Мајк Фланеган си гази последниве години. За многу кратко време ги освои симпатиите на хорор публиката. Му изгледав неколку ствари, пишував за Gerald's Game и Doctor Sleep, па сосема јасни ми се неговите вештини и талент. Очигледно е дека го познава и сака жанрот и се осеќа неговиот ентузијастички пристап. Му ја прескокнав The Haunting of Hill House серијата и директно отидов на Midnight Mass. Ова му е некој апла личен проект што одамна се обидувал да го реализира, со години наназад.
Прво идејата била замислена како книга, која патем се појавува како реквизит во два негови филмови, па подоцна се обидел приказната да ја понуди како филм и серија, меѓутоа бил одбиван од разни продукции. Конечно лани кога неговото име е веќе многу позвучно на сцената, Нетфликс му дава шанса со која Midnight Mass оживува како мини-серија од седум епизоди.
Не знаев ништо за серијата освен тоа што можев да го видам од постерот и описот. Така е и најдобро ако почнуваш да ја гледаш. Затоа и ќе се потрудам да ги пренесам впечатоците без спојлери. Midnight Mass се случува на еден мал изолиран остров каде што во црквата доаѓа нов свештеник на замена кој бргу го придобива малубројното локално население со неговите миси. Но, заедно со неговото присуство, островот го затекнуваат низа мистериозни настани и чуда.
Не би сакал да навлегувам повеќе во приказната, ама ќе спомнам дека на исклучително интересен начин третира извесни религиозни агли. Иако не е онаква директна средношколска критика кон екстремните догматски аспекти, воспоставува некој баланс и нуди различни перспективи, религијата и нејзиното поискривено толкување е еден од најсилните мотиви на серијата.
Малку бев скептичен после првата епизода. Серијата почнува многу побавно од што можеби очекував, така и си тлее додека не почнат да отплеткуваат клучните точки и мило ми е колку добро успева да се заокружи. Фланеган мајсторски ја одржува непријатна атмосфера. Хоророт го спроведува споро и поетски, па додека си задлабочен во долгите дијалози и трагаш по некаква експозиција, ќе те затекне неспремен со неочекуван пресврт. Внимателно го делка секој лик и го позиционира на начин на кој ја прави сечија приказна ефективно емотивна. Сè во Midnight Mass има сопствена тежина и важна улога во големата слика.
Судбините на некои ликови се многу пострашни од традиционалните хорор елементи што ќе ги сретнеш во Midnight Mass, баш и поради тоа ми е привлечен овој стил на Фланеган. Си има најдено некој препознатлив тон што успешно го користи во повеќето работи што му изгледав. Знае како да ги врамува стварите што ќе те прогонуваат многу повеќе од евтините преплашувања што ќе затекнеш во слични дела. Не дека комплетно е изоставен визуелниот хорор, меѓутоа фокусот е на некое друго, позаебано место. Кастингот е исто така феноменален, иако појма немам кои се повеќето од
овие луѓе. Комплетно се претопени и убедливи во нивните ликови.
Откако ја изгледав серијата на неколку места затекнав муабети дека ова е најдоброто екранизирано дело на Стивен Кинг кое нема никаква директна врска со него. Можеби инспирацијата е ненамерно позадински присутна, темите и мотивите кои се провлекуваат или па едноставно историјата на Фланеган со неговиот ангажман во адаптации на Стивен Кинг ги оддава тој впечаток, ама ќе се согласам дека не е комплетно погрешен. Има некоја Стивен Кинг нишка што ќе ти се види позната и тоа е сосема супер.
Одлична серија. Темата не е воопшто нова, ама начинот на кој што Фланеган ја третира нуди некоја свежина и уникатност што одамна ја немав сретнато во ваков материјал. Приказната секако би можела да функционира и како книга, дури и како графичка новела, ама овој формат е некако најсоодветен. Седум епизоди се сосема доволни, во ниту еден момент нема да осетиш дека серијата се тегави или губи време на небитни нешта за да пополни простор. Сега мора да седнам и да ја изгледам The Haunting of Hill House. Фланеган е дефинитивно новиот најјак мангуп во хорор жанрот и едвај чекам да видам за што друго е способен.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment