February 21, 2018

Breaking Bad е врвот на телевизијата

Откако се простив со сите тековни серии, од кои повеќето не успеаа да ми докажат дека се исплатливи за времето што ми го трошат, сфатив дека дошол оној момент за второ гледање на Breaking Bad во животот. Наскоро ќе се заокружат петте години откако ја гледав последната епизода, а десетте од почетокот на серијата веќе се навршија минатиот месец. Се закачив покасно на Breaking Bad, кога веќе беше во тек, ама за последната сезона станував саат време порано за да ја гледам новата епизода пред работа. Имаше спојлери насекаде, па ова беше единствениот начин да се заштитиш од нив.

Breaking Bad по свежото прегледување ми докажа дека е најдоброто нешто што ми било понудено на телевизија до тогаш и отпосле. Да, секако има и други добри серии, ама ова е тоа што на мојата топ листа е забетонирано на врвот. Breaking Bad има ретко конзистентен квалитет кој никогаш не дозволи серијата да го заринка моментумот. Дури и Lost, серија чие гледање ми беше неповторливо искуство и надвор од екранот, имаше моменти каде што неславно се распаѓаше при некои маневри.


Овде таквите осцилации се непостоечки и покрај тоа што приказната е турбулентнa од почеток до крај. Пилот епизодата нè запознава со преквалификуваниот професор Волтер Вајт кој страствено објаснува за хемиска трансформација на полузаинтересираните средношколци од неговиот клас. Суптилна експозиција која всушност ја наговестува и неговата сопствена промена за чија крајна форма ништо не може да те спреми како публика. Волтер живее скромно. Има жена и син, второ дете на пат и го прославува својот 50-ти роденден. Дијагностициран е и со рак во напреден стадиум за кој не само што нема средства за да го третира, туку и неговата фамилија ќе остане финансиски необезбедна откако ќе умре.

Но, пред болеста да го онеспособи комплетно, Волтер решава да се обиде да обезбеди пари со неговите вештини како хемичар, и со Џеси Пинкмен, негов поранешен ученик, да почне да произведува кристал мет. Мирниот Волтер Вајт, чиј глас едвај некогаш се слушал некаде, човек кој е мета на потсмев и понижувања наоколу, сега почнува да го исполнува својот професионален потенцијал. Генијалноста на Волтер за кратко време ќе го закити со легендарна репутација во криминалното подземје, а по брзото богатство ќе се стекне и со цврста самодоверба која се манифестира преку неговото ново алтер-его - Хајзенберг.


Волтер паралелно со двојниот живот, мора да го одржи балансот и во семејството кое не е запознаено со неговото фриленсерско занимање, а тоа што полицијата и други криминални групи почнуваат да трагаат по Хајзенберг само дополнително му го отежнува одржувањето на растечката моќ. Иако премисата звучи прилично едноставно, непревидливоста на приказната и тензијата од епизода до епизода засекогаш ми го смени начинот на кој гледам серии. Со второво гледање мислам дека си ги уништив следните неколку месеци. Што и да гледам сега ќе ми изгледа млако.

Ликовите во Breaking Bad се еден од најмоќните аспекти на серијата. Не само Волтер и Џеси, туку и оние кои само попатно никнуваат во големата слика. Секој од нив има повеќеслојни карактеристики, мотиви кои лесно можеш да ги разбереш и да застанеш зад нив, па така што често пати ќе се најдеш во ситуација да навиваш и за ликови кои во друго опкружување би биле само обични негативци. Вистински човечки карактери кои изгледаат реално, а внимателно избраниот кастинг е само уште еден елемент кој ти ги носи поблиску.


Со Волтер сепак серијата отскокнува и од ова. На почетокот неговите акции се логични, ги правдаш неговите постапки и начин на делување. Сочуствуваш со она што му се случува. Меѓутоа како што прогресира приказната и неговата трансформација во мрачиот Хајзенберг, целосно заслепен од сопственото его и моќ, почнуваш да се сомневаш во сопственото морално расудување. Серијата постепено почнува да го антагонизира Волтер до степен кога навиваш да попие куршум во глава зашто ги уништува сите околу, а особено Џеси. Страната е сменета и тоа толку бавно и мајсторски што воопшто не се осеќаш изманипулирано, туку си едноставно воодушевен.

Фасцинатно е колку некои моменти од серијата повторно ми го нарушуваа спокојот со неизвесноста и покрај тоа што го знаев нивниот исход. Пак го задржував здивот на сцените со нестабилниот Туко или кога Хенк ќе тропа по мобилната лабораторија каде што се кријат Волт и Џеси. Дури бев запрепастен и кога некој ладнокрвно ќе убиеше дете, без разлика на тоа што Breaking Bad уште пред години докажа дека нема морални граници пред кои ќе сопре. И, пак шмукав цигара за цигара додека се тресев на "Ozymandias" епизодата. Која друга серија може да ти го приреди ова на второ гледање?


Боите се уште еден феноменален детал од Breaking Bad кој го зајакнува и онака беспрекорниот визуелен аспект на раскажување. Сега со веќе позната приказна, имав повеќе време да ги забележувам вакви ствари. Во секој кадар има нијанса на сино, боја која коинцидира со продуктот на Хајзенберг, без разлика дали е некаков предмет или се наоѓа на облеката на некој од ликовите. А, бојата на самата нивна облека е толку опширна што дури и заслужува цела посебна анализа. Затоа само кратко ќе приметам дека нијансите се речиси секогаш во контекст на општата или ментална состојба на тој што ја носи.

На пример, кога Волтер го има легендарниот "I am the danger!" монолог, кратко пред тоа ја соблекува кошулата под која ја има најтемната варијанта на црвено, симболизирајќи дел од неговиот мрачен спектар. Често и осветлувањето во некои сцени е искористено за сличен ефект, а Винс Гилиган не се воздржува да си поигра и со рефлексијата на лицата на ликовите во разни предмети и огледала. Некогаш ова служи како предвесник за правецот на нечија судбина, некогаш како заклучок, или па кога ќе реши да ја изрази нивната дуалност. Сите овие елементи се брилијатно искористени во последните неколку кадри од финалето.


Breaking Bad е дело на напорна работа, љубов и максимална посветеност. Ако добро се сеќавам, причината поради која што петтата сезона беше со речиси една година пауза на средина е тоа што Винс Гилиган одлчил дополнително да го усоврши крајот. Затоа и последните епизоди се толку ефективни. Засекогаш ќе те прогонува тој краток телефонски разговор меѓу Волтер и Скајлер. Никогаш нема да ја заборавиш ни "Baby Blue". Серијата не остави отворени прашања, дури и најбаналните приказни кои се гранеа од главната, беа задоволително заокружени.

Единствената за која можам да кажам дека ми станувала подобра од епизода во епизода. Знам дека има пет-шест други кои публиката често обожава да ги става на листата пред Breaking Bad, веројатно има оправдани причини, меѓутоа ниту една од нив не успеа да ми приреди ваков спектакл и да допре до мене како трагедијата за Волтер Вајт. Ништо друго не ми е вака добро структуирано и тонално прецизно. Ако постои совршенство на светов, еве собирам храброст и изјавувам дека ова е тоа.

No comments: