July 13, 2020

Опсесијата со Astroworld

Веќе цела година нема ден без да преслушам нешто од Astroworld, третиот албум на Тревис Скот. Дури и да не ми отсвири цел, задолжително свири некоја избрана група на траки. Албумот излезе летото 2018, ама не успеа да ми кликне на првите слушања. Изостана и од тогашната моја "плејлиста за лажни рапери". Околу година покасно додека ја средував музичката колекција решив да му дадам уште една шанса пред да го снема и од таму. Наместо тоа, Astroworld ми се всади засекогаш меѓу омилените воопшто, па од "неразбирање на трап жанрот" завршив со некоја речиси морбидна фасцинација со таков албумски примерок.

Иако основата на Astroworld е траперска, Тревис Скот никогаш не го држи звукот стрикно лимитиран на едно место. Целиот албум е шарен, вибрантен и неприкинато разигран. Постојано се случува нешто што го движи и анимира општиот амбиент, било тоа да се интензивните психоделични мелодии или аутотјунираните вокали кои некогаш смело извршуваат функција на засебен инструмент.


Всушност, целиот овој музички рингишпил ја пакува главната движечка инспирација на Astroworld. Албумот е инспириран од истоимениот забавен парк кој постоел во Хјустон додека Тревис Скот бил дете. "АстроВорлд" е срушен во 2005, а Тревис Скот кој никогаш не го преболел тоа што му го одземале на градот, со неговиот Astroworld се обидува да го оживее и преслика цело тоа искуство во музички концепт. Тематски, албумот секако не е за убавите спомени од светкави ролеркостери, ама можеш да  осетиш како си поигрува со одредени аудио мотиви и прави јасна паралела.

Возењето е феноменално и покрај тоа што можеби никогаш нема да си кликнеш со текстовите и темите со кои се занимава. А, не се ни труди нешто особено да ги доближи на начин на кој ќе ги разбереш. Тревис Скот веќе не е малото скромно дете од Хјустон што се обидува да се пробие на сцената што дави со лични теми за идентификација. Лирички, Astroworld обликува гламурозен рокенрол свет претежно несфатлив за обичниот човек, ама во еден удобен гостопримлив амбиент каде што не може да не ти е пријатно доколку ќе ја прифатиш општата идеја. Ако го пуштиш албумот, веќе си се качил на реквизитите што ги нуди овој забавен аудио парк.

Само што ќе почне "Stargazing" веќе знаеш дека нема симнување додека не сопре. Знаеш и дека не е секогаш за тематиката, туку и за расположението кое го создава. Дури и тоa спротиставување на музиката и текстовите ми е крајно симпатично. Кога ќе чујам вакви психоделични инструментали обично очекувам некој како Onoe Caponoe да рипне со поеднакво забегани теми, но Тревис Скот вешто ги проработува звучните подлоги без премногу да отстапи од сопствената реалност.

"Stargazing" иако е една од позанимливите ствари, не е ни отприлика пример за каков е Astroworld како целина. Ама, тука започнува и тоа носталгично трагање по загубениот "АстроВорлд" парк кое како суптилен мотив вибрира до крајот на албумот, коегзистирајќи со дрски парчиња како "Who? What!", на пример. Има некоја чудна меланхолија што се мотка околу и повремено отцепува друга димензија од Тревис Скот. Како некој друг пулс од неговото детство што дошол на албумот со копнежот по "АстроВорлд", можеби непокането и ненамерно.

Има еден таков момент на крајот на "5% Tint" каде што албумот за конечно ми прозборе и сфатив дека е многу повеќе од тоа што е видливо на површина, само што не го фатив тоа ептен првото слушање. Не знам како. Кратката мелодија со која завршува таа песна почна да ми предизвикува еуфорија и ежење по врат, онака секое слушање, а кога нешто такво ќе ти се случи со музика мора да копаш подлабоко и да пробаш да најдеш како и зошто.

Astroworld има повеќе такви "паузи" за интроспектива, спознавање и можеби потрага по сопствен "Луна парк". Знаеш, како кога на непознатo место ќе се сретнеш со познат. Усната хармоника на Стиви Вондер со која се одјавува "Stop Trying to be God" или хипнотичките сајзери на крајот од "Astrothunder" се убав пример за како Astroworld остава простор за едноставно да земеш длабок здив од панаѓурската гужва и бука. Фајронтската "Coffee Bean" има сличен ефект, но со сосема поинаков пристап.

Неограничениот пристап до продуценти и разни музички гости овозможил беспрекорен звук, дури и кога се чини дека има моменти каде се комплетно препуштени на експериментирање и импровизација. Секое парче од Astroworld е дело на десетина различни луѓе, нешто што ме тера да мислам дека создавањето на албумот било многу слично My Beautiful Dark Twisted Fantasy од Кање. Complex имаат една многу убава репортажа за снимањето на тој албум што милион пати сум ја читал и не престанува да ме фасцинира. Штета што документарецот за Тревис Скот, Look Mom I Can Fly едвај нуди поглед позади завесата на Astroworld, ама се надевам дека еден ден ќе добиеме фино склопена приказна за како настанало ова бескрајно шармантно ремек-дело.

Уште не сум убеден Тревис Скот е таков музички гениј како неговиот ментор и баџанак Кање, чии пак влијанија се очигледни на албумот и можеш да чуеш каде точно го дал својот благослов. Но сепак, очигледно е дека одлично ги има изрежирано сите учесници на Astroworld за да си ја овековечи визијата. Некогаш и такво спроведување на креативен импулс е клучно за успех. Како домаќин е исто феноменален. Astroworld прибира куп гости ко на куќна слава, ама онакви како Drake, The Weeknd, James Blake, Kid Cudi, Frank Ocean, Swae Lee, Tame Impala, Migos, 21 Savage, Don Toliver и други чија задача е вокално да ги оплеменат инструменталите и во ниеден момент не се чувствува дека некој е вишок.

Мислам дека нема песна што The Weeknd не ја направил поубава. Сериозно, залепи го на било што и чуда прави, растура и склопува одново. Затоа "Wake Up" се двои како една од повпечатливите на цел албум и веројатно е една од најприземјените. Истовремено е и The Weeknd песна и песна од Astroworld. Има и супер спотче режирано од Џона Хил лично, замисли. Но, од сите гости мислам дека во моментов најмногу сум навлечен на Дон Толивер во "Can't Say".  Штета што дечкото до сега функционира најдобро како гостин. Супер беше и кај Еминем на Murder, ама едвај до пола му го издржав соло албумот.

А, пази. Astroworld денес не е само албум. Во 2019 се случи и како фестивал, естетски спастрен да потсеќа на непрежалениот забавен парк. А, на промотивната турнеја Тревис Скот користеше и различни реквизити на сцена, ролеркостери и слично, што ирелевантниот Томи Ли проба да го наклевети за плагијат, како некој да се сеќава дека некое старо глам рок прдало некогаш лупал бубњеви на сличен ролеркостер. Темата е преглупа, онака ја спомнувам попатно во контекстов, испадна дека иста фирма ги правела сценографиите и на двајцата. Повеќе на линков ако те фура жолт печат.

Веројатно секој артист во кариерата достигнува една точка од која не може понатаму. Astroworld е тој магнум опус на Тревис Скот и албум со кој ќе бидат мерени сите други негови. Тргни од тоа што сам го кажува за албумот и како лично го доживува, до енергијата што неприканто пршти од секое ќоше во овие седумнаесет песни. Знам дека многумина се крстат во Rodeo, ама сметам дека Astroworld е најзрелото и најамбициозно дело на Тревис Скот каде што очигледно го вложил секој свој атом. Цел албум е слој врз слој врз слој и упорно секое преслушување изненадува со нешто ново. Не звучи како ништо друго претходно, особено не во жанр што знае да биде хомоген, а сигурен сум дека влијанијата од овој звук допрва ќе се чувствуваат.

July 6, 2020

Музичка плејлиста: Албуми од 2020 година

Таман сме околу средината на ова дно од година и тоа е супер време да ја стокмам мојата карантинска музичка плејлиста со овогодинешни изданија. Додека повеќето забавни индустрии се моментално во коматозна состојба, музиката воопшто не ни престана да свири, а и најмалку смее. 2020 година до сега донесе извонредни музички парчиња од сите страни на светот и за среќа имав време да асално преслушам добар дел од тоа што иницијално ми ги нашили ушите.

Во оваа прилика ќе ги одвојам изданијата што најмногу ме задржаа и инспирираа да чкртнам нешто за нив. Листата подолу не е по никаков редослед, ниту пак сум се одлучил за вториот омилениет албум од 2020 до сега. На прво место уште ми е Music to be Murdered By и знаејќи колку сум пристрасен, веројатно така и ќе остане. Во случај да не се читнеме пак на темава до крај на годинава, ги преслушав и новите изданија на The Weeknd, Dom & Roland, Pop Smoke, Metrik, Shabaka and the Ancestors, Denzel Curry, Mac Miller, Freddie Gibbs & The Alchemist, Joyner Lucas, InMost, Future, G-Eazy, Childish Gambino, Bohren & Der Club of Gorе.. не знам што друго? Има и од овие неколку јаки што за жал не ги собра во листата подоле сега, ама нека излезе уште нешто, па здравје може ќе стојат заедно со тоа.

Emancipator - Mountain of Memory


Кариерата на Emancipator ја следам речиси исто толку долго како онаа на Bonobo. Интересно беше да се посматра како Даг Еплинг постепено дивергираше од раните Bonobo влијанија за денес да е комплетно автономна сонична моќ. Не дека некогаш Emancipator беше во нечија сенка, ама често можеше да ги сретнеш во ист контекст бидејќи и двајцата музичари гравитираат околу сличен жанровски спектар. Но, изминативе години Emancipator фати еден правец кој многу повеќе ми пасува од последните изданија на неговиот постар колега.

Mountain of Memory е поглавје снимено во изолирано студио среде длабока шума во Орегон. Не знам што е со тие шуми таму, ама на таква локација е создаден и брилијатниот The Impossible Kid на Aesop Rock. Шумата избила нова енергија од Emancipator на овој албум, да создаде свет што е див, интимен и растеретен од секави допирни точки со нашата бетонска реалност. Mountain of Memory е речиси спиритуално прибежиште за аудиофили и за секој што трага по некаков музички спокој.


The Four Owls - Nocturnal Instinct


The Four Owls и целата таа High Focus екипа ми се врвот на сировиот британски подземен рап. Си владеат цел неграјмерски оддел таму и никој не успева да им се доближи. Nocturnal Instinct го чекав некои четири-пет години. Бувовите маваат дрско како и последниот пат на Natural Order, не ни очекував послаб технички перформанс. Но, во периодот измеѓу овој и претходниот нивен албум, скоро кај секој член посебно имаше некаква еволуција на звукот и стилот, па се понадевав дека ќе донесат дел од тоа и тука.

Сепак, Nocturnal Instinct воглавно опстојува некаде на истата линија како и претходните нивни ствари, со минимални звучни новитети. Баш поради тоа, дел од албумот е лимитиран од сопствениот стандардизиран шаблон, а најсвежата енергија се соработките со имиња како Masta Killa, R.A. The Rugged Man, Roc Marciano и секако Примо како гостин-продуцент. Иако и во оваа прилика The Four Owls формулата е функционална, мислам дека е последниот пат што ќе се извлечат без некоја значителна иновација.


Tom Misch ft. Yussef Dayes - What Kinda Music


По забавниот Geography од 2018, Том Миш се враќа со ново издание, овој пат соработка со британскиот џез тапанар Јусеф Дејс. What Kinda Music е колоритна фузија на жанрови која упорно бега од јасна дефиниција. Двајцата доаѓаат од различни музички школи и прецизно се надополнуваат во непостојана и разиграна целина. Расположенито кое преовладува на албумот е единствено, но творечката слобода кои двајцата ја користат им овозможува да го пренесат низ повеќе тематско различни парчиња и секогаш да звучи супер.

Албумот е еден од оние за кои ми требаше време да му ја најдам точната намена. Ако ти треба саундтрек за лабави ноќни возења во полу-празен град, ова е тоа. A, кога убаво ќе ти легне, ќе почнеш да се фокусираш исклучиво на перкусијата и на тоа како Дејс владее со тапаните. Тоa значи дека е време да ти отсвири цел Black Focus.


Muffler - Thousand Planets


Мислев ќе отиде летово без добар драм ен бејс. Во последно време ретко налетувам на издание што континуирано ќе ми свири и ќе ме убеди да му се навратам месеци покасно. Не знам дали жанрот е проаѓа низ некоја тапа фаза или малку јас сум се одвоил, ама со оглед на тоа што уште често ми свират некои постари изданија - веројатно ќе е првото. Muffler е еден од оние неколку ликови што го имаат совладано ликвидфанк звукот до перфекција и упорно удржуваат некаков златен стандард. Уште во првите минути ми беше јасно дека ова тој албум што ќе го преставува жанрот во мојата плејлиста со музики од 2020.

Thousand Planets е компактно парче од само триесетина минути, ама е доволно згуснат за времетраењето да му е занемарливо. Секоја трака е зрело формирана, препознатлива и соодветно позиционирана во звучниот колаж и нема ништо вишок што би фаќало простор. Албумот пршти со емоции, свежа енергија и создава еден чудно пријатен носталгичен амбиент каде слободно можеш да си тагуваш што оваа година концептот на изгрејсонце после журка е укинат.


Tycho - Simulcast


Неспорно е дека Скот Хансен e исклучително талентиран музичар, креативен и посветен. Секој Tycho албум сведочи за тоа колку може да си иновативен во жанр каде ако малку се опуштиш и клизнеш може да завршиш како музика за лифт или позадински звуци за мали огласи на локална телевизија. Хансен низ годиниве успеа да се дотурка и до некоја пост-рок територија, внимателно комбинираќи ги електронските амбиентални апстракции со поогрански звук. Да речеме дека функционираше до оној момент кога лани на Weather шлапна и вокали. Албумот доби и Греми номинација, а јас после неколку неуспешни обиди да го заслушам го исклучив засекогаш.

Simulcast е некој вид продолжение на Weather, меѓутоа без вокалите што ја гушат карактеристичната опуштена, сонлива атмосфера и го прават Tycho да звучи како средношколски The XX кавер-бенд. Ваквата музика сакам да ми раскажува без вокали, а Tycho секогаш бил мајстор за тоа. Simulcast е точката каде што го судира звукот од Weather, па и Epoch, со постарите изданија. Резултатот е сосема слушлив, баш поради тоа што таа колизија на повеќе тонални пејзажи доаѓа некако природно и без да звучи дека Хансен направил чекор наназад за да задоволи некаква си публика.


Bishop Nehru - Nehruvia: My Disregarded Thoughts


Не сакам да кажам дека Bishop Nehru е име за кое светот допрва ќе слушне. Неколку пати така пророкував за Dillon Cooper, K.A.A.N, Chris Webby и неколку други млади рапери и промашив. Некои ги снема од секаков радар, други се посраа, некои уште не можат да најдат издавач... Мислам дека само Denzel Curry има некаков значителен успех денес од тие на кои некогаш сум се кладел. За Bishop Nehru нема мнгоу да паламудам. Ќе кажам само дека не знам многу тинејџери што за многу кратко време оствариле соработки со Примо, Madlib и MF Doom, или па отварале за Wu-Tang на европска турнеја.

Nehruvia: My My Disregarded Thoughts е сертификатот на кој пишува дека овој млад дечко е роден да го прави ова. Има вештина да спои неколку хип-хоп школи и притоа да цврсто да си го одржи сопствениот идентитет и печат, што е можеби ретка дарба. Не звучи како да е оптеретен е тековните трендови во индустријата, а пак без проблем може да навигира низ нив. Хиперпродуктивен е, а пак грото од тоа што ќе го чуеш е со исклучително висок квалитет. Не дека е некое мерило, ама ако допрел вака и до лажни рапери како мене, можеби треба да му дадеш шанса.