Никогаш не сум бил некој љубител на survival игри. Единствениот контакт ми се неколкуте саати Rust и минмалното градење на базата во Fallout 4, ако воопшто се важи. Веројатно второво не? Ја немам ни Minecraft пуштено во животот. Сум немал нерви да прибирам градежни материјали до бесконечност за да развивам бази и засолништа. Но, под делумно влијание на викингшката тема во актуелната Magic: The Gathering едиција Kaldheim, некако случајно се најдов во Valheim и еве уште не можам да ја изгасам.
Не знам каква е Valheim во споредба со другите игри во жанрот, ама сум комплетно навлечен на нејзината механика, есетика и амбиент. Ја играм и со други луѓе, дури и неколку лајв стримови испукавме на Twitch. Презабавна е. Од некој што не можел да смисли игри каде што коваш даски за кров, сега постепено се претворам во нордиски архитект. Беа потребни неколку градби што изгледаа како полско ќенефче за да ми тргне, ама брзо се учи и потоа си оставен на сопствената имагинација и креативност.
Valheim се појави од нигде на почетокот на фебруари оваа година и не престана да го освојува гејмерскиот свет. Малото шведско студио Iron Game AB составено од само пет луѓе, успеа да ја продаде во четири милиони за неполн месец. За кратко стана најстриманата игра на Twitch и во еден момент беше втората најиграна игра на Steam. Valheim е феномен што е секако занимлив да го посматраш од страна, а уште појако е да го искусиш од прва рака. Тапа е да не пробаш за смешно ниската цена што ја има.
Тематиката во Valheim е позајмена од нордиска митологија. Ликот што го креираш е воин кој го загубил животот во битка и сега се наоѓа во дивото чистилиште Валхајм каде е соочен со опстанок. Опасноста демне од секоја страна, па треба да ги користиш сите начини што ти се на располагање за да преживееш. Покрај постандардните предизвици и ѕверовите со кои си налетувате еден на друг, има и пет поглавни древни непријатели на Один, кои ти ја движат приказната и на некој начин ти го бележат прогресот низ Валхајм.
Околината е огромна и процедурално генерирана, има часови и часови за истражување, како пешки така и по вода. А, секој играч може да има повеќе такви различни светови, како и да ги посетува и да тера авантури низ световите на други играчи и пријатели. Не е класичен онлајн мултиплеер, туку има супер ко-оп систем кој поддржува до десет играчи на еден свет. Верувам дека во иднина ова ќе го прошират и на повеќе играчи.
Во таков еден свет си фрлен без ништо. Со голи раце. Па така, првото нешто што би требало да го направиш е да најдеш гранка некоја и камен, да склопиш некаква примитивна секира со која посериозно ќе се осврнеш кон соголување на околната шума ко некој дрвокрадец. Треба некако да ја преживееш првата ладна ноќ, па подобро да исцепиш некое дрво за огрев и некаков покрив над глава. Студот и дождот ти влијаат на перформансите, па кога ќе те стемни подобро е да имаш некакво засолниште од чудовиштата што може да налетаат на тебе.
Valheim многу малку те држи за рака, па сите работи кои можеш да ги создаваш во играта ти се откриваат постепено. Почнуваш многу скромно. Со секој нов ресурс што ќе ти падне во рака, ти се отвараат и стварите што можеш да ги правиш со него. Градежни материјали, мебел, оружја, оклопи, итн. Секако, можеш да видиш и целосни листи на интернет, што-каде да собереш низ играта, ама задоволството е многу поголемо кога ќе си откриеш сам. Нигде не те брза играта, така што прејако е лабаво да истражуваш и да ги дознаваш сите фини работи и детали што ти ги нуди. Пример, ми требаше неколку денови за да сконтам дека ветерот влијае на стрелите, па треба да му го запазиш правецот на дување пред да го оптегнеш лакот кон нешто.
Предизвиците во Valheim не се само од околината. Пред да
одлучиш да се тепаш со нешто, без разлика дали е дива свиња или трол,
треба да се осигураш дека си добро најаден и одморен. Секогаш треба да
чуваш три различни видови на храна на дофат, а мора да ги запазиш и
временските услови пред да одлучиш да тргнеш со секира кон нешто. Не
секогаш ќе имаш прилика да се стокмиш на време, па така што некогаш ќе
се најдеш во ситуација немоќно да бегаш додека некој трол ти ја упропастува
колибата што си ја градел претходните два дена. Некогаш и ќе се удавиш
во река бегајќи.
Налетав на една рецензија што ја опиша Valheim како "играта со која создаваш сеќавања кои ќе те растажуваат години покасно". Со оглед на тоа како ме забавува, веројатно ќе е стварно така. Нема да го заборавиш првиот обид за градење куќа, првиот сплав и запловување низ океанот, саатите додека се обидуваш да уловиш елен со стрела или првата тепачка со некој од босовите. Купче авантури кои нема шанси да не си ги понесеш со себе во животот и да акне носталгија во некое идно време. Особено ако ова ти е прва игра од ваков жанр како што ми е мене. Еден месец откако излезе, а веќе можам да ја вбројам во едно од најдобрите гејмерски искуства воопшто.
Баш ме интересира која е иднината на Valheim. Играта е уште во early access, а изгледа многу покомплетно од игрите со слична етикета. Сигурен сум дека ако тимот продолжи да работи вака посветено, играта ќе стане уште поголема и попопуларна. Потенцијалот е огромен, а за кратко време стекнаа и верна публика што одлично ги поддржува. Четири милиони примероци за неполн месец се сериозна бројка и сон на секое вакво мало инди студио. Веќе имаат некаков амбициозен план за 2021 и сигурен сум дека ќе успеат да го реализираат. Едвај чекам да видам што е следното во светот на Valheim.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment