July 24, 2015

Ретроспектива на Batman & Robin

Години пред суперхеројските филмски адаптации да покренат морничава супкултура, се случи Batman & Robin. Филм кој денес важи за еден од факторите кои го доведоа "жанрот" до ова ниво на кое што ќе се одржува додека не биде заменет со следниот тренд. По очајниот исход на Batman & Robin, хероите беа приморани да ги чуваат наметките на закачалка до појавувањето на X-Men, подоцна и Spider-Man, филмови кои на некој начин го осигураа враќањето и на самиот Бетмен. Карневалот на Џоел Шумахер во шарениот и инфантилен Batman & Robin, како емпириски доказ за како не треба, е токму основата за денешните "реални и мрачни" изданија на суперхероите, за трилогијата на Нолан, за Марвеловиот филмски универзум и за обидите на DC да создадат сличен. Значи, и покрај тоа што важи за еден од најлошите филмови некогаш снимени, веројатно влијанијето што го има врз низата суперхеројски блокбастери во подоцнешните години е поголемо од првиот Batman на Тим Бартон. 


Batman на Бартон во 1989 успева да ја измени перцепцијата на Холивуд за стриповски адаптации. Batman Returns, иако помалку успешен според заработката, го зацврстува патот до моментот кога франшизата завршува во рацете на Џоел Шумахер. Batman Forever, отстапувајќи од параметрите на Бартон, сепак наидува на уживање кај поголемата публика само за да го направи патот до она кобното - Џорџ Клуни како Бетмен/Брус Вејн во костим со вечно контроверзните брадавици и хомосексуалната нота, Шварценегер во најлошата улога после Junior и Алиша Силверстоун која толку се здебелила за време на снимањето што едвај пасувала во Бет-грл костимот. Кога веќе ја спомнав неа, ја видел некој од тогаш? Дури и Крис О'Донел имаше некаква кариера после филмот.

Шумахер во Batman & Robin некако успева да ги земе сите лоши знаци од Batman Forever и да го појача целиот тој баксуз во нешто што е само обична реклама за играчки, таргетирана кон деца. Барем тоа е "официјалната" верзија зад идејата на филмот, и покрај тоа што се расфрла со сексуално инуендо преку Ума Турман. Готам, од темен, готски мрак е претворен во неонски кич, исполнет со полу-димензионални ликови кои изгледаат како од цртан филм. Има и една анегдота дека Шумахер пред снимање на сцена ги потсетувал актерите дека "ова е цртан филм". Џорџ Клуни се глуми себе, придвижува сè од рамениците нагоре додека зборува, Шварценегер има реплики кои само и само се фора со мраз и студ, а приказната, дури и оној обид за емотивен допир со смртно болниот Алфред, не прави никаква, никава смисла. Бетмен и Робин се во некој неоснован, недоволно поткрепен конфликт кој забегува во нелогичности како што движи филмот кон крајот.

Уште од самиот почеток буквално сè функционира во корист на ликовите и "за атер на акцијата". Во првата сцена каде што Бетмен и Робин доаѓаат да го спречат Фриз при грабеж на дијаманти. Робин влегува со мотор низ прозор, кршејќи го стаклото во совршен Робин симбол. Вадат лизгалки од чизмите откако целата просторија ќе биде замрзната од очигледно пластичната пушка за мраз на Шварценегер, зошто еј, тоа се тие гаџети за "не дај боже". Сцената продолжува во борбен хокеј и уметничко лизгање, а привршува со ракета лансирана со заробен Бетмен внатре. На крајот, двајцата Бетмен и Робин скејтаат надоле на парчиња од ракетата која експлодира високо на небото. Ако одлучиш да го тргнеш здравиот разум на страна, ова е најзабеганата сцена што некогаш ќе ја видиш. Се коси со секоја логика. Целиот наратив понатаму е таков. Се случуваат ствари од нигде никаде. Бетмен вади кредитна картица во еден момент од филмот. "Good thru: FOREVER". Малиот Крапверк, пред осумнаесет години, беше најзапрепастеното дете во цело кино. 

Првите години Batman & Robin е супер филм. Ако си мал и не знаеш подобро, ти си таргетираната публика и одлично е. Од тие четири видео касети што ги имам негде дома, филмов е една од тие. На некоја од другите има видеа од мене како скокам по мебел во 90-та, што изгледаат како најдени снимки од еврејски егзорцизам, ама да се држиме на темата сега. Покасно, го гледаш срањето кое што е, а денес веќе си научен да ја гледаш и другата страна. Што ако Batman & Robin не е толку лош, туку ние не го сфаќаме како што треба? Ако си спремен да го прифатиш како модернизирана верзија на серијата со Адам Вест со сите маани, болката во стомак се претвара во двочасовна лесна забава. Да, има некои работи кои е невозможно да се оправдаат, ама сепак. Размисли. Не го бранам филмот толку колку што му оставам шанса да биде што е. Не е грешка воопшто што е таков, едноставно Џоел Шумахер го има така замислено. Да, чудно е како човекот воопшто има кариера по целиов хаос, се извинија со Клуни, ама па да не беше ова, никогаш немаше да го видиме Бејн на Том Харди и дедо ти во Вулверин маица.

July 19, 2015

Warcraft ќе биде најдобриот филм на сите времиња

Ако погледнеш назад кон досегашните филмски адаптации на игри ќе забележиш еден голем куп катастрофални срања. Најдоброто до кое што дошла таква адаптација е првиот, но цврсто просечен, Resident Evil. Сите го знаеме ова, го знаат и режисерите. Познато му е и на Данкан Џонс. Секогаш се такви какви што се. Проблемот не е само во различниот наратив игра/филм кој е чест аргумент за одбрана на квалитетот на ваквите остварувања. До сега, реално никој не се ни потрудил да создаде нешто што без оглед на изворниот материјал, ќе биде солидно и како посебно дело. Големите студија нема да трошат толкав буџет само за да задоволат одредена група фанови на оргиналниот извор, филмот се прави за да допре до што е можно поширока публика, што е разбирливо. Но, толку ли е тешко да ги држиш групите, да речеме најмалку две, задоволни? Особено кога знаеш првите што сакаат да видат, па да се обидеш да ги прилагодиш и другите на тоа? 


Данкан Џонс е соочен со таков предизвик со Warcraft филмот.  И на него му е јасно каква репутација уживаат адаптираните игри, на какви предрасуди од публиката може да наиде и што всушност е влогот тука со културолошки феномен каков што е Warcraft. Според она што Џонс го кажува на интервјуа, дека ако можеш да направиш добар филм како The Social Network, сè е возможно. Дека изворниот материјал не е пресуден за самиот квалитет, туку е нишка околу која градиш. Отприлика тоа е она што сите го контаме и не е никакво откровение, меѓутоа кога доаѓа од устата на Данкан Џонс, а не Уве Бол, има некаква поголема тежина. Warcraft го води докажан режисер со репутација која не верувам дека самиот би си дозволил да му биде размрдана. Од друга страна, имаш компанија како Blizzard која би немала многу корист доколку извалка нешто толку големо. 

Откако го најавија филмот, повеќе пати реков дека ќе уживам во било што и да донесе продукцијата на платното. Крајно субјективно да, ама не можам да останам рамнодушен на нешто што има вакво значење со мене последниве 12-13 години. Од трчање дома од школо за The Frozen Throne, до станување еден од тие војници што сум ги кликал со денови кога стапнав во WoW-скиот Азерот, Warcraft ми е слепата љубов на која упорно се враќам. Да, секако, сме се "гледале со други игри", сме имале кризни периоди (Cataclysm, буквалниот rough patch), но добрите сеќавања, бесценети моменти и компатибилноста упорно нè спојуваат назад. Практично, пораснав и созреав со Warcraft. Филмот е тој ендгејм, поинаквата перспектива на свет што ми е добро познат. Како може да ме разочара, кога oстанав без воздух на Skies of Azerоth тизерот? Стормвинд, едно од местата каде што трошев години додека играв Алијанса, сега ќе го видам на филм. Со целата негова грандиозност. 

На годинешниот Comic-Con, беше прикажано кратко видео каде што Дуротан ги предводи Орките низ Дренор. Потрошив денови додека најдам снимка што упорно ја снемува од интернет. Снимена е со мобилен и има ужасен квалитет, ама знаеш што има друго? Порталот и Гул'дан како прави ритуал кој треба да го профункционира. Потоа, група Орки се затрчуваат кон Порталот кој ги носи во Азерот. Тука завршува видеото за кое ќе треба да почекаме до ноември за да биде легално и со подобар квалитет, но знаеш што ги чека на другата страна - првата средба со луѓето. Orcs & Humans. Rise of the Horde. Па, ако може еден синематик од игра да ми влијае така емотивно, замисли што ќе направи двочасовен филм. Ќе треба со боца кислород да дојдам во кино, додека надвор ме чека носилка и амбулантна кола.

Гледам дека публиката веќе е поделена. Орките биле премногу компјутерски. Какви да бидат? Технологијата е доволно напредната да не правиш разлика меѓу компјутерски генерирани човечки актери, а не па орки. Гумени костими ќе беа подобри? Дури и од грозното видео се гледаше дека квалитетот на анимација е совршен. Изгледаат како од играта, каде е тука проблемот? Гул'дан изгледа исто, Порталот изгледа исто. Еј, Стормвинд изгледа како Стормвинд што го знаеш, само поголем нормално, зошто играта ги скалира градбите поради перформанси, ама не е ништо на кое не си навикнат или ти е непознато. Приказната, без разлика на тоа што Џонс кажа дека мааалку ќе ја прилагоди да им биде позната и на тие што не се запознаени, пак ќе биде Warcraft. А, загреан e и да прави трилогија доколку првиот е успешен (што не се сомневам дека ќе е поинаку). Во видеото од Comic-Con го најавуваат и Трал, што значи, ете, повеќе Warcraft од тоа не би можело да биде. Замисли ги продолженијата со Илидан, со Артас... Приказната веќе е напишана, останува само да ја видиме на друг медиум. Дури и без звук да го гледам филмот, сигурен сум дека ќе ме воодушеви. Премиерата е на 10 јуни 2016. Очекувам да ја сакам секоја секунда.

July 16, 2015

Смртта на Superman Lives

Има една легенда во Холивуд позната како Superman Lives. Несуденото филмско враќање на Супермен по неславното заринкување во кал на Кристофер Рив ерата, во режија на Тим Бартон. Сценариото претрпело неколку ракописи, најзначајниот веројатно на Кевин Смит, а Супермен костимот му припаднал на Николас Кејџ. Освен анегдотите што Кевин Смит ги раскажувал повеќе пати низ годиниве и една крајно сомнителна слика од Николас Кејџ во најпластичната кинеска варијанта на костимот што изгледа како набавена од локалното пазарче, пошироката јавност немаше прилика да биде фасцинирана (или згрозена) од мамутскиот проект што не успеал да ја дочека премиерата во 1998. Warner Bros, осакатени од низа неуспешни филмови што сериозно ги удриле по џебот, одлучуваат да го спречат ризичното полетување на Superman Lives, оставајќи го само ехото кое до ден денес одекнува во подлабоките слоеви на поп културата. 

Деновиве излезе документарецот The Death of "Superman Lives": What Happened? каде што Џон Шнеп решава да навлезе подетално во она што светот никогаш не успеал да го види. Низ интервјуа со луѓе директно инволвирани во продукцијата на Superman Lives и архивски снимки од Николас Кејџ и екипата задолжена за бројните варијанти на костимите кои требало да ги носи, Шнеп ги вади на маса сите тие кокаински импулсивни идеи давајќи им сосема поинакво светло од тоа што мене ми беше познато за филмот. WB не само што сакале да создадат верзија на Супермен која едвај би имала некаква поврзаност со ликот и Кристофер Рив во спандекс, туку нишанеле кон научно-фантастичен еп кој би бил поблизок со Star Wars и The Matrix отколку со денешните, а и тие претходно видени, суперхеројски шаблони. 


Делумно базиран на култниот The Death of Superman стрип, филмот ќе бил преполн со сцени на Криптон, "жив" костим (Eradicator?), поларни мечки-чувари на Fortress of Solitude, Думсдеј, Брејниак и Кевин Спејси или Кристофер Вокен како Лекс Лутор. А, да, и џиновски пајак со кој Супермен би се борел на крајот, по инсистирање на продуцентот Џон Питерс. Во сценариото на Кевин Смит, имало и сцена каде што по смррта на Супермен на почетокот на филмот, Бетмен им се обраќа на граѓаните на Метрополис. Според зборовите на Кевин Смит, шансата за ваквото појавување на Бетмен, била една од причините што ја прифатил понудата да пишува. Џон Шнеп конечно му ја исполнува желбата во документарецот. 

Студиото го најмува Бартон како режисер, по репутацијата стекната со Batman и Batman Returns. Но, овој пат предизвикот бил многу поголем, а освен некои точки како џиновскиот пајак, Супермен да лета и да не го носи препознатливиот костим (кои Џон Питерс некако во документарецот пробува да ги демантира), студиото имало одврзани раце и огромен, огромен буџет. Биле најмени тимови за дизајн на костими и реквизити, цртачи за концептуалниот изглед на Метрополис и разните вонземски сили против кои Супермен би се борел, чудни одлуки за актери и претпоставувам психотропни супстанци во огромни количини, зошто нема шанси вакви идеи да ти доаѓаат од друг извор. 

Кога ќе ги видиш сите тие концепти и ќе чуеш што се случувало зад завесите, Superman Lives станува уште поинтригантен. Иако технологијата во 1997-1998 била нешто послаба од ова што денес е возможно, од технички како и финансиски аспект,  верувам дека одлично ќе се снашле со сè што наумиле да исфорсираат. Но, идеите кои евентуално би ја поделиле публиката, или па мнозинството потребно да се оправда огромната бројка фрлени пари би ги отфрлило инстантно, не се ни малку проблем колку господинот Николас Кејџ лично. Кејџ можеби е талентиран актер, но можеби и е холивудскиот Марјан Стојановски. Tаа тема си повлекува посебна дискусија, меѓутоа во никој случај не е ни приближно добар избор за Кларк Кент/Супермен. Дел од она што Супермен го претставува како симбол, е и неговиот физички изглед. Колку и да одиш со поинаква визија за ликот, не бираш нешто комплетно спротивно што се вика Николас Кејџ. Ги разбирам аругментите за Мајкл Китон и Хит Леџер (за Бен Афлек уште не, прости), ама Николас Кејџ? Доволно е да ги видиш пробните снимки и станува појасно. А, варијантата на Кларк Кент е уште поалармантен момент. 

За жал, или за среќа, никогаш нема дали финалниот производ денес ќе беше каде што е сега Batman & Robin на Џоел Шумахер или создавањето на суперхеројски филмови ќе отидеше во некој поинаков правец. Но, сепак на крајот, пак живееме во свет каде што Николас Кејџ бил Супермен на овој или на оној начин и тоа е сосема доволно. Можеби не со интензитетот на Џорџ Клуни како Бетмен, но сепак Брајан Сингер имал слика од Николас Кејџ облечен во смешниот Супермен костим за да им покажува на присутните на сетот на Superman Returns како не треба.

July 12, 2015

Misutā Robōto

Колку погрешно мислење може да ти создаде серија што се вика Mr. Robot. Особено ако во двете реченици што ја опишуваат се спомнува асоцијален хакер што гради врски со други луѓе преку... хакирање. Дали сме 1998, ќе се помислиш. А, кога ќе ги видиш насловите на епизодите од типот на "eps1.1_ones-and-zer0es.mpeg", претенциозноста испишана на постерите уште толку те тера да се запрашаш дали само 14 годишни деца се ложат на "хакирање". Барем онакво какво што серијата мислиш дека го претставува. Но, и покрај сите предрасуди, решив да дадам шанса на двете епизоди што веќе беа излезени. Не бев нешто претерано импресиониран од почетокот, па затоа третата шанса беше пресудна. Заклучокот е дека ова е моментално најдобрата нова серија на телевизија, заедно со Wayward Pines

2edgy5me.jpg

Елиот е хакер. Таков супермоќен, според сите хакерски постулати во поп културата, митски волшебник со неговите вештини. Социопат, нонконформист и уникатна снегулка. Сите тие карактеристики на ликот кои серијата се труди да ги протне како досега невидени, ќе ме одвратеа од гледање понатаму да не беше Реми Малек толку добар актер. Па, и самата приказна која третира идеи и размислувања кои одамна не се до толку непопуларни за да би биле така остри. Првите мисли ми беа баш во таа насока. Ако Mr. Robot се обидува да допре до поинтелигентна публика, зошто тогаш има потреба од експлицитно објаснување на терминолгија (пример, rootkit), или Елиот брише фајлови од десктоп со десен клик. Цепидлачки детали, знам, но дозволи еднаш публиката да се прилагоди на тебе, наместо ти на неа. Не дека е којзнае колку страшно, ама не е лошо некогаш да стимулираш мало истражување. Приказната нема да страда, некои работи може многу поелегантно да бидат презентирани. 

Третата епизода успеа да го тргне скоро секој сомнеж што го имав додека ги гледав првите две. Mr. Robot покажа дека има храброст да истражува некои посериозни ноти. Барем додека сме уште во овој период на златното доба од американската телевизија каде што брутално насилство и сексуални фетиши се состојките со кои покажуваш колку ти е делото озбилно. Елиот веќе се развива во покомплексен лик отколку што капуљачата го правеше да изгледа како таков. Не само поради тоа што наводно целиот fsociety е во неговата глава (или барем Кристијан Слејтер), туку серијата отиде назад во неговото детство со намера да ни доближи како дошло до сето она што се случува под таа модерна фризура. 

И, дали сум единствен на кој не му пречи евентуалниот позајмен штос од Fight Club? Па, макар и дел од карактеристиките на главниот лик? Mr. Robot може и да изненади со пресврт, и покрај тоа што во моментов си поигрува со постоењето на Кристијан Слејтер. Се фатил пола интернет за тоа како да е најбитното. Еве, сите ги замислува, сега што правиме? Може да се очекува било што, да треснеш монитор на крај кога ќе испадне дека Елиот е производ на имагинацијата на берберот на ќошот, ама може и ништо посебно да не се случи. Да, занимливо е, ама не е клучно. Обрни внимание на Тајрел и колку е Мартин Валстром глумчиште за почит. Има уште седум епизоди чии наслови се надевам дека се заебанција, така што имаат шанса да докажат дека ова е најдобрата серија и во последниве неколку години. Полека.

July 7, 2015

Толку Детектив

Нешто не штимаше уште во првата епизода од втората сезона на True Detective. Но, во ред. Прва епизода, шанса да го прифатиш новото, да си ги оставиш споредбите со она што си го видел претходно и со отворен ум, да видиш што следно ќе излезе од устата под мустаќот на Колин Фарел. Бев скептичен до втората епизода. Полека почна да го одмотува тој хаос од претходната, за на крај да фрли клифхенгерски завршеток кој можеби е знак дека серијата има храброст и идеја? Не баш. Ја гледав третата епизода. Подобро да гледав квиз со Лила за кој не сум сигурен дали е нов или извесна национална телевизија пополнува простор со репризи од 1996. Сè што можеше да направи True Detective со сезоната, го изгоре на почетокот на оваа епизода. За среќа, последната што ќе ми одземе скапоцено саат време.

"Јас... јас сум еднодимензионален лик.."

Ајде, повтори по мене - True Detective е срање. Знаеш дека е срање. Лошо и досадно, што си го гледал еден куп пати до сега. Единствениот лик што знам како се вика, фино и културно застрелан во гради, по една недела тензично чекање да ја дознаам неговата незавидна судбина, стана. Стана, се истресе и серијата продолжи по медиокритетниот клишеизиран правец каде што секоја проститутка во стриптиз клуб знае сè за секого. Но, ова го знаеш веќе и не треба да те изненади зошто е така во скоро секој филм и серија секогаш. Си заглавил гадно со некој случај, ти детективу? Без гајле, нека се симне Дестини од шипката, ја има секоја информација што ти е потребна. 

Другите ликови се толку небитни што не ме ни интересира што се случува со нив. Задремував неколку пати, мада не верувам дека пропуштив нешто особено важно. Тејлор Ки..ч.. ш го пофалив кога се појави во првата епизода. Ме изненади колку e сменет од John Carter, физички некако одговара за улогата. Беше интересен во втората епизода, и покрај тоа што ликот беше по шаблонот за такви ликови. Во третата приметив дека не ни верува во репликите што ги изговара, уште помалку дека се труди да одглуми. Ликовите и актерите ми го отежнуваат следењето на приказната, која веќе не ме ни интересира што е. И, онака ќе го фатат на крај, никој нема да умре од главните ликови веројатно, а и да умре, нема да ти биде гајле. Веќе ја искористија таа финта, во епизода која убаво ти покажува кој потенцијал нема да биде искористен. Штета, дури и фино почнаа да го билдаат идентитетот на сезоната со пејачката во барот и такви моменти што ќе ги потенцирав како добри фори ако нели, догледав до крај. Толку од мене, детективи. 

Последната шанса за гледање нова серија летово ми е она Mr.Robot. Занимливи први две епизоди, добри актери, приказната со малку претенциозни идеи и детали што ми бодат очи, ама ќе дадам шанса на третата епизода неделава.

July 4, 2015

Како се гаси Dota?

Минатата недела, со намера да споредам нешто со Strife, пуштив Dota 2. Освен тие неколку саати пред две години, немам играно. И, ајде една партија со ботови да видиме до кај е. Па ајде уште една, ама сега само противниците да се ботови, па ајде и една нормална партија... Четири-пет саати покасно, се пцујам со проклети руси. Не знам како требаше години да пројдат за Dota 2 да ме завлече вака. Неколку денови ми требаа за да се одвикнам од League of Legends гејмплејот и уште неколку партии да најдам херои што со победување ќе ме држат заинтересиран. Нека не те лажат скриншотиве што се тука за курчење, реално сум петти левел нуб што уште експериментира со склопки и стил на играње.


Уште не ми е комотно да излезам од Limited Heroes модот. Секогаш било ова тука? Зошто не го памтам од последниот пат. Супер е за почетници. Има дваесетина херои, така полесни за играње и нема пенали ако напуштиш партија, туку ќе бидеш заменет со бот. Прикладно за глупи руски копиљаци што се гасат кога ќе ги убијат триесет секунди откако почнала партијата, па тимот си добива бот што го надминува нервозниот играч во секое поле од животот. Знам дека истиве токсични говеда ги има и во останатите модови каде што последиците од нивното однесување се посериозни, ама веќе со години ја инфицираат секоја онлајн игра. Секој трети battleground во WoW го играм против дебили со кирилични имиња. И, упорно одбиваат да си бидат кретени на серверите наменети за нивниот регион. 


Моментално пробувам да совладам неколку полесни херои, колку да си ја зацврстам рутината. Sniper веќе ми е добро познат, па испробувам билдови, Razor го играм кога ќе ми го одберат Sniper, а се обидувам и да сум корисен со Witch Doctor и Zeus. Viper ми е исто интересен, ама упорно се мести како последен избор. Додека не пројдам уште некој, не мрдам од Limited Heroes. Слободното време ми е прекратко за да го трошам вака неспремен на "посериозни" партии.

Додека сум на тема Dota 2, да спомнам дека веќе некоја недела Dota Reborn е во бета фаза. Нов енџин и можност за заедницата да креира сопствени модови и сценарија. Она што го нудеа Blizzard со Warcraft III, баш така како што се роди и оргиналната Dota. Сега, во време кога има поголема база на играчи од било кога, кога материјали за учење на вакви ствари се подостапни, ова е најдоброто што можеше да му се случи на жанрот. Едвај чекам да видам какви сè модови ќе создадат луѓево. Веројатно уште ова фалеше за ништо да не може да ја симне Dota од MOBA тронот во годините што следат.

The Final Empire, првата книга од Mistborn трилогијата

Потрагата по свежа епска фантастика ме донесе до Mistborn трилогијата на Брендон Сандерсон. За Брендон Сандерсон не знаев многу, освен дека има популарен тековен серијал The Stormlight Archive и дека ги довршува The Wheel of Time книгите на покојниот Роберт Џордан. Mistborn ја купив практично на слепо, заради репутацијата на Сандерсон и пустата желба за евентуално добра приказна што не е научна-фантастика. Само што ја затворив The Final Empire, ми дојдоа милион прашања од типот, "зошто ова не е културолошки феномен како Game of Thrones?!". Сандерсон всушност и бил многу блиску до претварање на ова книжевно ремек-дело во друг медиум. Правата за филмска адаптација на Mistborn биле продадени уште во 2010, но компанијата каде што завршиле не успеала во рок од четири години да сними било што, па така што денес се пак назад кај него, и го чекаат јунакот што на светот ќе му донесе уште еден фантастичен еп. Но, веќе има RPG игра во стилот на Dungeons & Dragons, а следната година пристигнува и игра за PC и конзоли, Mistborn: Birthright. Серијалот не е ни десет години стар, но полека се обидува да излезе од своето хартиено живеалиште, пробивајќи го патот кон друг медиум. Што мене искрено ме радува, зошто ако нешто од жанрот е "следната голема работа", тоа е ова. 

Mistborn е сместена во Скадријал, земјата на Последната Империја, со која стотици години брутално владее тиранинот кој жителите го знаат како Лорд Рулер (Lord Ruler, ај како да те преведам без да звучи евтино?). Народот е поделен на аристократски куќи, чија позиција семејствата ја утврдиле при коалицирањето со мистериозниот владетел, и сиромашните селани и робови, наречени "скаа", кои ги работат жолтите плантажи на режимот. Сонцето одамна не грее како претходно, зелените растенија и цвеќињата се мит од уметнички слики, а од небото постојано паѓа пепел, правејќи ги градбите во главниот град Лутадел, целосно црни. Преку ноќ, целата земја ја прекрива густа магла во која никој не се осмелува да зачекори. Легендите за монструозни суштества кои шетаат во магливиот мрак го прават "полицискиот час" уште посериозен. 

Единствените кои без никаков страв се осмелуваат да зачекорат во ноќната магла, се група на луѓе познати како Мистборни. Користат магиски способности, кои својата моќ ја добиваат од согорување на разни метали во телото кои ги внесуваат преку мали епрувети. Нешто како мана, која доаѓа од метален прашок измешан во шишенце со течност. Како некој што играл еден тон игри од овој жанр, тврдам дека "науката" зад Аломансијата, како што Сандерсон ја нарекува, е најуникатното и најлогичното нешто што може да се сретне. Толку добро го објаснува и испорачува, што можеш само да климнеш со глава и да се согласиш. Во зависност од тоа каков тип на метален прашок има Аломансерот во себе и може да го користи (ги немаат сите истите моќи), таков е типот на "спелот". Од манипулирање емоции, акробатско летање низ воздух, па до телекинеза и Магнето тип на финти. Аломансијата не е единствениот тип на магиски талент што се среќава во светот, меѓутоа во првата книга е во преден план.

The Final Empire почнува како класичната херојска приказна. На почетокот дури потсеќа и на Star Wars, веројатно свесна замка, но во еден момент Сандерсон преку еден од ликовите нагласува дека Аломансијата не треба да се нарекува "the Force". Асоцијациите набргу се одвојуваат од "познатиот формат" и сетинг, претворајќи се во нешто сосема уникатно. Вин, млада девојка сирак, скаа, која се задружува со разни криминалци кои ги ограбуваат аристократите налетува на Келсиер, одметник и да, исто така криминалец, преживеан од легендарното поле за убивање непослушни на дикаторот од погоре со името кое преведено звучи смешно. Келсиер е полу-скаа, Мистборн, и е нешто како Кеноби на Вин. Со мала група бандити и измамници, е решен да го сруши режимот, и да и помогне на Вин која не е ни свесна дека постои Аломансија, а и дека таа чудната способност што ја има од многу мала е баш тоа.

Стилот на Сандерсон е толку прецизен што пола книга си ја свртел за едно попладне без да приметиш. Приказната цело време тера без да го намали темпото и интензитетот, а ликовите се толку добро создадени па од самиот почеток ги стискаш кориците кога ќе се најдат во напната ситуација. Не сакам да навлегувам во детали поради спојлери, барем за првата книга, така што ќе мораш да ми веруваш на зборот. Сандерсон не сопира со Mistborn и пепелниот мрачен свет тука. Во 2011 ја издава Mistborn: The Alloy of Law, самостојна приказна во истиот универзум, но со други ликови, а веќе работи и на нова трилогија. Деновиве почнувам да ја читам и втората книга, The Well of Ascension, па ќе пишам штом ја довршам последната страница.