September 1, 2012

За The Cabin in the Woods, без спојлери. Едвај.

Форсирам пост за The Cabin in the Woods, иако многу малку може да се каже за филмот без спојлери. Џос Видон (The Avengers, Firefly) и Дру Годард (Cloverfield, Lost), согледувајќи ја очајната состојба на денешниот американски хорор решаваат критиката кон истата да ја преточат во филм кој навидум изгледа како и сите останати. Друштво од пет млади луѓе, сите до еден веќе милион пати видени шаблони, одат на викенд во колиба во шума. До тој степен е клише, што по пат, ќе бидат предупредени од сомнителниот језив старец на напуштена бензинска пумпа. И, тоа е толку добро истемпирано што си "А, каде е сега стариот што ќе ги предуп... Ааааа, ете." Единствената разлика е што овие ги има пишувано Џос Видон, мајстор за создавање ликови.

Како што кажав, сè си е тука. Глупавата плавуша, паметниот црнец, куртонот (Крис Хемсворт), стонерот и неебаната црвенокоса. И, ги прават сите работи што ги очекуваме. Само што, зад целото тоа се крие нешто многу, многу, МНОГУ поголемо. Далеку од оргинална идеја, но за жанрот и начинот на кој е спакувано и сервирано - оргинално е. Филмот е така склопен што теориите за она што се случува ти се менуваат на секои десет минути. Таман мислиш дека си предвидел што ќе се случи, ќе те забега во сосема друг правец. Денес ретко се наоѓаат хорори кои така си играат со очекувањата на публиката. 

The Cabin in the Woods е најдобриот понов американски хорор (хорор комедија?) што сум го гледал. Го спушти Tucker and Dale vs Evil за едно место подоле. Освен ако не си хипстер што гледа (премотува?) чешки порно хорори снимани со вебкамера, филмот нуди џам саат и пол покољ потпишан од Џос Видон.

Еј, да. Покрај тоа што The Cabin in the Woods референцира еден куп филмови, реклама од 80-ти, јас сум сигурен дека видов Lost теорија, на Дру Годард, веројатно? Можеби тоа сакав да го видам, ама - има еден "Замисли..." муабет на крај од филмот. Има, таму е, нема шанси да сум само јас.

Препорачувам задолжително гледање, под услов да имаш бар изгледано неколку хорори во живот. Било какви, ги има и тука. Сè што е тука, намерно е така. Нема дупки, сè си е со прична таму кај што е. Трејлерот никако. Никако. Спојлери.

2 comments:

Ивана said...

Дефинитивно добар филм, ама припаѓа во хорор/трилер, неколку смешни реплики не го прават комедија. А не знам од кај побудата да го споредиш со (хорор комедијата) Tucker and Dale vs Evil? Во исти (под)жанр се ама многу различни.

Бојан Николов said...

Комично ми претставени многу елементи, затоа. :) А, и двата некако интересно си играат со хорор клишеа.