онлајн присуството беше речиси ексклузивитет, барем на овие простори тука. Социјалните мрежи не беа оформени во тоа што се денес, па ако сакаше да си го одвоиш гласот од форумите и чет каналите тогаш поседувањето на блог беше соодветна опција. Подоцна следуваше една блогерска експанзија која беше стварно цврста неколку години пред да згасне заедно со форумите.
Имаше многу, многу блогови. Од онакви најобични онлајн дневници до блогови кои се занимаваа со специфични теми кои немаа друг таков третман на домашниот интернет простор. Денес речиси и да нема преживеани од таа ера. Дури и MakNBA, еден од тогашните најголеми блогови кој успеа да создаде и огромна заедница, денес мислам дека веќе нема посебен блог простор туку опстојува само на социјални мрежи. И, тоа воопшто не е проблем, туку е супер пример за адаптација. Интернетот брзо еволуира. Можеби она што пред десетина година беа блоговите, тоа се денес децана со јутјуб каналите.
Некогаш сум носталгичен за тоа време. Некако се стесни креативноста за сметка на квантитет сведен на многу помалку карактери. Не го барам тогашниот македонски интернет, туку само ми недостигаат упатени блогови, а не жални акаунти на блогерски платформи чии постови се колекции од полу-досетлив твитер кичерај. Сакам повеќе блогови како Кантарот. Преферирам квалитетна оригинална содржина, а не фалсификат мемиња и кратки афоризми. Ми фали и таа визуелна автентичност што самиот концепт на блог ја нуди наспроти малтене дистописката униформираност на социјалните мрежи и Medium платформата.
На глобално ниво блоговите коегзистираат со нивните 'модерни' наследници, платформи и медиумски облици. Кај нас каде што беше блог сцената, сега се тркалаат грмушки. Не го констатирам сега овој помор, туку некако денов ми беше за да го спомнам. Чудно е кога една од најдолгите занимации во живот ти станала толку ретка. Сигурен сум дека на подрачјево има повеќе филателисти отколку блогери.
Ми се пишува. Толку долго веќе го правам ова што после гледање, читање или играње на нешто имам инстант порив да напишам тука. Не ми е ни приближно до професијата ова, а ме има издеформирано професионално. Не секогаш имам време и инспирација за да склопам мисли во блог пост, ама се осеќам како после квалитетна серка кога ќе успеам да кликнам 'паблиш'.
November 24, 2017
Единаесет години Crapwerk
November 24, 2016
Десет години Crapwerk
И, дојдов до овде, ете ме. Да славам десетгодишина на блог. Ги надживеа сите мои 'проекти' на интернет од ова говорно подрајче. Од Филмски Форум што умре спокојно од природна смрт кога дојдоа социјалните мрежи, до Star Trek заедница која беше милитантно превземена и упропастена од неспособни ликови. Ова некако сè уште успева да функционира како моето 'главно' онлајн присуство денес.
Луѓето што го читаа Crapwerk доаѓаа и си одеа низ години. Дел од нив уште се тука, има и нови, а со некои дури склопивме и офлајн пријателства и познанства, замисли. Кул луѓе кои можеби никогаш немаше да ги сретнам во животот доколку не ги експонирав мислите толку јавно. Фала ви на сите што сте одвоиле време да прочитате како сум се посрал врз стварите што ве прават среќни или сум се радувал на тие што ги мразите. Знам дека често се наоѓаме и на иста страна, ама сакам да драмам.
Очигледно сакам и да сум интроспективен на годишнини, па пред беспотребно да ја однесам ситуацијата надвор од контекст, еве ја неизбежната компилација на најкликаните постови од последнава година.
August 4, 2016
1000
Тоа беше далечната 1991 година. Во таа 1991 година, се распаѓаше една поранешна држава на најгрозен можен начин. Настани за кои не сум имал ни најмалку поим, но како дете чувствуваш некаков немир. Татко ми, како воено лице, дома не се прибира, воени возила пред Собрание до касно навечер, а тебе око не ти се склопува од страв. Иронично, и Judgement Day прикажува распаѓање на еден свет во конфликт сам со себе, кој носи апокалиптични случувања од невидени размери, па дијалектиката во реченицата на Сара Конор "The future is not set. There is no fate, but what we make for ourselves", како што ги оправда настаните тогаш, судбоносно не крои и денес.
Касарна во Ријека, 25ти Јуни 1991, некаде приквечер. Мирче, везист од 13тиот корпус на ЈНА се обидуваше да не заспие поради жештината на хрватското лето. Пред него имаше неколку часописи претежно за филмови и компјутери и почна да ги прелистува барајќи добар материјал за дркање. Таман си најде слики од Ким Бесинџер и почна да го откопчува шлицот кога во собата влета неговиот колега Славко, србин од Пожега. Славко беше опседнат со филмови до таа мера да не знаеше да прае друг муабет. Мирче тивко го набљудуваше како несмасно кинеше селотејп и лепеше некој постер на ѕидот со некој развиен љут американец со очила за сонце. На постерот пишуваше „Терминатор 2 - Судњи дан“.
- Дај да ти наручим плејбој буразеру, па да га одвалиш како треба, нечеш ваљда да окидаш на ту мотку од жене.
Мирче се зацрвени, не му беше јасно како Славко му ја знаеше намерата.
- Јас барем на жени го кидам - му врати.
Славко само се насмеа, обожаваше да слуша лош балкански хумор на македонски.
- Него, ово ќе да буде најбољи филм свих времена, овај Шварценегер, па он јебе двоцевком, ја сам тражио његово потекло, он је сигурно србин, сто посто сам сигуран кад ти кажем. А филм излази за недељу дана, једва чекам. А каква прича јеботе, ако си гледао први филм… ниси? Јебига, није битно. Оно роботи из будучности шаљу новог терминатора да убије побуњеника, пошто први није успео. Е сад и побуњеници шаљу њиховог терминатора, исти модел као онај из првог дела… ма шта ти ја причам уствари, ти ниси од жикине династије мрднуо.
- Мој инсект ме никад не вара - му врати Мирче.
Во тој момент во собата влезе еден од старешините, србин од некое утепано село во Лика, беше нервозен и се развика на двајцата присутни… постерот на ѕидот дополнително го накурчи.
- Почело је другови, будите спремни, креќемо ускоро. Ма шта ти је овај курац, „Судњи дан“. Јес ти за јанезе Славко, оца ти јебем? Ма јебачемо им матер алпску сутра, на курац да их набијем. Хтели су независност, добиќе курац у дупе.
Кажувајќи го тоа тргна кон постерот, демонстративно го одлепи од ѕидот, го искина на парчиња и си излезе од собата оставајќи ги Мирче и Славко со подотворени усти бидејќи не им беше уште јасно што се случи.Славко никогаш не го виде Терминатор 2, го покосија неколку метци од припадниците на територијалната одбрана на Словенија токму на 3ти Јули, денот на премиерата на Судниот Ден и тоа само неколку часа пред да се прогласи примирје.
November 24, 2015
Девет години Crapwerk
Девет години подоцна, разликата е и бројот на луѓето што доаѓаат да ѕирнат што се случува. Беа двајца во раните години, сега групата е повеќецифрена и присутна секојдневно. Фала ви на сите што се затекнавте и останавте тука, дозволувајќи моите често несмасни зборови да допрат до вас. Се надевам дека ќе се читаме и понатаму.
Од последниот роденден на Crapwerk до денес, напишав околу 150 постови. Следуваат петнаесет кои добија најмногу кликови и внимание.
November 24, 2014
Осум години Crapwerk
November 24, 2013
Седум години Crapwerk
November 24, 2012
Шест години Crapwerk
November 24, 2011
Пет години Crapwerk
Сепак, да не ја кршам рутината, еве го изборот од последниот роденден до сега.Осврт на Star Wars: The Force Unleashed II
Family Guy: It's a Trap
Први впечатоци од Lord of the Rings Online
Неколку работи за The Clone Wars
Книга на месецот: Хобит
Пет причини за смртта на Star Trek
TRON: Legacy (2010)
Бесплатна игра на годината: League of Legends
Вовед во Star Wars: The Old Republic
Captain America: The First Avenger (2011)
Wolverine Vol.3, #36 - #40: Origins & Endings
Најдобрите моменти во The Hitchhiker's Guide to The Galaxy филмот
Holy Bat-Toons!
Thor (2011)
Нова серија: Homeland
Пет работи за Transformers: Dark of the Moon
Сите постови за новите 52 на DC
September 20, 2011
November 24, 2010
4 Години Crapwerk
Четири години Crapwerk... Обично секоја година се мислам да напишам нешто поспектакуларно во врска со тоа и на крај завршувам со листа на избрани постови искуцани од последниот родеденден до денес. Па...PS: Најиграни игри за 2009
Avatar (2009)
MTG: Kaко Rise of the Eldrazi ќе ја измени играта?
150 епизоди Family Guy
Spawn: Endgame
30 години The Empire Strikes Back
Трета шанса за Fringe
Chuck: Прва сезона и останатите две
Haunt
Преглед на Torchlight
...since I found Serenity
Први впечатоци од Starcraft II
Пост-маратонски Star Wars пост
Call of Duty: Modern Warfare 2
Inception (2010)
Prison Break: Прва сезона
Каде е Lost? Последната сезона на Lost беше ивентот што ми ја обележа изминатава година. Ги следев сите епизоди на Crapwerk, па еве ги тука.

















