August 6, 2023

Опенхајмер

Не ми легна Tenet, а баш сакав. Два пати го гледав кога излезе и не си кликнавме. Не дека е толку комплициран колку што настојува да биде, туку ми изгледаше како Нолан малку повеќе да се надноланува себеси. Можеби таа (веројатно) ненамерна пародичност е штосот што требаше да ме закачи на филмот, ама не успеа. Или па два пати ме начека неспремен за таков материјал, како што беше случајот со Inception и после можеби Interstellar. Првите впечатоци ги имам запишано тука и не беа најпозитивни. Inception научив да го ценам низ годиниве. Сега ми е еден од омилените негови филмови.

Interstellar уште ја чека таа втора саглам прилика да ме предомисли, комплетно сум отворен сега, само треба да седнам. Сигурен сум дека еден ден барем ќе се потрудам да чепнам подлабоко и во Tenet. Таква е мојата врска со Нолан, крајот не се фаќа. Batman Begins го "презирав" со години, а истовремено се пењавев на The Prestige и Memento. Ова беше една од причините да бидам возбуден за Oppenheimer. Да видам до каде стасал Нолан со кариерата и да проверам до кај сум јас со вкусот. 

Нолан е еден од најголемите режисери на генерацијава. Не се многу останати од тој ков, сега уметноста во мејнстримот е сведена на тезгарење "франшизи" и кадар вработен да исполнува листи смислени од студијата. Не дека го немало тоа и претходно, ама седнување во кино за да гледаш конкретен режисер е настан поредок од било кога. Зборувам за холивудски блокбастери, не за сиромашни молдавски андерграунд режисери и нивниот репертоар на филмски фестивали кај некој дома во двор. Сосема супер, ама нека го сега за друштвото на другана маса. 

Се радувам на ваквите несекојдневни прилики да седнам во нормално кино со прескапи бајати пуканки и да уживам во нешто како Oppenheimer. Обично завршувам на глупости како The Flash за кои ми е непријатно да разговарам. За Oppenheimer еве може да седнеме. Важен е од повеќе аспекти кои можеби и немаат директна поврзаност со комплексната тематика која ја обработува. Ова е сведоштво за кариерен врв на повеќето од инволвираните во неговото создавање и овековечување на нивните имиња во филмската историја.

Од режисер до композитор, сите феноменално функционираат како дел од големиот механизам што го движи Oppenheimer, ама веројатно најголемиот товар го носи актерската екипа. Не е ништо ново за Нолан да обликува млади актери во филмски ѕвезди или да ги освежува кариерите на такви кои индустријата ги подзаборавила. Нолан очигледно знае да го исцеди актерскиот капацитет до последна капка, а и да го скорне Мет Дејмон од привремена пензија за да го смести во еден од неговите најдобро одиграни ликови.

Не му успева секогаш додуша, видовме дека нема што да се добие од неверојатно неталентираниот син на Дензел Вашингтон како во Tenet, ама после Oppenheimer некои од кариерите на актерите веројатно ќе имаат поразличен правец, секако на подобро. Килиан Марфи од спореден лик по секакви филмови и филмчиња, покрај телевизиска фаца сега е и де факто водечка филмска величина. 

Не знам каков бил вистинскиот Роберт Опенхајмер приватно, ама Марфи маестраелно влегува во кожата на лик кој до крајот на животот бил подгрбавен од товарот на трнливата титула "татко на атомската бомба". Нелинеарниот наратив што шалта низ неколку временски оддалечени точки е прилика да видиш како Марфи ревносно се справува со секој слој од енигматичниот Опенхајмер и дуалноста на неговата позиција во секоја од нив. И претходно беше очигледно дека е талентиран актер, ама не и дека е еден од најдобрите на неговата генерација. 

Нолан го црпи најдоброто и од Џош Хартнет. Не знам што е со него периодов, ама пет пати го начекав во различни работи годинава. Што се случи во меѓувреме, не знам, последен пат го видов на постер кај другарка во детска пред некои дваесет години. Како индустријата да го чекаше да подостари за да го користи во посериозни улоги со кои очигледно добро се справува. Кога сме кај сериозни улоги, мило ми е што конечно пак го гледам Роберт Дауни Џуниор. Светот изгледа заборави дека прво беше добар актер пред да биде добар Тони Старк. Неговиот талент и неповторлива харизма ја изградија таа куќа кај што сега живеат ликови ко Ентони Маки. Среќен сум што почнува нова етапа во неговата кариера, едвај чекам да го гледам во било што следно.

Oppenheimer не ме пушти три саати. Единствените неколку пати кога изгубив фокус беше додека ги прибирав нозете да поминат тие што ја напуштаа проекцијата преку нашиот ред. Воглавно помлада публика која веројатно завршила на филмов поради кретенсконо "Барбенхајмер" меме, а си стана и една баба што веројатно јасно го памти тој топол август во 1945. Филмот претежно се потпира на дијалози, ама никогаш не ја испушта тензијата и анкциозноста од заебаната ситуација во која е вплеткан Опенхајмер сосе тој опширен научен, интелектуален и политички свет, директно или индиректно.

Без разлика што често скока низ неколку временски периоди, некогаш и цели години кои ги референцира со некој ситен детал, никогаш не губи од природниот тек. Не знам како му успеало ова на Нолан, ама ќе приметиш дека постојано има и музика која всушност цел филм гради кон неизбежниот климакс. Овозможен ѝ е соодветен простор да биде доминантен елемент во одредена сцена, некогаш дури и со отсуството. Нолан секогаш имал специфичен однос со музиката во неговите филмови, па секако дека Oppenheimer нема да биде исклучок.

Мислам да, браво Ајнштајн, секако дека музика е интегрална филмска компонента, ама муабетот ми е дека оваа во Oppenheimer е многу понаменски искористена од тоа што вообичаено ќе го сретнеш. Нолан неприкинато ја користи за да ја нијансира приказната, нешто што можеби е покарактеристично за некоја постара филмска ера. Иако самите композиции во филмот се современи, имаат некој симпатичен старошколски мотив. Не знам кај сум го сретнал ова последен пат во модерен филм, веројатно во The Lighthouse на Роберт Егерс.

Што се однесува до штреберскиот аспект на Oppenheimer, не е далеку од вистината она дека е Авенџерс за луѓе што знаат таблица множење. Иако не навлегува премногу детално во начинот на кој функционира науката на самата бомба, преполн е со ликови што си ги сретнал низ образовниот процес. Ако не си бегал од физика, веројатно ќе им ги разбереш и стручните дискусии.

Намерата на Нолан е да го искусиш ова во кино. Исто како Dunkirk, интензивен е и со звучните ефекти, па нормално е да ти се затресе столчето под газ кога ќе рокне бомбата. Конкретно тој сегмент е многу мангупски изведен и испреплетен низ приказната на повеќе места, плус Нолан воглавно користел практични ефекти за самата експлозија што е уште еден исклучително импресивен технички момент околу создавањето на филмот.

Oppenheimer е можеби најдобриот, најзрел проект на Кристофер Нолан до сега. Ќе морам да го гледам пак наскоро за да го потврдам ова, меѓутоа истава мисла ме држи веќе со денови. За ниеден друг негов филм не сум рекол дека е подобар од The Dark Knight, веројатно дека темата таму ми е ептен сродна, ама Oppenheimer општо како дело отскокнува од сѐ останото во неговата филмографија. Дефинитивно најдоброто кино искуство последниве неколку години и најдобриот филм што сум го гледал од The Lighthouse навака. Очекувам вака добро да си пројдам и на вториот Dune за некој месец, исто од режисер што последниве години резба длабоко во филмската историја.

No comments: