Прв сум ако треба да се брани Хенри Кавил. Особено од една толпа што не се труди да разбере дека неуспехот на неговиот Супермен не е целосно негов и го напаѓа затоа што другиот до него зел камења во раце да фрла. Океј е Кавил, олабави се. Можеби и не беше најдобриот избор за Гералт од Ривија, ама кога пред некоја недела се појавија првите асални слики од The Witcher серијата ми се створи трунка оптимизам. Мислам дека неговиот ограничен актерски капацитет е сосема доволен за да го истрча ликот доколку сценариото овозможи терен.
Aко The Witcher се дистанцира од досадната меѓучовечка драма што ја истормози The Punisher серијата, тогаш Кавил нема гајле. Терај, мајсторе. Реално, ова ми беше најголемата грижа околу сето ова. Се надевам дека ќе сме поштедени од сапуница и напорни политички интриги до претпоследната епизода каде што ќе ни фрлат малку акција. Сакам пофреквентно присуство на мечови, магија и чудовишта и ги сакам во огромни количини. Да претекува.
Сепак, по првиот тизер трејлер имам повеќе секирации, а сега главната е дека воопшто не предизвика никаква возбуда кај мене. Напротив. Не барам адаптација на книгите страница по страница, ни целосно да биде пренесена естетиката на игрите, ама овие две минути ми изгледаат премногу генерички и евтино. Можам да ги ценам сите ситни референци и детали на кои не се штедело во трејлерот, ама и покрај тоа општиот тон е некако чудно раштиман. Освен со мрачниот мизерен Game of Thrones видео филтер, трејлеров со ништо друго не успева да го најави амбиентот на светот во кој се случува приказната или па да те наведе дека е воопшто приказна за некаков вичер.
Сакам да испадне дека е само лошо уреден тизер со случајно нафрлани
сцени и обична досадна музика, ама се плашам дека крајниот резултат нема да е
ништо подобар. Веќе создавам некоја слика што не ми се свиѓа и ја базирам на предвидливоста на индустријата и третманот на Нетфликс кон адаптирање на туѓ материјал. Ако грешам, прв ќе си ги изедам лајната кога ќе искочи ова, опушти се. Првата епизода сигурно ќе почне интензивно, скоро секогаш е така. Веројатно со Гералт како си ја брка вичерската работа. Некој краток извадок од The Last Wish книгата кој истовремено ќе биде привлечен за публиката која првпат се среќава со материјалот и ќе послужи како јадица за фановите кои веќе се запознаени со франшизата.
Потоа, приказната почнува да вергла во кал во неинтересни црно-бели паралелни случувања кои едвај им влијаат на ликовите. Паралелно на тоа, серијата се гуши во непотребно долго објаснување за минатото на ликовите и како се дојдени до точката во која се наоѓаат. Тука веќе се појавуваат и првите разочарувања на интернет од тие што приметиле дека Нетфликс сака да го замаскира темпото и промашената динамика на серијата со тоа што епизодите ти ги има скроено да ги гледаш една по друга.
The Witcher ќе земе замав некаде при крајот на сезоната кога Гералт конечно ќе треба расчисти со второто чудовиште (ако имаат буџет може да и се повеќе) и чудовиштето кое е всушност некој корумпиран лик на власт кој до тогаш е пријател со главните ликови, но "изненаден" пресврт открива дека тој бил вистинскиот негативец цело време. Нема шанси серијата да пројде без такво предавство. Тоа е и мотивот на рекламите на серијата нели, "чудовиштата што сами ги создаваме". Некое такво површно срање.
Без разлика дали ќе го правдаш ова како адаптација на книгите, има уште ствари за кои мислам дека ќе се ткивото на оваа серија. Серијата нема да биде приказна само за Гералт и мислам дека овие две минути фино го нагласуваат тоа. Ако ја земеш моменталната кобна ситуација на поп културата и не е баш некое изненадување. Ова е најавено како приказна во кои главни ликови се Гералт, Сири и Јенефер.
Па, како што е редот во 2019, очекувам "рамноправна" застапеност и епизоди во кои едвај ќе го има Гералт за да му се овозможи простор на диверзитетот во кастингот. Значи, не барав словенски кастинг во американска серија секако, ама сум сигурен дека изборот за Јен не е случаен и искрено се надевам дека актерката има некаков талент со кој може да ме убеди во спротивното. Меѓутоа ако разгледаш што и како се сервира денес во мејнстримот, мотивот е јасен. Често за жал се турка диверзитет само како таков - да е присутен.
Не се виновни актерите кои се инволвирани во овие глупости, гледај каква глупост се случи со азијатката од Star Wars: The Last Jedi, туку проблемот е кај сите тие што мислат дека ова продава повеќе, дека полесно е за рекламирање или па го прават за да се заштитат од бучавата на расплаканите борци за социјална правда. А, кога пробуваш да им пикнеш нешто на луѓе со сила, нормално е да наидеш на отпор. Кругот е толку проколнато маѓепсан што ни сите вичери од Каер Морен веќе не би можеле да помогнат.
Камо среќа да дојде ден кога ќе си го изедам напишаново. Ден кога The Witcher серијата ќе е стварно следната Game of Thrones како што се обидува да се наметне и ќе постави нови правила за како се адаптира ваков тип на фантастика. Ама, сѐ повеќе ми изгледа дека ова нема да е многу повеќе од Хенри Кавил со бела перика преправен во Кристофер Ламберт од Mortal Kombat филмот, актерска екипа неадекватна за улогите, споро, мачно и со едвај некаква вичерска акција. Една голема пропуштена прилика. Нешто што втората сезона ќе се обиде да го поправи, но ќе се сопне во процесот и ќе ја уништи шансата за трета сезона. The Witcher серијата треба да се појави до крајот на 2019.
No comments:
Post a Comment