Секако дека се распукав бумер шутери после Warhammer 40,000: Boltgun и секако дека ја протрчав и Doom од 2016. Така занесен дека со години го немав пипнато жанров, ми се распламти некој ентузијазам до степен да и првиот Doom филм ми се виде како добра идеја. Колку стварно може да е лош после толку години? Најмалку што очекував е да се позезам саат и кусур. Си викам, сигурно денес ваков филм од таа далечна 2005 ќе е преполн со наивна забава карактеристична за тоа време. Мислам, ако воопшто имаше нешто специфично на филмски план во 2005. Сигурно имало. Плус, Карл Урбан и Д Рок на почетокот на кариерите. Нема шанси да е крш? Тоа е како да ти бил лош Universal Soldier.
Doom филмот ми ги надмина очекувањата за тоа колку еден филм општо може да биде катастрофа. После толку работи изгледани до денес мислев дека ништо веќе не може да ме изненади. А, баш види што имал мејнстримот во истата година со Doom. Последниот добар Star Wars, некојси Бетмен филм без Мајкл Китон, Serenity, адаптација на The Hitchhiker's Guide, камбек на Роберт Дауни Џуниор. Има и хорор со Парис Хилтон и два филма со Џесика Алба ако ти е баш дојдено до 2005 година.
Многу од тие 2005 остварувања се значајни и ден денес. Стилот на Batman Begins уште се црпи низ филмови и серии, а некои други уживаат култен статус во одредени кругови иако тогаш не си прошле најдобро. Doom замисли, успева да е лош и денес по сите параметри. Толку е лош што не покажува никаков знак за потенцијал да биде добар од што е лош. Жалам што не го оставив таму каде што припаѓа. Со кратката актерска кариера на Парис Хилтон и целокупната кариера на Џесика Алба. Уште па и планирав ако ми е забавен да го гледам и Doom: Annihilation.
Како можеш да промашиш Doom филм? Наједноставната идеја на светот е. Не е ништо ново за на филм. Добро, можеби во 2005 не знаеле за Џон Вик, Shoot 'Em Up е две години покасно, ама нема шанси режисер како Андржџжџжеиј Барктовиак што цела кариера работел на акциони филмови толку да го има утнато концептот на Doom за да склопи филм што едвај има акција. Пукаш во демони. Тоа е, толку е. Има неколку сорти на демони и ти треба лик што ќе пука во нив. Не знам од каде оваа самодоверба да направиш Doom адаптација што не само што нема демони, туку личи како да ја склопувал некој што единствен гледан филм во животот му е Alien: Resurrection.
Цел филм е некако бездушен, без јасна визија и разбирање за изворниот материјал. Не знам што било причината. Може мислеле дека снимаат Resident Evil, реално материјалот е многу посличен на тоа. Не верувам дека било целосно друг филм, па при крај некој се сетил дека може да го брендира како Doom. Рано е за таа Cloverfield ера на филмови каде што студијата би направиле такво нешто, ама скроз изгледа како да ја снимиле таа сцената во "прво лице" за колку да залепат Doom на постерот.
Еве и да прогледаш низ различната идеја, пак е тапа. Нема константно темпо и тон. Сака да создаде некоја тензија, некаква опасност во која ќе ја стави оваа група невоспитани маринци што комуницираат меѓусебно како симнати од планина, ама едноставно ништо не функционира. Само се ашкаат споро со пушките низ темни ходници и буквално ништо друго не се случува. Третина од филмот не ни гледаш со што воопшто се соочени. Некогаш таман мислиш дека ќе убрза со акциона сцена, ќе засвири и музиче такво и наеднаш ќе почне да пак трокира.
Сценариото е глупаво, нема ништо друго освен експозиција и некои плитки дијалози што се трудат да ти доловат кој лик е кој. Ни тоа не е јасно. Да не ги знаев Карл Урбан, Д Рок и онаа антипатичната од Gone Girl, немаше да имам за кого да "навивам". Морав нив да ги изберам како главни ликови само затоа што ми беа познати од негде. Карл Урбан е ебан цар. Кај сакаш стави го, колку и да му е глупаво напишан ликот ќе се испоти од работа, ама овде озбилно нема што да прави. Аман, дајте му да биде Dredd уште еднаш. Кој да биде Дред освен него, Теса Томпсон ли?
Рок е посебно лош тука, што еве денес по други филмови и не е толку. Овде е пресериозен, како да било ова или ништо. Дава максимум, а едноставно нема актерски капацитет за тоа што пробува да го направи. Мисли дека во Apocalypse Now глуми и ми е многу симпатично и смешно. Штета што филмот толку многу ќе те истошти со други глупости да не можеш да се фокусираш на некои вакви детали.
Таа сцената што и денес е второто нешто што ти текнува околу Doom филмoт е сосема супер, меѓутоа не можат тие три-четири минути сами да го качат целиот циркуз на грб. Баш тоа е единственото нешто што е приближно до штофот на изворниот материјал. Акција, насилие, побрзо темпо и лефтерен тон. Не да се посереме од смеење сега, ама Doom филм не треба да се срами од хумор. На ова овде ем му е незгодно што е адаптација на видео игра, ем постојано настојува да биде сериозно и надмено, демек едниот медиум вреди повеќе од другиот. Ебати филмот глуп.
Пробувам да најдам некое објаснување. Баш од сите промашени филмски адаптации на игри за ова ми е некако најсмешно. Не е The Last of Us тип на приказна. Не е изворен материјал со којзнае какви богати приказни и фолклор, да треба да те замара накурчена публика што фикцијата ја меша со реален живот, па ќе ти го сере филмот на ирцови, форуми, блогови и останати интернет платформи умрени пред петнаесетнаесет години. Уште посмешно е што пак ја утнале работата и во 2019 со Doom: Annihilation откако е излезенa игра што фантастично го утврдува концептот, Hardcore Henry и неколку Џон Вик филмови.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment