September 27, 2018

La Casa de Papel е шпанска серија

Решив дека ќе ги пријавам во полиција сите што ми ја препорачаа La Casa de Papel. Tрилереста серија од шпанско говорно подрајче, позната и како Money Heist. Бев ограбен од слободното време и ова не го изјавувам во позитивен контекст. A, почнува толку многу добро и  поставува совршено забавна основа, меѓутоа до крајот успеа да ме збуни со значењето на концептот "шпанска серија". Некако не очекував дека приказна за грабеж во шпанската национална фабрика за пари ќе се претвори во таква глупава заложничка теленовела. 

Осум луѓе предводени од мистериозниот "Ел Професор" кој ја води операцијата од надвор, влегуваат во фабриката со намера да испечатат неколку милијарди евра. За планот да успее им се потребни 11 денови што планираат да си ги обезбедат со 67-те заложници кои им се главната мерка против полицијата која веќе ги опколува од надвор. Нивниот план оди мазно исто како и половина од замислата за целата серија. Професорот кој е инволвиран во секој потег на полицијата успева да го држи неговиот тим чекор понапред, заложничката драма е под контрола и веќе сите почнуваат да се веселат на мирисот на свежо испечатените банкноти.


Потоа работите почнуваат да тонат во хаос и тоа само поради визијата за сценариото кое веројатно во обид да ја зајакне и онака густата тензија, почнува да се сопнува на неинвентивност и намерно отворени дупки. Од тука почнувам и со спојлери, затоа што не би можел поинаку да го доловам доживувањето. Осумте крадци се вкупно пет денови затворени во фабриката, а тоа се петнаесет епизоди во оригиналниот формат или дваесет и две од верзијата на Нетфликс поделени на две сезони. Математикава... 

Во тој рок од пет денови се случувa премногу за таква едноставна приказна. Луѓе бидуваат ранети и магично закрепнуваат, некои се заљубуваат со крадците и зборуваат за брак, крадците неколку пати ја губат и ја воспоставуваат контролата врз заложниците, се караат меѓу себе, има поделба на кланови, неубедливи пресврти, скандали, лична драма... Имав чувство дека гледам српско реално шоу што трае месеци, а не грабеж од неколку денови. Ни Џек Бауер не го снаоѓаа вакви перипетии за еден ден. Еј, копаат и тунели кои е невозможно да се изведат така за толку кратко време. 

Дури и најзабавниот дел од серијата, играта на мачка и глушец со Професорот и главната инспекторка почна да добива сапуничен третман кој не само што ја чинеше операцијата, туку и целата серија. Во моментот кога бев убеден дека Професорот е еден од најгенијално смислените ликови на телевизија, La Casa de Papel реши дека сите ликови, вклучувајќи го и него, ќе почнат да прават несвојствени работи. Некако ми е тешко да поверувам дека најманипулативниот лик  во цела серија ќе дозволи да се вплетка толку брзо во љубовна афера, особено после месеци посветена работа на речиси беспрекорен план кој беше најмногу загрозен од истата.

Ништо не ме вади повеќе од такт кога нешто навидум интелигентно и осмислено ќе почне да ја превиткува логиката само за да придвижува случувања. Џабе ти е добра идеја ако немаш начин како ја развиеш пред да ја завршиш. Некаде после првата половина изгледа како сценаристите да немале смислено што понатаму. Мрзливо пишување е кога сплеткариите на ликовите стигнуваат од точка А до точка Б со среќна судбина како превозно средство, мрзливо пишување е кога плановите на две различни страни се синхронизираат во исто време со цел да се преклопат и напакостат. Ужас. Ниедни актери на светот не го вадат ова.

А, стварно супер почна и сакав да си цепа така. Одамна не сум гледал серија што ме држела фокусиран епизода по епизода додека не клапнам од умор. Штета што само еден дел е таков адреналински, следниот ден веќе заспивав кога некој од тазе паровите вчера сретнати ќе почнеше да си ја планира венчавката. Не го ни преувеличувам ова, се случи повеќе од еднаш со различни ликови.

Во еден мал момент дури помислив дека сведочам историја, дека гледам една од најдобрите приказни смислени за ваков медиум. Веројатно и сценаристите така си мислеле додека не дошле до "сега што?" точката. На крај се предадов и јас, исто како полицијата која едноставно исчезна од серијата во моментот кога крадците ја напуштија фабриката со парите иако само неколку часа порано некој од ликовите предложи да затворат улици, булевари, аеродроми и слично.

Сепак, самиот крај го заокружува грабежот и тоа со една година подоцна од настаните. Затоа и не ми е јасно како Нетфликс инсистира да го продолжи ова со нови епизоди. Остајте го да си биде така, гледам дека на многу луѓе им се свиѓа. Секое продолжување на истата приказна и ликови веќе ја изгуби смислата со финалето. Не ни треба исто како втората и секоја наредна сезона на Prison Break. Нема потреба сѐ да биде исцедено до непрепознавање.

Види такоѓе:

September 20, 2018

Првата сезона на Castle Rock

Се токмев да пишувам за Castle Rock уште од денот кога излегоа првите три епизоди наеднаш. Не мислев дека толку ќе се навлечам на серија потпишана од Стивен Кинг и Џ.Џ. Абрамс. Двајцата имаат историја со тензични мистериозни материјали, па иако не сè што допреле допрело и до мене, бев љубопитен да проверам каков ќе биде плодот на нивната соработка во таков контекст. Барем во името на она што мене лично ми значат некои од нивните претходни дела.

Не сум најголемиот обожавател на Стивен Кинг, уживател е можеби поадекватен опис. Сум прочитал неколку негови книги, ми се свиѓаат и некои од адаптациите на истите, го почитувам како автор, ама не сум доволно упатен за да тврдам дека сум запознаен со обемната митологија која ја создава и служи како осонова за Castle Rock. Серијата има оригинална приказна сместена во истоименото градче кое доаѓа од страниците на многу од неговите книги. Иако е наводно преполна со ситни референци од светот на Стивен Кинг, јас успеав да ги препознаам само "најголемите".


Затворот Шошенк е очигледно сместен во Кесл Рок и токму таму почнува дејствието. Бев малку скептичен околу изборот баш таква култна локација да биде централна фигура во сосема различен жанр, но ете сепак соодветно е вметната со функционална автономност. Другата работа што можд да ја спомнам без да ја расипам целата приказна е дека во подрумските некористени простории на Шошенк ќе најдат млад дечко затворен во кафез со енигматичен идентитет и потенцијал дополнително да го наруши спокојот на и онака непријатната вукојебина. 

Затоа ќе мора да си помуабетиме за другите аспекти. Мало запуштено градче кое изгледа како во секој момент дека ќе биде завиено од олуја не е нов елемент во наративи кои мистеријата е главното ткиво. Сме го виделе многу пати. Жители со сомнително минато, непознати странци, невообичаени матни ситуации... тема многу пати цедена што некогаш ќе го свртиш погледот на друга страна. Но, Castle Rock не ти дозволува да се одлепиш уште од првите сцени кога ќе те соочи со прекрасната кинематографија и пејсажи. Дури отпосле те запознава со мистеријата што дополнително ќе оневозможи да трепнеш и ќе те држи на штрек од недела за недела.

Castle Rock се отплеткува споро низ секоја ситуација и лик и успева да направи многу работи во прилично стегнат простор. Иако тонот го држи константен низ целата сезона, приказната ја разгранува во бројни насоки што ќе ти овозможат часови во шпекулирање, теоретизирање и размислување. Сакам кога серија останува со мене и откако ќе заврши епизодата и Castle Rock е баш една од тие. Доколку сите десет епизоди излезеа во еден ден, верувам дека немаше да направам пауза од гледање. 

Како и со секој сличен материјал, финалето на првава сезона не успеа да ги задоволи сите. Кога држиш нешто завиено до крај, а претходно често пати си нудел неочекувнаи пресврти и несигурни насоки за публиката, нормално е дека "големото откритие" нема да ти се поклопи со сечија замисла. Јас лично сум задоволен и од откритието и од исходот, но пред сè од начинот на кој беше презентиран и завиен под пласт специфичен за рамките во кои се одвива сето ова. Ништо директно и ништо на тацна, ама тука е присутно кога ќе погледнеш добро.

Покрај феноменалната музика, низ Castle Rock шетаат и исклучително квалитетни актери. Од кај се појави овој Бил Скарсгард, сериозно? Уште го немам гледано новиот It, и таму ли е вака добар? Успева секоја сцена да ја украде дури и во моментите кога присуството му е минимално. Секако и самиот лик што го глуми е очигледно така осмислен, ама перформансот му е извонреден и кога едвај зборува нешто. Веројатно е само прашање на време кога продуцентиве ќе почнат да го експлоатираат низ секакви филмови и серии како Бенедикт Камбрмбрмбеч.

Серијата е планирана да биде во антологиски формат и ова го дознав откако се понадевав дека втората сезона ќе го насочи фокусот на некои прашања чии одговори ми останаа малку матни. Има една сцена на крај која можеби најавува како би продолжила серијата во втората сезона, меѓутоа во моментов не е ништо официјално. Изненадувачки е што ова испадна таа серија што не сум ни мислел дека ми е потребна во животот. Дефинитивно е една од поквалитетните во последниве неколку години. Се надевам дека и следната ќе биде вака стегната, слоевита и интригантна.

September 3, 2018

Низ дискографијата на Еминем: Kamikaze

Вечерта кога Еминем објави краток тизер за нова песна никој не очекуваше дека сабајлето ќе се разбудиме со цел нов албум. Kamikaze пристигна сосема изненадно, без никаков маркетинг и најава, и еве веќе трет ден ја дрма рап сцената, мојот дом, канцеларијата и колата. Реално, никој не го очекуваше Kamikaze толку брзо после ланскиот кобен Revival. Дури ни по оние неколку траки што Еминем ги испука последниве месеци каде што беше евидентна неговата разочараност со лошите критики за тој албум, па макар и што беа потсетник дека сепак најдобро функционира кога е предизвикан и нападнат.

Откако Revival му ја расклати позицијата на сцената, Kamikaze е логичниот следен чекор. Овој пат има што докажува, превземе и одбрани. Уште при шестминутната воведна трака "The Ringer" ти е јасно дека ќе слушаш вистински рап албум што ќе ти ја камиказира ерекцијата низ покрив. Римите му се свирепи, инструменталите не се беден мараканест тезгарски поп рок како на претходните албуми, нема "експериментален" флоу и нема глупави фори за атер на игра на зборови, туку темите се стегнати и прецизни. Нема ни тажни балади, ни гостувања од Ријана, Бијонсе и слични. Замисли, пак има што да зборува и дојден е со список на луѓе за отстрел.

Да, омотот е омаж на Licensed to Ill

Многумина наебуваат од накурчениот оган што го отвара. Критичари, новинари, политичари, мамбл трап жанрот, фаци како Lil Pump, Lil Yachty, Machine Gun Kelly, Die Antwoord, Tyler the Creator, Charlamagne, Akademiks, Joe Budden па дури и Drake иако Пол Розенберг го негираше ова на Твитер. Некогаш се знаеше дека ако Еминем те закачи на песна, толку е од твојата репутација или кариера. Денес имињата од листата погоре се обидуваат да глумат поласкани од овој потег. Иако не верувам дека е импактен како порано, мило ми е што го гледам пак во ваква борбена состојба. Свесен е и он дека некои небитни фаци премногу се опуштиле и ќеф ми е како се обидува да ги научи каде им е местото. 

Сепак, Kamikaze не го движи само оваа струја. Јасен му е ланскиот пад, самокритичен е и не го прави тоа лигаво и неинспирирано како тогаш, туку баш вешто и самоуверено ги потенцира работите кои успеал да ги подобри притоа без да звучи како повреден средовечен маж. Ова е веројатно тој звук и концепти што недостасуваа на Revival и иронично е што можеби никогаш немаше да го чуеме ова без тоа гомно од албум. Целиот овој нов материјал е издигнат врз гробот на Revival и тоа е сосема во ред. И, сите што последниве години серат дека Еминем не е истиот без дроги, Kamikaze e тука да ги предомисли. Еминем го движи друг порок - гневот. Па, можеби и гневот кон себе е најодговорен за квалитетот на Kamikaze, додека имињата што ги расклоца се само колатерална штета. 

На овој албум успеа и конечно да се прости со D12. Никогаш таа приказна не беше официјално завршена и сега конечно е. Бендот е мртов. Ми се свиѓа тоа што на последниве албуми успева да затвори одредени емотивни животни приказни што јавно ги презентираше низ кариерата. Мајка му, Ким, ќерќите и сега конечно и D12. Но, најбитно е што успеа да се прости и со сам себе. Kamikaze има некој Слим Шејди шмек, меѓутоа е различен и било каков претходен Еминем или некоја од неговите персони. Ова е тој Еминем што може да егзистира и на денешната сцена и тоа со бескомпромисната енергија што ја немам осетено од The Eminem Show навака.

Kamikaze има само 13 траки кои вкупно траат околу 45 минути. Сосема доволно за да се олесни вака искрено како некогаш, а без да изгледа како бледа копија на себе. Продукциски албумот звучи модерно, баш онака како што би било логично да звучи Еминем во 2018. Жалам што нема ниту една трака од Дре, ама барем го нема неупатениот Рик Рубин, туку инструменталниот дел е покриен од низа помлади продуценти кои очигледно добро знаат како треба да звучи ваков рап денес. Дури и трап инструменталите на кои се подјебава со Migos се супер подлога да докаже поента и да брцне во тој звук без целосно да му се предаде.
 
Рано е да се одреди точната историска позиција на Kamikaze во моментов, албумот е само еден викенд стар, ама веќе налепи многу позитивни рецензии, акумулираше доволно контроверзност за да се збори уште долго. Можеби Ем ја доби борбата за тронот, меѓутоа ако воопшто постои војна, веројатно не е завршена. Баш кратко пред Kamikaze дискутиравме со Бојчо дека Лоџик e најдобриот жив рапер во 2018, сега не сум сигурен каде да си го пикнам тој заклучок. Годинава излегоа еден куп добри рапови, меѓу најдобрите ми се Bobby Tarantino II на Лоџик и KOD на Џеј Кол, Дензел Кари издаде многу добар албум исто, па конкуренцијата е некако тесна. Сепак, Kamikaze во моментов води кај мене макар и што причините се крајно субјективни. Иднината ќе биде занимлива сепак, зашто Еминем конечно доби облик соодветен за новото време. Веќе се очекуваат и најавуваат следни проекти.