September 9, 2021

Ни спотребал нов The Matrix

Знаев дека некогаш наскоро треба да излезе четвртиот The Matrix, ама не очекував дека ќе биде во декември оваа година. Не дека некој побара ново продолжение воопшто. Колку и да не ги сакам The Matrix Reloaded и The Matrix Revolutions, некако си ја имаат заокружено таа беспотребно развлечена приказна. Ете, имав скоро дваесет години да ги прифатам, а со секое гледање ми се подосадни и подосадни. Кецот е толку совршен и доволен што никогаш не осетив потреба да копам подлабоко во тој свет. 

Го пуштив трејлерот за новиов, The Matrix Resurrections. Уште еднаш, па пак. Нула возбуда, ама ме копкаше. The Matrix беше огромна ствар додека растевме и некако не можеш да чмаеш на страна додека се подава нешто ново. Да, разочаран сум од трејлерот, ама не сум баш изненаден. Колку време наназад сè што излегува од Холивуд е базирано на веќе воспоставен бренд? На никој не му се ризикува денес. The Matrix кецот е можеби еден последните големи оригинални блокбастери што се занимавале со научна-фантастика, затоа само си го зајакнува статусот како што старее.
 

Најзабавно ми е што го намирисаа Кијану Ривс како доби малку на популарност изминативе години со John Wick, па почнаа да го пикаат и цедат кај стигнат. Беше грмушка во СпонџБоб филм, сними трет Bill & Ted, стана меме, глумеше во некоја сомнителна серија, се промафта низ Cyberpunk 2077... Затоа и продолжение на The Matrix додека Кијану Ривс е така фино профитабилен звучи како логичен чекор. Мислам, среќен сум за него, стварно супер лик е и си го заслужува успехот, ама уште малку и ќе го потрошиме. 

Од она што може да се види во трејлерот, The Matrix Resurrections не нуди нешто особено ново и свежо. Само референцирање на познати моменти од првиот филм и малку акција во сите правци. Шарени апчиња, мини-Морфеус, Агенти и кунг-фу. Имав чувство како да гледам трејлер за римејк или SNL скеч, што веројатно така и ќе испадне на крај. Таков софт рибут како Star Wars: The Force Awakens, само онака спакуван во поразлична амбалажа за да се излажеш на прво гледање додека си замајан од возбуда. На долги стази нема да функционира и ќе го заборавиме за брзо. 

Сакам да не сум во право, ама трејлеров и не ми дава некои цврсти контра-аргументи. Што е последното добро што излегло од сестрите Вачовски? The Matrix кец, сигурно не се ни сеќаваш на Jupiter Ascending. Освен тоа, за The Matrix Resurrections успеале само Лана Вачовски да ја убедат. Студиото и онака ќе снимало четврт The Matrix со Вачовски или без, а Вачовски како режисер подобро стои на постер од некој друг нов во франшизата. 
 
Ене кај е декември, ќе видиме. Малку сакам да верувам дека само првиот трејлер е ваков, нешто како омаж на франшизата, ама кога ќе ја земеш предвид историјата на кој го крпи ова и како функционира мејнстримот денес, некако тешко дека ќе успееме да се разубедиме со The Matrix Resurrections. Ќе го гледам сигурно, не ми се пропушта ова, па макар била и најголемата катастрофа откако постои филм како медиум. Не ми требаа ни претходните два, па пак ги проверувам од време на време да не случајно станале подобри.

No comments: