Скоро ја изгледав Better Call Saul за првпат. Веројатно пројде доволно време од Breaking Bad за конечно да ми залепи и да сум убеден дека е многу повеќе од тоа што е површински видливо. Може ќе муабетам за Солац во некоја друга прилика, засега нека стои само дека испадна толку добра што пола месец не можев ништо да гледам. Така разгален од квалитетот на Better Call Saul почнав да ја делкам Silo. Двете серии се неспоредливи, меѓутоа сепак не е лесно во иста вечер да се прешалташ од Лало Саламанка на Комон во улога на судски орган во дистописка научно-фантастична лимонада.
Silo ме наврати на еден период во раните 2010-ти кога американските телевизиски куќи штанцаа по три научно-фантастични серии неделно. Не беа сите гледливи, особено многу од оние на SyFy каналот, ама веројатно саглам популарни серии како Battlestar Galactica создаваа вакуум откако завршуваа, па различни продукции си ја пробуваа среќата да ја склопат следната "голема". Не само што имаше избор, туку постоеше и голем жанровски диверзитет. Не беа сите вселенски опери како Killjoys, Dark Matter или Stargate: Universe.
Се наоѓаше по нешто за разновидни научно-фантастични апетити. Од тие како Falling Skies што го јавнаа бранот на The Walking Dead, детективски драми како Almost Human, Lost фазон адаптации на Стивен Кинг како Under the Dome и еден куп други како Extant што ги памтиш само по наслов. Можам да набројам уште петнаесет од кои сум изгледал бар по една епизода. Повеќето од овие се појавуваа во тазе реновиран медиумски терен што денес е познат како новата златна ера на телевизија, па "квалитетот" поинаку се филтрираше. Потешко се проаѓаше ако си нискобуџетна СФ драма за група луѓе што кубурат во модерен свет кој останал без струја покрај серии како, не знам, Game of Thrones?
Без оглед на жанрот, значително повисокиот квалитет воведуваше нови стандарди за продуцирање на серии и некако општиот интерес се прешалта натака. Немав ни приметено дека ги снемало тие помалите серии додека не ми притребаа. Во тоа време, ете конкретно за научна-фантастика, имаше далеку поголем избор од ова очајново што е достапно денес. Што ако има седумнаесет Star Wars серии кога се потепаа која да е најлоша? Или Star Trek? Срамно е како успеа и она последното Strange New Worlds да се скурца до негледливост по неколку епизоди, а таман го пофалив.
Затоа и се израдував што Silo испадна сосема солидна серија. Нема да го редефинира жанрот, ама не е ни комплетно срање како повеќето научно-фантастични серии достапни во последниве години. Последно вака привлечно од тие ми беше Raised by Wolves, една од ретките оригинални серии што не беше базирана на ништо постоечко, првите две епизоди режија на Ридли Скот, а ја скинаа лани додека ја гледав втора сезона. Остана недовршена поради глупи корпоративни промени на продукцијата, штета што веројатно никогаш нема да дочека трета сезона.
Премисата на Silo е видена многу пати, барем оној главниот мотив, ама пак успеа цела сезона да ме држи заинтригиран и покрај тоа што повремено знаеше да заринка. Без да навлегувам во детали, приказната следи неколку ликови кои се дел од општество што животари изолирано во џиновски силос. Последните десет илјади преживеани од човештвото не ни знаат кој го изградил силосот во кој се накрцани, како се нашле таму и дали озбилно светот надвор е толку опасен. Историјата е одамна избришана, а не е баш општо прифатено кога некој ќе фати да копа во минатото.
Ги има сите стандардни елементи на "ништо не е така како што изгледа" и одредени работи се лесно предвидливи, ама доволно прикрива некои важни моменти или намерно те насочува во друг правец за да биде тензична и забавна до самото финале. Не е опетеретена од онакви глупи "мистерии" како 1899 што само отвараат прашања без да ги одговорат. Има една главна работа што ја мрда, нема триесет ликови да не може на ред да дојде за здив, туку е баш компактно конципирана за лежерно да ја расплетува приказната без дистракции.
Малку го дрви на средина, тоа е точно. Mе исплаши дека ќе е уште едно од многуте лајна што ненамерно сум ги сркнал, како сезона на Westworld што не е првата или последните Black Mirror, ама брзо се враќа на иницијалното темпо за еве сега да може да ми послужи како повод за муабетов. Не е совршена, има некои шашавлуци на кои им треба малку полирање, ама верувам дека може да го искористи потенцијалот со добар план за втора сезона. Скорешниве серии во жанров имаат тенденција да се испосерат во втора сезона по успешна прва. Уште ми е мака од вторите сезони на Altered Carbon и Westworld. Џабе ги чекав овие. Подобро на време скурцај се како Wayward Pines. Се надeвам дека Severance ќе има добра втора сезона, ете дури и на истиот стриминг сервис е со Silo.
Ми требаше нешто вакво да ме потсети дека жанрот може да биде забавен и без да се потпира на големи комплексни идеи. Ако правилно го наштелуваш амбиентот можеш да раскажеш секаква приказна, макар и некоја ваква што додека ја гледаш ќе те потсети на триесет други. Подобро ми е од сè што е моментално достапно во научно-фантастичниот домен, а со оглед на тоа што не ми текнува на ништо друго освен на влажни пувежи од веќе постоечки франшизи и Чарли Брукер мемиња, можно е и да е единствената серија покрај Severance што чека нова сезона. Пред да го донесам овој заклучок, проверив и потврдив дека ни SyFy не продуцираат ништо со години. Не ми е јасно како дојдовме до ова дереџе.
1 comment:
Greska si za Strange New Worlds pobratim. Vtora sezona posebno.
Post a Comment