Пред некои четиринаесет-петнаесет години, додека The Burning Crusade експанзијата беше уште тековна, на еден од приватните World of Warcraft сервери на коишто играв тогаш, ми се падна најубавиот маунт што го имав видено во игра - Ashes of Al'ar. Жолто-розев феникс што остава шарена трага од неговите бои додека го јаваш и леташ. Не знаев дека е толку редок тогаш, веројатно приватниот сервер беше така наштелуван за повеќето што ќе стапнат во рејд инстанцата Tempest Keep (The Eye) да го добијат. Или сум имал некоја среќа. Не се сеќавам точно, ама памтам дека имаше повеќе играчи што го возакаа низ тогашниот Аутленд.
Кога после неколку месеци згасна тој пиратски сервер, мојот Ал'ар отиде со него. Нешто покасно конечно почнав да играм на официјален сервер и како што поминуваше време, паралелно на сè што правев беше да си го "вратам" изгубениот Ал'ар. Во тоа време, содржината од The Burning Crusade веќе не беше актуелна и беше тешко да собереш група за да го прекичмите Кел'тас со надеж дека ќе го пљукне тој маунт и дека баш јас ќе го добијам. Влегував во Tempest Keep повремено и секогаш безуспешно. Имаш само една шанса неделно да се обидеш за маунтот со еден карактер и кога ќе ја пропуштиш мора да чекаш до следната среда.
Години покасно како што играта добиваше нови експанзии, содржината од The Burning Crusade стануваше полесна и подостапна. Наместо 25 играчи беа потребни многу помалку, за последниве десетина година да можеш буквално сам да го тепаш Кел'тас еднаш неделно. Така и правев. Излевелирав неколку карактери на различни официјални сервери доволно големи за да можат сами да го исчистат Tempest Keep и почнав да фармам. Секоја среда после рестот, без исклучок. Ако имав доволно голем левел, влегував и трчав. Со секој карактер по ред. Седнуваш со кафе на биро и знаеш дека тој саат и кусур ти е посветен на ловење шарен феникс. Има само 2-3% шанса да ти се падне, можеби сега е моментот.
Никогаш не беше моментот. Со години. Претрчувањето стана рутинско. Летам до Tempest Keep, трчам и ја собирам цела инстанца, ги тепам сите одеднаш што случајно ќе се закачат на мене и продолжувам кон Кел'тас. Некогаш и физички ми се гадело. Целиот дијалог што се одвива го знам на памет. Сред ноќ да ме скорнеш ќе ти изрецетирам што точно кажува при тепачката. Мислам дека само азбуката знам волку добро да ти ја испеам.
Гледам дека пак нема маунт, се телепортирам назад во Огримар и доаѓам со нов карактер. Пак ништо. Со тек на време развиваш и суеверие. Си викаш, што ако го убијам Кел'тас во десниот ќош, што дојдам од друга страна, а што ако замижам после последниот удар, се телепортирам назад во градот и тогаш отворам да видам дали го имам Ал'ар во торбиците? Што ако го фармам исклучиво со Орки оваа недела? Ништо.
Роботската рутина никогаш не престана. Кренав раце од Ал'ар, ама упорно секоја недела влегував во инстанцата од навика. Некогаш буквално тоа ми била единствената причина да се логирам во World of Warcraft таа недела. Во меѓувреме, ми се паднаа некои ретки маунтови од други инстанци без никаква намера. Astral Cloud Serpent и Raven Lord што исто така имаат ниска едноцифрена шанса да те израдуваат. Не ми беа битни тие, едвај и денес ги користам за транспорт. Единствено нешто што сакав од играта е конечно да го пљукне тој посран Ал'ар.
Денес заврши мојата главна цел во играва. После стотици безуспешни обиди распослани низ цела декада, го имам Ал'ар под газ да го пичам цел низ цел Азерот и пошироко. Ахав го докачи белиот кит. Прво само воздивнав, после нагло ми се препотија рацете кога сфатив дека стварно падна. Така сосема случајно, на еден death knight карактер што ексклузивно го користев за ова фармање уште од Battle for Azeroth. Ал'ар е достапен заеднички на сите карактери, така што ова е маунтот што од денес па засекогаш ќе го возам додека постои играта.
Нема веќе фармање секоја недела со пет-шест карактери. Нема веќе Tempest Keep, The Eye или било која друга инстанца од Недерсторм што ја дели тематиката и естетиката која засекогаш ми се смачи. Никогаш пак нема да го сретнам Кел'тас освен во загарантираните повремени кошмари. Ми олесна, најозбилно. Се осеќам како да ја свртев World of Warcraft и ми олесна.
No comments:
Post a Comment