September 23, 2007

Музика за оваа недела

На Блогерај, неделава е актуелна нова "штафета". Овој пат, темата на верижните постови е "5 омилени албуми". Некои пишуваа за нивните 5 омилени албуми на сите времиња, омилени албуми за викендот (минатиот) и за најслушаните албуми за изминатата недела.

"Штафетата", до мене стигна преку Гиж. Се одлучив да направам листа на пет омилени/најслушани албуми за оваа недела. Имаше многу, но се одлучив за овие пололу:

KATATONIA – The Great Cold Distance (2006)

Најдоброто парче музика за 2006 година, според мене. Katatonia се еден од најдобрите бендови што некогаш сум ги слушнал. Албумот е прекрасен спој на бес и меланхолија. На сингловите што излегоа од овој албум, имаше интересни бонус траки кои го најавија новиот правец на бендов. Нивната шарена, но солидна дискографија, е доказ дека се успешни кога станува збор за експериментирање со музиката.

DREADLOCK TALES – SynchroniCity (2007)

Кога првпат ги слушнав, мислев дека се некаде од Јамајка. Финциве комбинираат даб, амбиент и реге на ептен пријатен начин. Релаксирана музика, погодна за спиење.

KRAFTWERK – Computer World (1981)

Kraftwerk се бенд што никогаш нема да ми здосади. Неделава, постојано си ја вртев нивната дискографија. Омилен албум ми е “Computer World”, а тука некаде е и “The Man-Machine” (1978). Концертот на Саем пред неколку години им беше феноменален. Кој не бил, пропуштил многу.

XENOMORPH – Qlippoth (2003)

Додека го чекам новиот албум на лудиов Германец, мора да се задоволам со претходните два. Xenomorph е најдобриот dark psytrance артист, што некогаш постоел. Типов го преточува мракот во музика. :) Штета што не отидов кога настапуваше тука.

PIMENTOLA – Misantropolis (2007)

Новото издание на Шведската издавачка куќа, Cold Meat Industry, која се занимава со мрачна експериментална музика, индастријал и слични правци. По одличните Coph Nia, Deutsch Nepal и Arcana, на ред дојде и Pimentola. Одличен албум, со кул наслов. Оваа година излезе и албумот на Sturmast, кој е исто така добар.

September 16, 2007

Колин Мекри (1968-2007)

Поранешниот светски шампион во рели, Колин Мекри, загина вчера во хеликоптерска несреќа, заедно со неговиот пет годишен син. Како што е познато, хеликоптерот со кој управувал Мекри, се срушил близу неговата куќа во Шкотска.

Тажно, и сеуште не ми се верува. Нека им е лесна земјата.

Повеќе околу настанот и смртта на Мекри, на официјалната страна на Британскиот "Тајмс".

Мекри ја зема титулата во 1995 година, имаше 25 победи на Светското рели и свој серијал на компјутерски игри.

September 13, 2007

Подводни светови

Седум неверојатни антички градби се пронајдени на дното на океаните. Градби кои се нашле таму низ разни земјотреси и други катаклизмични катастрофи. Се работи за пронајдоци во водите крај Египет, Индија, Куба, Јапонија, Тајланд па дури и Антарктикот. За Антарктикот, уште одамна се зборува дека е едно од местата каде што би можела да се наоѓа легендарната Атлантида.


Неверојатно е што се крие во длабочините на океаните. Вакви откритија би можеле да влијаат на историјата на светот и човештвото.

Во секој случај, интересни слики, а за секоја слика има и соодветен линк. Мој фаворит од пронајдоците, е градот пронајден во заливот на Бомбај, за кој се верува дека е стар 9,500 години. За повеќе, кликнете тука.

September 4, 2007

Музичко откритие: Space Funghi Project

Многу се радувам кога ќе најдам нова, заразна и квалитетна музика. Синоќа, слушајќи ја новата чил-аут “Temple of Science” компилација, открив еден бенд што денеска го вртам цел ден - Space Funghi Project.

Траката што е на “Temple of Science” тотално ме понесе, и ме натера да си симнам цел албум. Љубов на прв поглед. Одамна некој бенд ме нема мрднато вака. :)

Space Funghi Project нудат фантастична комбинација на амбиент, чилаут, драм ен бејз, џез, рок и куп други правци. Иако палетата на музички стилови е огромна, четириве Мексанци сето тоа прекрасно го имаат спакувано.

Имаат само еден албум, “Elektrik Psylocibe Experience” издаден во 2006 година. Дел од нивната музика може да се слушне на нивната MySpace страна.

Мислам дека нема смисла да го почнувам муабетот за тоа каква (лоша) музика успева да се пробие на сцената, а каква (квалитетна) дреме во ќошевите на андерграундот, нели?

September 1, 2007

Лунарна библиотека

Група научници, на чело со бившиот (во пензија) НАСА експерт, Џим Барк планираат градење на библиотека сместена на Месечината. Во библиотеката би се сместиле најбитни научни и културни достигнувања на човекот, со цел да се заштитат тие податоци во случај на некоја глобална катастрофа (комета, астероид, нуклеарна војна и сл.) , која би можела да ја уништи Земјата и да го збрише човештвото.

Вселенската Ноева Арка, како што нарекува Барк, би содржела секакви технолошки, уметнички, исторски и други податоци, како и примероци.

Според НАСА, изградбата на ваква база е планирана за 2024 година.

Во контекст на ова, битно е да се спомне астероидот
Apophis, за кој вчера се објави дека има шанси да ја погоди Земјата во 2036 година. Повеќе за ова, на овој линк.

Информацијата за лунарната база, е превземена од Spiegel On-Line.