March 12, 2018

Знаеш ли за "Сизиф", знаеш ли?

Колку и да се трудам да ја следам домашната алтернативна музика, некогаш ќе се случи радарот покасно да го фати она што почнало да се појавува во периферијата на музичкото подземје. Таму ги затекнав Pluto's Doubts лани со "Самоглад", а во меѓувреме тие истуркале долгосвиречко издание на врвот на ридот и застанале рамо до рамо со најдобрите на сцената. Скоро успеав повторно да воспоставам контакт со музиката на бендот откако во плејлистата ми влета нивниот прв албум Сизиф, објавен кон крајот на минатата година. Од тогаш неприкинато свири секаде каде што имам уред што може да пушти музика.

Сизиф со својата разнобојност смело одбива прецизна жанровска дефиниција, иако во суштина е рок албум. Pluto's Doubts се бенд кој очигледно не се напрега да звучи како ништо друго, па оттаму и доаѓа таа вибрантна уникатност; приоѓаат сосема самоувeрено, од автентичниот поетичен пристап кон текстовите до целиот спектар на емоции низ кој пулсираат деветте композиции на Сизиф. Иако вешто шараат низ различни стилови, пак успеваат да ја задржат автентичноста.


Кога првенче од ваков млад бенд звучи толку отмено и сериозно, не треба да си којзнае колку музички писмен за да го согледаш сировиот талент. Елегантните, стегнати аранжмани и стиховите што ќе си ги потпевнуваш по цел ден не профункционирале случајно. Очигледно е дека бендот знае кај тера и што прави, па лесно се препознава производот на искрена љубов и посветеност. Ова е тоа што се случува кога слoбодно и неоптеретено пренесуваш идеи во музика. Длабок наклон. Ремек-дело од прва.

Сфатив дека Сизиф никогаш нема да ме напушти кога препознав некои чувства кај мене кои ретко ми ги предизвикуваат музичари што творат на македонски јазик. Откако го ислушав првиот пат од почеток до крај, ја имав истата насмевка како при раните слушања на Heart Core и денот кога ги разбрав Фолтин. Знаеш кога нешто комплетно ќе успее да ти ја изолира околината за да ти понуди таков интимен аудио момент? Ова е тоа. После ти останува само љубопитно да продолжиш да чепкаш низ деталите. А, Сизиф ги има во изобилство.

Кога решив дека ќе пишувам за бендот и албумот, имав и неколку песни со кои планирав повнимателно да се занимавам. Но, со секое наредно преслушување толку ја зацврсти целината што сега не би можел ништо да одвојам. Албумот е бесплатно достапен за слушање и превземање на нивниот bandcamp. Штета што нема опција да се купи, Pluto's Doubts заслужуваат и финансиска поддршка, без разлика колку би била симболична.
 
Исто така, никогаш претходно не сум бил повозбуден и да чујам следен албум од домашен бенд. Знам дека е рано, Сизиф допрва ќе го пробива патот до публиката и ќе започне да обележува генерации на слушатели, ама сепак сум нестрплив да дознаам што останува неистражено за Pluto's Doubts.

No comments: