July 24, 2021

Не го бива ова Masters of the Universe: Revelation

Не дека бев нешто претерано загреан за новава Хи-Мен серија на Кевин Смит, ама некако си мислев дека има шанси ваков материјал да биде соодветно адаптиран за модерно време. Притоа, заборавив дека денес забавата е задолжително потисната да направи простор за разна незабавна социјална агенда и исправање на замислени криви дрини. Лик како Хи-Мен едноставно не може повеќе да опстои без да ја испровоцира малата бучна група што лепи "токсична машкост" етикета секаде каде што има ваков главен лик. Тука е дури и во името.

Затоа Хи-Мен мора да го нема за Кевин Смит да може да кулира на раат без да го пингаат My Little Pony аватарите со разноврсни родови придавки во твитер биографијата. Masters of the Universe: Revelation не е толку агресивно со политичките испрдоци колку што ненормалнине десничарски јутјуб инсели би сакале да биде за да можат да пумпаат содржина, ама не е ни обичен наивен цртан. Ама, веќе е смешно, не ми ни смета. 2021 сме, сè што сум сакал од поп култура денес се стреми да промовира нешто што нема врска со култура. Гледај која перверзија е актуелниот Star Trek. Тек да видиш со Џејмс Бонд што ќе се случи.

Masters of the Universe: Revelation нема баш некоја цврста врска со оригиналната серија, освен тоа дека е базирана на истата лиценца. Нека не изводи Кевин Смит дека е директно продолжение. Не е ни Хи-Мен приказна, Хи-Мен е заменет со женска алтернатива и покрај тоа што серијата се рекламираше малку поинаку. Сè би било во ред доколку некој успееше да напише квалитетен материјал тука, барем онолку колку што изворниот концепт (реклама за играчки) би можел да дозволи. Сега да бидеме реални, и таа старата серија не беше најелоквентна, ама продавала фигури за деца, а не муда за бубрези.

Ќе помислиш дека Кевин Смит како самопрогласен фан на Хи-Мен има капацитет да пишува добри сценарија и приказни. Не само што не знае обичен дијалог да склопи, не знаат ни другите сценаристи на овие пет мачни епизоди, ама се обидува да прави некои потези што дури и дебилон Рајан Џонсон би подзинал од што се глупи. Браво Кевин Смит, ги потепа сите ликови што публиката сака да ги гледа - многу храбро и возрасно. Кај ти текна.

Ова треба да е цртан за деца и за тие што биле деца кога одела оригиналната серија и денес мислат дека била нешто особено добра. Не била, времето во кое си ја гледал било. Ама, таа серија и денес изгледа симпатично, наивна е, полна со фантастични авантури и возбуда. Не е тмурна, депресивна и без ликот што е практично лицето на Masters of the Universe брендот. Приказната е шуплива и досадна.

На никој не му е гајле за напорната арогантна Тила и нејзината пријателка тука присутна буквално само и само за да се штиклира полето "диверзитет". Тоа ми е многу лицемерно во новиве филмови и серии. Ќе трупнат некој лик само за да не ја налутат групата на која припаѓа, без притоа да направат нешто со него. Тоа ти е како кога ќе се извиниш, а не го мислиш. Како што Дизни наводно промовираат еднаквост, диверзитет и човекови права, а го тргаат Џон Бојега од постерите на Star Wars во Кина за да не ги "вознемиреле" кинезите.

Очајно е. Луѓето што ги продуцираат овие лајна упорно одбиваат да научат од грешките. Свои и на нивните колеги. Ќе истуриш пари на нешто што ќе ти го пофалат само платените рецензии, па ќе ги напаѓаш тие што те критикуваат, а се во многу поголем број. Не мислам дека можеш апсолутно сите да ги задоволиш, ама ако сакаш профит и успех можеби треба да се обратиш на пошироката публика која замисли - сака да ги гледа Хи-Мен и Скелетор. Единственото добро во новово Masters of the Universe е гласовната глума и анимацијата, ама тоа не ја прави целата серија погледлива.

Ако ептен, ептен ти се гледа нешто вакво, подобро обрати се на старата серија. Некој мангуп има фукнато неколку епизоди со македонската синхронизација на јутјуб за поефективно носталгично искуство. После креваш џогерот и урлаш "Јаааас сууум моооќен!" зашто викенд попладне ти е терминот за чистење и средување по дома. Сега сам ги правиш овие работи. Друга опција ти е и онаа серијата од 2002. Одлична е, многу подобра од оваа на Кевин Смит што некогаш ќе успее да биде. Што подалеку од ова неговово.

No comments: