Ако ништо друго, годинава ми е исполнета со музика. Многу, многу музика. Ми влетуваат албуми што не ги очекував во 2017, албуми што ги чекав со години и буквално одбројував до датумот кога ќе се појават на интернет, како и некои за кои првпат слушнав и бев фино изненаден. На пола од 2017 веќе го имам и фаворитот кој беше во тесна конкуренција со DAMN. на Кендрик и Migration на Bonobo, но успеа да излезе како победник.
За досадните нема да губам време овој пат, па затоа во вториот дел од музичката плејлиста ќе се позанимавам со четири од различни жанрови кои ми се сместија во листата со најомилени и најслушани за оваа година. Драм ен бејс сцената исто така е опожарена од новитети, баш додека го пишувам ова ми свири новиот на Hybrid Minds во позадина. Но, за тие изданија веројатно ќе посветам една жанровска листа некогаш во иднина.
Поминаа седум години откако првпат ја почувствував креативната струја на Брајан Бетс. Инстантното навлекување на музиката која ја снима со другарчињата зад зајачките маски под името Sleep Party People, беше причината секое следно издание да го дочекувам со неопислива возбуда. Оваа година Бетс го објави четвртиот албум насловен Lingering, според него најсериозниот материјал до сега, не само во однос на процесот на создавање, туку и лирички. Темите како и претходно се крајно енкриптирани, меѓутоа поради чистите вокали полесно може да се стигне до нивната суштина.
Со минатиот албум, Бетс иако ја задржа иконографијата на Sleep Party People, одлучи да го одмори вокалниот процесор кој со години придонесуваше кон уникатниот звук. Доколку тоа звучеше чудно на феноменалниот Floating од 2014, oвде неговиот "човечки" вокал е природно наталожен врз колажот од амбиенталните психоделични мелодии и префинетиот поп. Бетс секогаш наоѓал удобност во помеланхолична територија, а со Lingering нуди спокој на секој оној кој не се плаши да пристапи во неговиот анкциозен свет.
Иако трагите од раните денови на Sleep Party People бледаат од сопствената еволуција, Lingering е уште едно беспрекорно издание. Она што минатата година ми го приреди Tell Them It's Winter сега го доживувам со овој албум кој до овој момент ми е омилениот од 2017. Планирам наскоро да го имам и на плоча.
Слушни: "The Missing Steps", "The Sun Will Open It's Core", "Fainting Spell" и "Figures"
Слушни: "The Missing Steps", "The Sun Will Open It's Core", "Fainting Spell" и "Figures"
Onyx и Dope D.O.D. повремено соработуваат уште од 2013, а оваа година решија нивото на пријателство да го подигнат во цел албум кој верувам дека ги задоволи фановите на секој табор поединечно. Како лажен рапер, повеќе ме интересира страната на Dope D.O.D. и затоа ќе си земам за право да извлечам заклучок од мојата аматерска анализа дека ова им беше најдобриот потег што можеа да го направат откако го изгубија Доупи како член. Дури ја имав и таа среќа или несреќа да го проследам вториот концерт откако останаа без него.
Албум без еден член сигурно ќе звучеше многу попразно. Shotgunz in Hell вака појачан со Onyx е како да се отвориле портите на пеколот. Но, заслугата е секако на двете страни, а во еден момент гостува и Доупи чисто за да потсети дека и покрај неговиот дискутабилен талент, тотално недостасува во целата приказна. Дрога, насилство и секс врз највалканите дабстеп и трап битови. Материјал лишен од било какви морални норми, но зарем не е ова тоа што отсекогаш ја правело оваа дружина толку забавна?
Слушни: "PIRO", "XXX" и "Playa"
Слушни: "PIRO", "XXX" и "Playa"
Не можеш да ги избегнеш оние романтичари на социјалните мрежи што упорно ја постираат "Nothing's Gonna Hurt You Baby" во различен контекст. Тоа и беше мојот прв контакт со бендов пред неколку години. Оваа депресивна американска багра пред неколку недели го издаде првиот албум кој го носи само името на бендот. Крајно скептичен се одлучив да го преслушам и сега мислам дека ми е во топ музика за оваа година. Не знам дали воопшто има поента да се обидам да си помогнам.
Ако ништо друго, ова е најтажниот албум што сум го слушнал во последниве години, а ќе признаам дека повремено го вртам I'm Wide Awake, It's Morning од Bright Eyes. Само што досвире "K." со која Cigarettes After Sex решиле да ја почнат оваа аудио агонија, ми стана јасно дека ме чека издание што ќе се обиде да ми ги избоде чувствата со скршено стакло. Браво. Ова ми е веројатно најголемото музичко изненадување последниве месеци. Потсети се на албумов следниот пат кога ќе лежиш мамурен, дехидриран и со ново остварување во низата од сомнителни животни одлуки. А, доколку се осетиш малку емаскулирано, секогаш е тука Shotgunz in Hell да те стане на нозе.
Слушни: "Each Time You Fall In Love", "Sunsetz" и "Flash"
Слушни: "Each Time You Fall In Love", "Sunsetz" и "Flash"
Лондонските Pumarosa ги открив преку една епизода на Flaked каде што свиреше "Priestess". Серијата има феноменална музика во секоја епизода, ама ова некако најсилно успеа да ми се залепи. После толку преслушувања на The Witch уште не можам да ги добројам жанровите кои ги комбинира. Пост-рок, електроника, трип-хоп, поп, фанк... Обично на ваквите бендови им се лепи "инди" етикета и се спремни за носење, само што ми се чини дека The Witch одбива било какво класифицирање.
Крајно интересен бенд и албум. Ова им е прво издание, а веќе покажуваат исклучителна смелост за експериментирање со звук. The Witch колку и да е емотивен ролеркостер, успева да истера разиграно и динамично од почеток до крај со едвај некоја пауза за колку да земеш воздух. Искуство ми покажа дека The Witch е најефективен кога се слуша во кола од дома до работа во гужвите.
No comments:
Post a Comment