March 15, 2022

Првите две сезони на Lost

Островот пак ме повлече назад пред некоја недела. Коинцидентно (или судбински?) налетав на неколку Lost ствари во рок од два-три дена и тоа го сфатив како знак дека треба пак да ја изгледам цела серија. Пробав тогаш кога пишував за петнаесетгодишнината, меѓутоа повеќето детали од приказната ми беа доволно свежи за да не се закачам и да догледам до крај. Ни прва сезона не успеав да ја пројдам. Очигледно сега дошол денот, особено кога ништо од новиве и актуелни серии не ме убедува да седнам маратонски.

Сега ги спукав првите две сезони. Lost годинава ќе достигне полнолетство, а серијата некако уште успева да биде свежа како на времето. Можеби форматот малку е застарен, стриминг сервисите засекогаш го изменија начинот на кој се прават серии, ама остатокот уште се држи и за денешните раскажувачки стандарди.

Lost беше првата серија од овој вид. Начинот на кој ги сервираше мистериите и си играше со публиката е неповторлив и до ден денес. Барем десетина серии во тоа време што имаа обид да понудат нешто слично, само што никој не се сеќава ни како се викаа, а камоли да памти што сакале да кажат. Озбилно, еве памтиш нешто од FlashForward или The Event? Нормално дека не. Формулата на Lost очигледно само еднаш функционираше. Денес веќе никој не се ни обидува да ја искористи или барем надгради, а реално нема ни потреба.

Првите две сезони се предобри. Исто како ликовите, и ти си фрлен на непознат тропски остров каде што има поларни мечки, мистериозни гласови меѓу дрвјата, шест броеви кои се појавуваат насекаде, а халуцинациите се граничат со реалноста. Lost сето ова го дозираше умерено и бавно, речиси како спореден дел додека преживеаните од авионската несреќа се бореа против "нормалната" природа за да го дочекаат следниот ден. 

Меѓутоа, во секоја епизода има барем некоја ситница што наговестува дека се случува нешто поголемо, доволно за да гризеш прсти до следната епизода. Или да читаш теории до следната сезона додека со другарите правите неделни Lost собиранки за да си ги споделувате сопствените. Ќе спомнам неколку спојлери подолу, така што ако не си гледал или "си ја фатил тогаш на А1", можеби и паметно да престанеш со читање. Оди изгледај. Не, не се мртви сите цело време и Островот не е чистилиште.

Факт е дека продуцентите тогаш настојувале секое од тие мистериозни случувања на Островот да имаат научно објаснување или барем нешто во рамките на некоја постоечка научна теорија. Многу од работите се импровизирани, недоработени и оставени да се разрешат некогаш во иднина. Бидејќи публика уште тогаш развиваше сопствени теории и објаснувања, Lost секогаш одеше контра нив, па тоа што остана непотрошено моравме да го сркнеме во некаков облик. Прва, а можеби и единствена серија каде што публиката имала повеќе од пасивен удел во нејзиниот тек. Баш ова никогаш нема да се повтори или надмине.

На ова прегледување се трудев да ги фаќам тие детали. Очигледно е дека некогаш во првите две сезони продуцентите создавале основа за малку поинаква разрешница од таа што ја добивме понатаму, или па не ја добивме воопшто. Никогаш не се разјаснија некои работи во целост, особени тие раните за "моќите" на Волт, за како бројките стигнуваат до Харли или колку Другите биле оригинално замислени како натприродно присуство на Островот. Сети се на првиот пат кога се појавува Итан и колку физички супериорно делува во однос на главните ликови од преживеаните. 

Втората сезона оди малку подлабоко. Дознаваме за DHARMA, за научните станица, па нашиве цела сезона стискаат копче на 108 минути за да не "заврши светот". Присуството на Другите е поголемо, ама од некоја причина се прикажани како племе што живее скромно во импровизирани колиби. Нема некој одговор зошто се баш такви и различни од како понатаму серијата ќе ги третира, па претпоставувам дека и ова е импровизирано по пат. Втората е баш и потензична поради овие работи. Преживеаните имаат многу повеќе необјасниви закани, не се сами на Островот, а луѓето кои го делат со нив не се баш пријателски расположени, гостопримливи и достапни за одговори.

Она што Lost го прави особено добро е начинот на кој ти ги доближува ликовите. Секој од нив добива флешбек епизода од животот пред несреќата каде што се поткрепени неговите мотиви за однесувањето на Островот и комуникацијата со другите преживеани. Серијата понекогаш го користи концептот за купување време додека ти фрли некоја друга мистерија за џвакање, меѓутоа воглавно функционира како совршено наративно средство. Често го користи и да сврзе неколку други мистерии, некогаш оди и предалеку колку само за дополнително да ги исплетка нештата, ама е исклучтелно ефективно. Понатаму смислија друга финта, ама за тоа ќе зборувам кога ќе дојде на ред муабетот за трета и четврта сезона. Да, планот е сите да ги пројдам.

Многу работи имав подзаборавено. Никогаш пак нема да ги искусам мистериите како првиот пат, ама еве не се сеќавав на многу детали што ми го направија прегледувањево уште попријатно. Не можев да се сетам како и каде ќе се роди бебето на Клер, имав комплетно заборавено на The Pearl станицата или дека ако го оставиш тајмерот во The Swan да дојде до нула ќе се појават египетски хиероглифи. Многу суптилен детал што се врзува со ногата од срушената статуата на брегот кон крајот на втора сезона. Буквално бев затекнат од некои мистерии чиј одговорот секако денес го знам, ама не можев да се сетам од каде потекнува прашањето. Не се сеќавав дури ни Мајкл дека ќе испотепа неколку луѓе за да го ослободи Бен. Ете, затоа не го сакавме Мајкл тогаш.

Втора сезона го има и Еко, него не можеш да го заборавиш. Еден од најдобрите ликови во цела серија и засекогаш непрежален. Наводно имале големи планови за него понатаму, меѓутоа актерот веќе не можел да поднесе да живее на Хаваи каде што се снимала серијата. На крајот од втора сезона баш се осеќа некаква насока во неговиот однос со Островот. Очигледно е дека го доживува поспиритуално и го "разбира" различно од останатите, нешто што подоцна било препишано и адаптирано за улогата на Лок.

Сепак, ситните маани на страна, двете сезони совршено докажуваат зошто Lost беше таква импактна серија во тоа време. Немавме видено таков начин на раскажување или поместување на границите на медиумот. Јасно е дека повеќе прашува отколку што одговара, ама баш тоа е јадицата на која се испофаќавме. Оттаму и комуникацијата со публиката која си дојде природно и спонтано. Не верувам дека и самите продуценти го очекувале тоа слизнување на контрола. Можеби на крајот сценаристите се најдоа опколени во ќош од сопствените полусмислени теми и идеи, ама до тогаш серијата веќе имаше оставено многу луѓе без сон и раат. Едвај чекам да ги догледам и останатите четири сезони. 

Види такоѓе:

No comments: