December 28, 2022

Диемзи

Имам непријатни флешбеци од таа првата Call of Duty: Warzone. Малку од првиот локдаун во 2020, малку од едноцифрениот фрејмрејт што го овозможуваше мојот тогашен хардвер. Сепак, беше крајно забавно бетл ројал искуство, веројатно меѓу последните такви пред жанрот да спласне на неколкуте наслови што и денес се доминантни. Пред некоја недела излезе Warzone 2.0 и еве седум-осум души екипа на Crapwerk дискорд серверот уште голтаме барут и прашина низ Ал Мазрах откако првпат репетиравме таму.

Покрај стандардниот бетл ројал, Warzone 2.0 дојде спакувана со нов мод - DMZ. DMZ е практично поаркадна варијанта на Escape from Tarkov, каде што шеесет играчи поделени во тимови по тројца сте фрлени на огромна мапа на која се шири радијација и треба да извршувате разни мисии пред да здувате на една од трите достапни ексфилтрациски локации. На мапата има расфрлано и ботови што исто доаѓаат во групи, па секој чекор што го правиш треба да ти е тактички обмислен зошто може да ти свирнат куршум во чело од било кое ќоше. 
 
 
А, ако умреш пред да го фатиш хеликоптерот што ќе те однесе на безбедно, ја губиш целата опрема и оружја што си ги собрал таа партија. Мисиите ги добиваш и избираш претходно, овозможуваат прогрес низ играта, меѓутоа Ал Мазрах нуди и еден куп попатни кои ги правиш за да присобереш некоја пара да не си гол и бос, а и зошто е едноставно премногу забавно. Можеш да спасуваш заложници, да рушиш авиони со против-воздушен систем, да бараш радиоактивни куферчиња со гајгејров бројач, да минираш кутии со ресурси, да елеминираш непријателски тим на играчи и други слични воени операции со речиси филмски пропорции. 

Предобро е. Таман сте успеале да соберете доволно од ретките медицински ресурси низ огромната мапа и ќе ве рокнат непријателски играчи пред да се качите во хеликоптерот, па ќе ве соголат до последен куршум. Да, кога ќе покосиш друг играч, можеш да му буричкаш низ ранецот и да си послужиш со тоа што ќе го најдеш таму. Некогаш ќе налеташ на некое добро оружје и брдо кеш, некогаш на слика од куче, ама на крај најважно ти е што на мапата сега има еден човек помалку. Играта има вградена гласовна комуникација, па некогаш можеш и да го слушнеш противничкиот тим како писка доколку се во непосредна близина. 
 

Ал Мазрах е одлично дизајнирана мапа за една ваква тактичка игра. Дури има и некои локации што може и ќе ги препознаеш од постарите Call of Duty игри. Има и цела мисија базирана на контроверзната "No Russian" од оригиналната Call of Duty: Modern Warfare 2. Не можеш цело време пешки да шпарташ, па достапни ти се различни возила, чамци и хеликоптери, а има и воз што кружи низ голем дел од мапата каде што обично е журката на која интензивно се разменува оган со непријателски играчи. Возот има кутии со опрема и оружја, па функционира на "прв дојден, прв услужен" принципот со тоа што вториот дојден често може да биде пречекан со рафален истрел од соседното купе. 

Партиите се кратки и баш тоа е најдоброто во DMZ. Не мораш да главиш долго освен ако некоја мисија не го налага тоа, ама отприлика за максимум дваесетина минути би требало да си на безбедно или вознемирено да урлаш на микрфон со другарите среде ноќ зошто ве потепале. Радијацијата на мапата се шири брзо откако ќе отчука тајмерот, така што на крајот се случува да треба да трчате кон последната локација на која слетува спасувачкиот хеликоптер. А, не си ни тогаш целосно безбеден, се случувало да се млатиме со последните бомби веќе полетани.
 

Мало невнимание може да те кошта многу во DMZ, а некогаш уште се трудам да се навикнам дека играм многу потактичка игра од сличните вакви. Некогаш ќе претрчаш без да ја провериш околината и ќе изгинеш од снајпер или ќе те прегази оклопно возило, ама забавно е. Мисиите стануваат многу потешки понатаму, па затоа е најдобро да си имаш тим од другари што ќе ти помагаат. Не сите играчи со кои случајно си во ист тим ги имаат истите мисии или се расположени да ти помогнат, а DMZ не е баш аркадна соло авантура каде што лесно можеш да преживееш сам. Некој треба да те крене кога ќе ти свирнат куршум меѓу очи, а друг треба да ја обезбеди локацијата за да не се вратите сите во лимен сандак на главното мени.

Кога сме кај главното мени, не можам да не спомнам дека играта го има најлошиот дизајн на мени што било кога сум го видел. Пре би избрал да заглавам во вистинска верзија на гулагот од бетл ројалот отколку да треба да навигирам низ овој очаен изговор за кориснички интерфејс. Разбирам дека DMZ е уште во бета, разбирам и дека е бесплатно целово ова, ама повеќе личи на онлајн казино отколку на мени за игра. Настрана тоа што на секој втор клик пробува да ти продаде нешто, туку некогаш не можеш да смениш ни оружје зошто упорно те враќа на главното мени. Самата игра и нема некои критични багови, ама серверите се некогаш толку нестабилни што едноставно само еден од тимот ќе го испратат надвор од партијата, заедно сосе предметите за мисијата и склопените оружја. 
 

Сепак и покрај проблемите што ги има, DMZ ми е најзабавната друштвена игра во моментов. Дури и во оваа состојба концептот функционира феноменално. Ниедна партија не е иста со претходната, има доволно различни мисии за да не ти се смачи брзо, а и бесплатна е за играње така што освен нерви, трпение и слободно време, не губиш многу. Радо би ја играл и обичнава нова Call of Duty, ама па не ми се даваат милион и пол илјади евра за неколку саати кампања и мултиплеер кој сигурен сум дека нема да ми биде толку интересен како DMZ. Тоа може таму за дваесетина години кога ќе биде на 30% попуст.

Warzone 2.0 има и кросплеј, така што не е битно на која платформа ќе ја натаманиш, пак ќе можеш да си играш со другарчињата. Баш ми требаше нешто вакво за распуцавање и дојде во моментот кога се оштрев за Warhammer 40,000: Darktide што ете испадна срање на рилис, па ја оставам за некое подобро време. До тогаш се надевам дека и оваа малку ќе ја потспастрат, ако ништо друго барем серверите малку да се постабилни. Не се случува често, можеби една од дваесет партии, ама никој не сака полиција на врата во сред ноќ за нарушување на јавен ред и мир.

Види такоѓе:

December 1, 2022

Не можам да ја изгасам Against the Storm

Изгледа ја најдов најзаразната игра од 2022. Against the Storm се појави во early access на Стим пред месец дена и од тогаш не можам да прекинам да ја играм. На прв поглед изгледа како стандардно градење на град и одржување на општество во живот, меѓутоа има толку многу слоеви под тоа што ја прават една од најуникатните во жанрот. Баш бев распиштолен во Cities: Skylines тие денови кога излезе и намерата ми беше да пробам набрзинка демек нешто слично, па да се вратам назад во урбаниот кошмар што често ненамерно успевам да го создадам таму.

Не ја пуштив Cities: Skylines од моментот кога ја купив Against the Storm. Прво што ќе те дочека во Against the Storm е еден исклучително префинет шаренолик амбиент, со прекрасна хипнотичка музика и дожд што постојано врне. Тоа е и приказната всушност, ја шириш сопствената база во поголемо општество за да собереш доволно симпатии од мистериозната Кралица, а и главни ресурси за тоа што преживеало од кралството. Играта е сместена во фантастичен пост-апокалиптичен свет кој е оптеретен од голема бура која доаѓа на еден циклус. Таков еден циклус е преведен во неколку партии кои можеш да ги играш на процедурално генерирана мапа составена од различни биоми, исто така процедурално генерирани. 

Оттаму доаѓа и тој roguelike момент врз кој Against the Storm се потпира смело. Речиси сите елементи се различни секоја партија и секој циклус. Никогаш нема да го играш истото, а стратегијата ќе ја прилагодуваш за условите кои ти се овозможени. Повторно го градиш твоето гратче кое треба да преживее низ неколку сезони исполнети со различен интензитет на дожд, меѓутоа природните ресурси на моменталната мапа никогаш нема да се истата комбинација. Некогаш ќе ти фалат камења, следен пат месо, жито или некое друго такво неопходно за развој и ќе си приморан да импровизираш крпеници. Повремено играта ќе ти понуди и некој од многуте модификатори кои дополнително ќе ги усложнат условите на самата мапа.

Една партија може да трае од триесетина минути до неколку часа, во зависност од која тежина си ја избрал и какви услови ти понудил извесен биом во тој момент. Некои ги играш со денови, не е секоја за едно седнување. Играта има еден главен штос за победа, односно комплетирање на еден биом од мапата - исполни го индикаторот за репутација пред да се потроши индикаторот кој го означува трпението на Кралицата. Доколку Кралицата го загуби трпението, те повлекува и губиш. Доброто е што и кога ќе изгубиш, пак добиваш некакви поени за дрвото на таленти кои општо ти влијае на целата игра.

На почетокот си пуштен среде шума опколена со ледини обвиени во магла кои се кријат зад дрвјата. На твојата стартна ледина имаш неколку случајно распределени ресурси. Бидејќи секогаш ти фали некаков ресурс, идејата е да ги сечеш дрвјата до соседната ледина каде што и го шириш гратчето со надеж дека ќе најдеш нови ресурси. Меѓутоа, со секое отварање на нова ледина го "будиш" гневот на шумата која предизвикува страв кај жителите. А, ако се тие несреќни, несреќна е и кралицата. Не секогаш затекнуваш само ресурси на новата ледина. Некогаш ќе отвориш и некаква опасност што дополнително ти ја комплицира играта, па ќе мораш брзо да се справуваш и со тоа. Има еден куп такви и никогаш не знаеш што точно ќе ти се падне.

Како дополнителен заеб, ги немаш ни сите градби на располагање, освен тие кои служат за преработка на најосновните ресурси. А, бидејќи постојано треба да врзуваш различни продукциски синџири, секогаш ќе си без некоја градба или ресурс. Градбите се добиваат со исполнување на одреден степен на репутација, а тоа го правиш на неколку начини. Јас до сега воглавно се фокусирав на кревање репутација и победа преку комплетирање на нарачки од Кралицата. Повремено добиваш нарачки да собереш одредена количина на ресурси, да го одржиш задоволството на жителите на одредено ниво, да отвориш и исчистиш неколку ледини... има многу, а и тие се процедурално изгенерирани и различни.

Мораш да се адаптираш брзо ако сакаш да преживееш. Играта иако е бавна и лежерна, постојано мора да микроменаџираш, да се погрижиш да имаш доволно ресурси за градење, за комплетирање на нарачки и да бидат сите среќни и во хармонија да киснат на дождот. Жителите се четири различни раси со различни потреби и вештини. Некои сакаат одредена храна, други имаат потреба од едукација, трети се по пиво и религија, а ти треба да се погрижиш да бидат што позадоволни за да не го напуштат градот. Секоја раса има десетина вакви потреби, па јас обично се фокусирам да ги задоволам тие што се заеднички за неколку. Не може сега секој да е среќен дур копа гладен по рудници.

Ако некој ресурс воопшто не постои на мапата, а тоа се случува често, треба да се фокусираш на економија за да тргуваш, а дури и трговецот кој на извезен временски интервал доаѓа во гратчето носи ресурси што секогаш се различни. Некогаш ќе немаш ни што да смениш, па ќе се обидуваш да преживееш на други начини. Добрата работа е што некои покомплексни ресурси можеш да ги произведуваш со комбинација од неколку основни, ама тие некогаш се оскудни. Уште подобро е тоа што колку и кубуриш за ресурси, ретко ќе се најдеш во непобедлива партија. Единствено што треба да правиш во тие моменти е да си ги зајакнеш менаџерските способности и да измислуваш нови стратегии. Знае да стане многу напнато и попредизвикувачки, а тоа е една од најсилните страни на Against the Storm.

Затоа и ја засакав толку бргу. Настрана тоа што е преубава за гледање и слушање, има фасцинантни системи и механики. Не сум ги сретнал во слична друга ваква игра. Настрана брлавштинине ко Dwarf Fortress и RimWorld сега, во овие "пообичните" билдери што сум ги играл не биле толку детални. Ова е масивен испреплетен механизам каде што секоја ситница има некаква улога во него и не можеш ништо да предвидиш, ниту да настапиш со почетен стандардизиран план. Со секоја партија те изнадува со нешто ново, учиш некакви нови штосови и идеи за стратегија, па дури и елементи од корисничкиот интерфејс што претходно не си ги разбрал во целост.

Иако Against the Storm е уште во early access, изгледа покомплетно од многу други "готови" игри што ќе ги сретнеш. Ваква да ти ја продадат нема да приметиш дека играш нешто што активно се развива. Тимот е мал, пет луѓе вкупно ја работат, а вадат по некоја нова ствар на секои две недели без да го нарушат на балансот на тоа што постои моментално. Едвај чекам да видам што е следно. Совршена игра за грозна ладна зима, таква е удобна како топло ќебе. Се надевам дека кога ќе ми смачи ќе бидат излезени тие неколку наслови од жанрот што ги чекам, како Pharaoh: A New Era, Terra Nil и City of Atlantis.

Види такоѓе:

November 24, 2022

Шеснаесет години Crapwerk

Дојде денот кога традиционално се форсирам да го издрвам на тема Crapwerk како блог. Првпат да ми делува како премногу оваа бројка на години блогирање, од денес не ни бројам веќе. Се изнакуцав годинава. Белешките од она кнап слободно време ми беа најзабавни за запишување до сега, ама освен стандардната компилација подоле на најкликани постови што никнаа од минатиот ноември, немам спремно некои примамливи роденденски закуски. Одвоив шеснаесет постови од некои четириесетина.

Како и во секоја ваква прилика, фала ви на сите што сте одвоиле некоја минута од неделата за Crapwerk. Голем поздрав и до Дискорд екипата која порасна повеќе отколку што можевме да замислиме. Фала ви уште еднаш, се гледаме и читаме и понатаму.
 

 
Минатата година заврши со невозможно лошиот четврт The Matrix. Уште мислам дека е најлошото нешто снимено откако измислена камера, а имам изнагледано секакви глупости. Можеби ми е тешко да се одлучам кој е најдобриот филм некогаш снимен, ама никогаш не се посомневав во позицијата што ја завзема The Matrix Resurrections. Очај.
 

Ја игравме повеќе пати оваа World of Warcraft варијанта на Pandemic од тогаш, ама два дена откако го објавив овој пост во фебруари друштвено се испоковидосавме за првпат. Не беше страшно, само некако испадна иронично и смешно да се заразиш додека играш игра што се вика Pandemic. До овој момент еве уште не сме ја победиле. Играта, со пандемијава стварно не знам на што сме.

 
Одлична хорор мини-серија на еден тазе шизик што феноменално барата со жанрот - Мајк Фланеган. Кратка и исклучително ефективна, топла препорака уште еднаш вака на кратко. Не стигнав да му ја изгледам The Haunting of Hill House. Може зимава, ете.
 
 
Малку му фалеше на The Batman да биде најдобриот Бетмен филм. Но, и покрај тој саат време вишок на крајот, пак е доволно квалитетен за прегледување. Можеби единствениот суперхеројски филм од последниве години за чие продолжение сум барем малку возбуден. Баш сакам уште еднаш да го видам Петинсон во улогата.
 
 
Морав некогаш во животот саглам да изгледам Lost уште еднаш и тоа конечно се случи оваа пролет. Буквално секое слободно време од тој месец го трошев на Lost. Толку работи имав испозаборавено што на моменти ми изгледаше како сосема нова серија. Пишав и тазе постови за сите сезони, ама во компилацијава нека си го овој за првите две.
 
 
Ова ми е најдобрата серија за 2022. Не дека гледав многу други од оваа година, ама ништо не успеа да ме помести колку ова дистописко брлавење на Бен Стилер. Втората сезона би требало да се појави некаде кон крајот на следната година. Едвај чекам.
 
 
Мило ми е што Cyberpunk 2077 успеа доволно да се извади од ќенефот во кој падна и да се обликува во ваква забавна функционална игра. Уште ја крпат постепено, се спремам да ја изиграм пак кога ќе биде во уште подобра состојба. Не е играта што ја ветуваа со години, ама барем не е ни запалениот контејнер што беше дента кога излезе.
 
 
Од сите тривијални ствари што ме направија среќен годинава, тоа што конечно после цела декада напор, ми се падна ебаниот Ashes of Al'ar. Муабетот го имав спремно во глава со години наназад, мило ми е што најпосле се создаде приликата да го имам и во текстуална форма. Баш ова беше мојата крајна цел во World of Warcraft.
 
 
Уште неопоравен од аматерската The Book of Boba Fett, морав да проаѓам и низ Obi-Wan Kenobi. Позаморно од седум стомачни вируси истовремено. 


Уште една катастрофално лоша и досадна серија која сведочи за креативната попреченост на индустријата денес. Гледав некаде до пола додека не стана комплетно неиздржливо. Ќе имало наводно уште четири сезони. Искрено, не знам кој воопшто е публика за The Rings of Power, ама се надевам дека доминантниот негативен одзив ќе потегне малку погрижлив пристап кон создавање на сите нови серии воопшто. Срамота е ова да се памти како најскапиот пораз во телевизиската историја.


Морав да се совземам со некој Lord of the Rings материјал после The Rings of Power. Бидејќи филмовите и книгите обично ми се резервирани за тмурни зимски денови, седнав и ја изиграв Shadow of Mordor. Не ја комплетирав 100%, ама ја пројдов главната приказна и еден тон од споредната содржина. Некогаш ќе седнам и на двојката.
 
 
Игра со слична судбина како Cyberpunk 2077. Се потев летоска со саати со хедсетот на глава и беше едно од најдобрите VR искуства. За жал, не ја доиграв поради глуп баг што ме спречува да продолжам со играње без да фармам ресурси со денови. Можеби еден ден пак ќе седнам кога ќе одлучам дека ќе вреди потрошеното време.


Жалосно како Rick and Morty се доведоа до оваа бајата состојба, ама тоа е што е. Ништо нема да ни ги одземе првите сезони, ама некако ми е тажно што за толку кратко време успеа да се истумба вака. Не ја догледав оваа сезона, не планирам да гледам ни понатаму.


Старошколска Нинџа Желки млатња што излезе оваа година и изгледа како да немало друг жанр на игри во последните триесет години. Саати и саати носталгична забава. Многу е подобра со двајца, особено кога ги мрсите контролерите со пица.

 
Јас сум веројатно еден од последните луѓе на планетава што немале играно Assassin's Creed игра до 2022. Со месеци ги играв сите по ред и пишував за секоја што ја пројдов. Ецио трилогијата најмногу ми прирасна за срце, така што логично е Assassin's Creed II да се најде на роденденскава компилација. Неверојатно каква страст развив кон франшиза што до скоро едвај ми беше позната.


Се проакавме со Дамјан на фестивалов да послушаме малку мрсни рифажи низ темни берлински клубови. Ги гледавме Acid Mammoth, Belzebong и 1000mods, плус еден куп други бендови и артисти. Феноменален провод, догодина здравје пак.

November 22, 2022

Assassin's Creed Origins е ремек-дело

Ја завршив главната приказна во Assassin's Creed Origins уште пред некое време, ама се заседов малку подолго со намера да ги комплетирам останатите споредни. Играта е можеби најобемната Assassin's Creed игра што ја играв до сега, па гледам дека ќе ми треба уште некое време да ги зачистам сите откриени и неоткриени прашалници низ мапата. За разлика од претходните игри, на Origins ѝ седнав малку полежерно. Сега не брзам никаде, не ме чекаат други игри во серијалот за кои умирам од желба да ги играм, па мислам дека може да ја тегнам и до Assassin's Creed: Mirage.

Assassin's Creed Origins е најразлична од сите претходни игри во серијалот. Првата со која почнува актуелната трилогија и единствената за која имав волку голем интерес. Ќе ги прескокнам следните две, па кога пак ќе ми се приигра Assassin's Creed ќе се префрлам на кецот или Syndicate. Супер си е тоа Стара Грција и Викинзи, ама шаблонот по кој се правени некако ме засити со египетскава тематика во Origins. Одлична промена беше и сетингот и самиот гејмплеј на Origins, ама ги преферирам постарите.
 

Тоа не значи дека Origins не е ремек-дело од игра. Апсолутно е. Уживав во секој момент, без минута да ми е досадно или напорно. Секоја приказна, секое долго јавање низ пустина, секој непријателски камп, секоја гробница, па и секогаш кога требаше да ловам диви животни за да си скрпам подобра опрема од нивните кожи. Древен Египет ми е омилениот историски период, па иако играта опфаќа малку покасна ера, го добив тоа за кое што дојдов. Сигурен сум дека некогаш ќе наминам пак.

Бајек ми е дефинитивно омилениот лик после Ецио и Едвард Кенвеј, оној од Rogue го заборавив и како се викаше. Не само што поминав повеќе од осумдесет саати со него, туку и играта се грижливо се труди да ти го доближи најмногу што може за да го му го разбереш патот од дисциплиниран меџај до брутален убиец кој се одмаздува за смртта на неговиот син. Добра промена беше и тоа што овојпат не те мрази цело населено место и си послободен да се шеташ без некој да сака да те елиминира на секое ќоше, туку напротив, жителите го препознаваат Бајек како заштитник и пријател, па динамиката со Египет е многу поразлична од таа во претходните игри.
 

Пред да почнам да ја играм се изнаслушав како Origins не е Assassin's Creed игра. Тоа и мене ми беше првиот впечаток, меѓутоа како што играв ми стана јасно дека комплетно е Assassin's Creed. Механички можеби е различна и има значително отстапување од трационалната формула, ама пак прави некоја удобна транзиција за да не можеш да најдеш замерки. Да, нема прикривање во гужви и задолжителни мисии при кои не смееш да си детектиран, ама пак можеш да делуваш од сенка и тивко да исколеш цел римјански камп, дури и да ги начекуваш на спиење. Орелот Сену е исто така одличен додаток. Не само што е корисен кога "скенираш" цели, туку со него можеш да го разгледуваш Египет од птичја перспектива.

Точно е дека жанровски бега малку повеќе и е послична со игри како The Witcher, ама пак тие RPG елементи не се доволно интензивни за комплетно да се смести во таа категоризација. Обезмастено RPG е може добар опис. Собираш нови оружја, левелираш, отклучуваш нови вештини, а пак е умерено за да избегнеш математички пресметки за ефикасност. Повеќе е до слободата на избор. Сакаш меч и штит? Има. Лак и стрела? Има еден куп различни. На располагање ти се и повеќе копја, боздогани и што уште не. Пак можеш да си асасин, но со многу поразновиден арсенал. 
 

Паркорот е поограничен. Во смисла, не можеш да проаѓаш големи дистанци по кровови, не е така флуидно како на пример во Assassin's Creed: Unity, ама па затоа нема карпа и планина што Бајек не може да ја искачи. А, со околина како Египет каде што секој поглед од секое ќоше ќе ти го одземе здивот - ова е многу важно. Ubisoft имаат склопено еден прекрасен свет тука. Можеби и најубавиот отворен свет во игра што го имам искусено до сега. Перфектни детали, целата природа и архитектура, речиси и да нема ќоше што не е обмислено. На моменти повеќе се осеќаш како да си во некоја исторска читанка отколку во игра. 

Студиото најмило не знам колку историчари и египтолози за сите детали да се максимално запазени. Така што е одличен поглед одблиску во животите на овој народ. Не само што имаш прилика да се качиш на врв на пирамида или да ја видиш Сфингата посочувана од денес, туку ќе искусиш и како одгледувале храна, добиток, како се грижеле за наводнување и како пловеле. Ќе се прошеташ и низ живописната Александрија. Origins има и супер систем за пловидба низ Нил, па доколку не ти се јава коњ или камила да стигнеш до одредена дестинација, секогаш можеш да запловиш на сплав и да го разгледуваш Египет од вода. Воопшто целото движење низ локациите е феноменално. Некогаш намерно бирав мисии што се оддалечени со километри само за да можам да патувам.
 

Дури и талкањето низ пустина е преубаво. Глетката не е толку за восхит како кога поминуваш низ некои мали египетски селца, ама е цела посебна приказна. Некогаш нема да најдеш ништо, некогаш ќе налеташ на некој скриен прашалник кој ти отвара некоја споредна содржина, а ако патуваш денски ќе искусиш и халуцинации од топлото. Ова е исклучително забавен кул детал. Можеби е ситница, ама е крајно ефективна и интензивно ти го засилува доживувањето. Баш така налетав и на еден од најдобрите квестови во цела игра, Lights Among the Dunes. Нема да го спојлам, иако муабетиме за пет години стара игра тука, ама ме остави со отворена уста. Има и уште еден така прејак, со тематика позајмена од комплетно друга игра. Ќе го преќутам и тој, ама не смееш да го промашиш. Ќе ти се каже сам.

Содржина има еден куп. Очекував подолга главна мисија, ама задоволен сум бидејќи и споредните имаат предобри приказни што ќе ти останат во сеќавање. Ако сакаш да одмориш од нив, имаш гладијаторска арена, хиподром, различни пазли што ги добиваш до криптични пораки запишани на папирус, па до комплексни гробници кои кријат богатства или поедноставни како камењата кои означуваат соѕвездија. Ниту една активност не е досадна, а изборот е навистина обемен. Некогаш е само доволно да се ашкаш наоколу и да се воодушевуваш на пејзажи. Каде и да се свртиш има нешто визуелно привлечно за гледање. 
 

Главната приказна е супер, иако завршува некако нагло. Се занимава со почетоците на тоа што векови подоцна ќе се обликува како Редот на Асасини, но доволно воздржано за да не го наруши фолклорот кој е присутен во таа хронологија. Единствена голема замерка ми е приказната што се одвива надвор од Анимусот. Освен што те вади од имерзија, не кажува ништо посебно, ама препоставувам морале да го шкртнат од список. Подобро да го немаше овој дел, реално. Играта има понелинеарен наратив, ќе заборавиш дека воопшто се наоѓаш во Анимус, па ми сметаше кога бев потсетен кај сум и што сум. Истово ме нервираше и во Assassin's Creed IV: Black Flag. Само за Анимусот во Ецио трилогијата немам забелешки, таму концептот беше многу поелегантно изведен.

Assassin's Creed Origins е една од најквалитетните игри во серијалот. Можам да ја сместам и во истата таква листа составена од игри што ги пројдов последниве години. Дури и да ја тргнеш Assassin's Creed етикетата повторно ќе е добра. Затоа и слободно ја препорачувам на луѓе што никогаш не играле ништо Assassin's Creed претходно. Замисли, имало и други такви. А, серијалов ме разгали комплетно. Пробав да играм The Witcher III скоро и ми фали таа слобода на движење, не знаев дека сега ми толку неопходна во игри со сличен гејмплеј. Ете, Гералт не само што не може да прерипа мала карпа, туку и не е отпорен на обичен пад од два метри. Изгледа ќе ми треба време за да се вратам во нормала.

November 19, 2022

Подобро да не го гледав Clerks III

Уште се чудам како Кевин Смит успеа да го склопи оној Jay and Silent Bob Reboot од пред две-три години во толку прифатлива целина. Не беше ни отприлика меѓу неговите најдобри филмови, меѓутоа испадна сосема океј и баш некако ми ги обои тие тмурните рани каратински денови. Можеби само добро му го темпирав гледањето. Го немам гледано пак од тогаш, едвај и ги памтам деталите, ама се сеќавам дека впечатокот ми беше позитивен. Некако природно си беа легнати некои ствари во филмот, таман за да заокружи една етапа од тој View Askewniverse континуитет.

Баш заради тоа очекував дека Clerks III ќе оди во друга насока. Веќе се поздравивме и изљубивме со неговите ликови и дела во Jay and Silent Bob Reboot. По таа логика, овој пат ти доаѓа да очекуваш бар малку свежа перспектива на повозрасен Кевин Смит кој го разбира времето во кое денес живее и твори, наместо со повеќе пари да се обидува да го направи истиот филм од пред триесетина години. Clerks III е многу полошо од тоа за жал, ама не знам ни дали реално можеш да му замериш на Кевин Смит за ова. Па, ајде сега надоле без спојлери.

Види, Кевин Смит има различен однос со Clerks. Не може прецизно да види како публиката го доживува. Свесен е за успехот на филмот, за огромната орда фанови, за влијанието што го има врз генерации независни режисери и нормално е да се гордее со тоа. Никој никогаш нема да му го одземе тоа. Не ни може. Нема нешто што може да се случи да го испогани првиот Clerks, па дури ни ваквите глупави продолженија како тројката. Го сакам и Clerks II. Иако можеби има помалку важна позиција во кинематографијата на Кевин Смит, филмот лично ми го обележа преминот од средно образование кон полнолетство, дури е и тема на најраните муабети на блогов. 

Си го сакам Clerks II и засекогаш ќе го бранам како таков, без разлика дали станува збор за носталгија или што и да е. Денес да го пуштиш изгледа скроз шашаво, ама ми прави да се осеќам добро. Од друга страна, Clerks III е крш. Можеби и најлошиот Кевин Смит што сум го гледал до сега. Разбирам дека оној однос на Кевин Смит со Clerks што го спомнав погоре е причината за ова и ако го следиш низ годиниве ќе видиш дека не му е до пари дојдено. Кевин Смит е полн пари, не е ова продолжение на Dumb and Dumber или Bill and Ted нарачано од студио. Едноставно сакал да го направи овој филм, само што пристапот повеќе функционира како интерни штосови на инволвираните од него отколку вистинско искрено обраќање кон публиката.

Кевин Смит обожава да зборува. Најмногу од сè сака да зборува за сам себе и фуриозно да мастурбира на сопствените слики или тоа што го претставуваат. Разбирам дека срцевиот удар што го доживеа пред неколку години му помести некои гледишта и дека таа приказна ја раскажува во секоја можна прилика што ќе му се пружи, ама кога правиш цел филм околу тоа е некако... премногу. Clerks III не е најсоодветното место за да го верглаш истото, со истите зборови. Мислам, може и да е супер доколку имаш уште нешто да кажеш освен тоа, нешто ново и интересно, ама тоа не е случај овде.

Кога Кевин Смит не ни ја раскажува истата приказна по седми пат, ни ги прераскажува сите негови филмови повторно, особено Clerks кецот. Нешто што до некоја мера го направи пред две години. Мета-дискурсот на Clerks III му овозможува и да го преправи кецот, заедно еден куп реплики, сцени и ликови. Верувам дека било презабавно на сет, сите тие луѓе да се сретнат пак после толку години и да ги снимат истите тие сцени, меѓутоа како публика сакаме повеќе. Сакаме различно. Различно како што Clerks II беше различен од Clerks. Затоа и викам дека ова е филм наменет за Кевин Смит и неговото друштво отколку за нас и нашето друштво.

Освен што е преполн со референци кон претходните филмови на Кевин Смит и речиси нема ништо ново и свежо, натрупан е и со референци кон поп култура кои тука воопшто не се ефикасни. А, како да бидат ефикасни кога денес сè што ти е достапно во мејнстрим е дел од некаква популарна супкултура и сакал или не, имаш секојдневен контакт со истото. Самиот Кевин Смит е таква икона денес, не е веќе младиот режисер што чат-пат има да каже два-три штоса за Star Wars во девеести. Никој нема да ти се воодушеви на тие референци, имаме Star Wars дома сега и повеќе од што ни треба. Не е веќе специфичниот "настран" интерес што некогаш претходно бил, па да се израдуваме што некој друг во светот го дели со нас. Заморно е.

Хуморот во Clerks III претежно се основа на рециклирани штосови од првиот. Кога ќе се обиде да направи нешто друго е комплетно неуспешен, бидејќи користи ликови како Елијас кои апсолутно никако не функционираат денес како во 2006. 2006 и тој период околу си носеше таква поглупа комедија општо секаде. Од тогаш и пораснавме и начинот на кој се прават филмовите подсозреа, а Кевин Смит изгледа упорно мисли дека и таа генерација е заглавена во времето како неговите Данте и Рендал. 

Емотивните сцени што ги има низ Clerks III не функционираат воопшто. Кевин Смит можеби не пишува толку лоши љубовни дијалози како Џорџ Лукас, ама актерите кои треба да ги одглумат не се професионални актери и се приметува. Не знаев дали требаше да сочуствувам со некои од расплаканите ликови тука или дали се смеам. Clerks III во ниеден момент не успеа да ми го долови точниот тон на тие сцени. Затоа само гледав бледо и се чудев колку овие луѓе не знаат да глумат. Што е сосема во ред. Clerks кец е практично аматерски филм, ама не можеш истата таа екипа да ја влечеш низ сцени кои бараат многу повеќе актерски вештини. Не се тие виновни, ама Кевин Смит требало да знае колкав им е капацитетот додека склопувал реплики што не се препишани од неговите претходни филмови.

Жал ми е што не го исклучив филмов во првите петнаесетина минути како што сакав. Не дека е страшно, ама потрошив саат и пол за да превртувам очи. Можев да изгледам било што друго и ќе си поминев подобро. Clerks III само горчи. Го нема засладувањето што го имаше во духовно сличниот Jay and Silent Bob Reboot, а не па било какви реални траги од некогаш креативниот Кевин Смит. Ако самиот Кевин Смит мисли дека ова е достојно испраќање на сопствените ликови, тогаш супер. Треба да сме среќни за него. Публиката што вооппшто ќе дознае за филмов, догодина ќе заборави и дека постоел.

Можеби е време Кевин Смит пак да се обиде да се самоизмисли со други жанрови. Не мора да се баш анимирани серии од веќе постоечки бренд, нека е друго нешто. Не може уште долго да си ги молзи златните денови. Еве Mallrats 2 да речеме ќе има, после тоа што? Продолжение на Dogma? Нов Chasing Amy? Сите полни со референци кон филмовите на Кевин Смит од девеести и Star Wars? Почитувам што стварно сака да се зеза со старите пријатели со кои некогаш си снимал добри филмови и верувам дека му е забавно, ама мислам дека мене Clerks III ми е границата. До тука најмногу можам.

November 15, 2022

Се заиграв Warhammer: Vermintide 2

До пред некој ден никогаш немав допрено Warhammer материјал што не е сместен во 40k универзумот. Не па дека нешто озбилно сум навлегол во Warhammer 40,000, ама имам играно неколку игри, безуспешно почнато неколку книги и опколен сум со другари што често имаат долги забавни излагања на темата. Имам дури и две мали армии фигури што ги склопував пред пандемијава да ни го ебе раатот. Иако често сум се затекнувал преоптоварен со деталите и комплексноста на 40k, без разлика на медиумот преку кој сум пристапил, секогаш ми бил попривлечен од потрадиционалната фантастика во обичниот Warhammer.

Vermintide 2 ми е првиот контакт со тој "обичниот" Warhammer. Некогаш во животот сум го собрал и кецот во Стим библиотекава, ама никогаш не сум го ни инсталирал. Двојкава решив да ја пуштам откако видов дека на крај на месецов излегува слична игра во поинтересниот универзум, Warhammer 40,000: Darktide. Знам дека Vermintide 2 е доста популарна кооперативна пуцачина и сега конечно ми стана јасно зошто. Како некој што имал многу мал контакт со жанров, не знам што играв претходно, ете World War Z нешто, влегов потполно слепо и без очекувања од концептот.
 

Во Warhammer: Vermintide 2 со три познати или непознати другарчиња, се спојувате во тим што се бори против хорди непријатели низ различни мисии. Секој од играчите бира една од петте архетипски класи кои имаат уште по неколку различни варијации од секоја и сте фрлени во некоја стаза каде што треба да преживеете соработувајќи. Гејмплејот е воглавно распрскување тела и мозоци на човеколики стаорци и други грозомории, ама паралелно има и некоја друга цел. Пример, полните топ со ѓуле, еден треба да нишани, друг да му го чува газот од гнасните непријатели, трет трча по муниција, четврт се лизнал од бедем и виси од воздух, па треба да го спасувате. 

Не знам колку мисии изиграв до сега, ама секоја имаше некоја различна тематика и варијација во целта за завршување. Некогаш се шуњаш низ подземни крипти, низ ниви и напуштени амбари, замоци, шуми. Никогаш немаш чувство дека си на истото место, дури и кога си. Бидејќи сакам да ги пробам сите достапни класи и ги отклучам тие што не ми се, секоја мисија бирам нешто друго. Презабавно е. Да не речам презаразно.

 
Мисиите се кратки и се завршуваат релативно брзо, па додека се заиграш асално веќе си прошол три-четири. После секоја добиваш куферчиња со нова опрема и оружја за класниот архетип, па можеш да си правиш нови или да си ги подобруваш постоечките. Системот е едноставен и ефективен. Само мислам дека е прашање на време кога ќе проба да ми брцне во џеб за да ми ували некоја ситница. Што реално и не би имал проблем, основната игра ја дадоа беспари, а експанзиите не се прескапи за содржината што ја нудат. Единствена пречка е тоа што не планирам многу да се задржам на играва, некако повеќе сум загреан за Darktide. Баш сакав да ги пукам тие погорните нивоа ко Champion, ама не верувам дека ќе стигнам до крај на месец. Толку многу ме нафура Darktide што мислам дека може да биде дополнителен фактор кој ќе ми го одложи играњето на World of Warcraft: Dragonflight.

Што се однесува до приказната во Vermintide 2, немам апсолутно претстава што е. Знам само дека некогаш во историјата на Warhammer едниот универзум се уништува и како фолклор и како бренд и доаѓа нешто што го знам како Age of Sigmar, ама ова е уште еден податок што го имам фатено од муабети на другари. Претпоставувам дека ова што го играш тука е тој катаклизмичен настан што е познат како The End Times. Комотно можев да го изгуглам ова и да мудрувам тука, ама небитно. Приказната е и онака поспореден дел од играта. Фокусот е повеќе на амбиентот и епските битки. 
 

A, секоја битка во Vermintide 2 ти е така скроена. Без разлика дали се пробиваш низ непријателите со меч, пушка или самострел - толку е добро направено што едвај чекаш да ја почнеш следната мисија. Мислам, нормално е во игра каде што ова е главниот штос, ама да си ебат векот, многу е филмски склопено. Им фрлаш бомби да ги кренеш во воздух, пукаш во буриња што експлодираат, ги бодеш со ствари во фаца. Озбилно, би играл ваква кооперативна игра инспирирана од било кој универзум. Не знам зошто жанрот не е толку раширен за секој бренд да си има сопствена варијанта на ова. Замисли да сте мала ваква мала група во Lord of the Rings универзум и да шибате бескрајни бранови на орки. Прејако.

Баш ме занима како истава формула ќе биде пренесена во Warhammer 40,000: Darktide. Секако дека ќе ги почекам рецензиите во првите недела-две, ама можеби ова е насловот што ќе ме внесе низ вистинска врата во 40k. Не знам што е со брендот, ама имам впечаток дека лиценцата за видео игри ја даваат на кој стигнат и затоа толку варира квалитетот. Освен Dawn of War и Space Marine има ли нешто саглам или само се штанца? Gladius, Necromunda: Hired Gun и Battlesector ми се смачија после неколку саати.

November 8, 2022

Околу Terrifier кец и два

Замисли, во 2022 налетувам на вест дека луѓе повраќале и се онесвестувале во кино на Terrifier 2. Иако сум сигурен дека не е ништо повеќе од обичен маркетинг, макар и да е органски создаден, фасцинатно ми беше што воопшто во денешно време среќавам нешто што некогаш било својствено кога хорор жанрот бил тазе и публиката не била навикната да гледа интензивно графичко насилство на филм. Сплатер хорор како поджанр не е ништо ново, ама изгледа толку е надвор од мејнстрим во последниве години што не би ме зачудило и некој озбилно да се препотил на сцена каде што прснало некое око или нечии црева се шлакнале на под.

Терминот доаѓа од описот на култниот Dawn of the Dead на Ромеро од 1978 и подоцна служи да етикетира концепт каде што хоророт извира од насилно упропастување на човечки тела. Имав една фаза во младоста кога ги вртев сите вакви филмови. Од првите Evil Dead филмови, преку Re-Animator, Braindead на младиот Питер Џексон, па сè до поновиве како Hostel или The Human Centipede од бранот кога жанрот завзема малку поинаков облик благодарејќи на Saw серијалот. Ги имам изнагледано сите гадурии. Cannibal Holocaust, Ichi the Killer... Крајната граница ми е веројатно A Serbian Film, тоа немам волја да го пуштам. 

Поентата ми е дека имам желудник за вакви филмови. Затоа ова со Terrifier 2 не ме загреа додатно, ќе го гледав во секој случај, ама интересно ми е како создава услови малку да го размрда жанрот во периодот кој следи. 2022 беше зачудувачки дарежлива со хорор филмови. Од македонско-австралискиот You Won't Be Alone до Barbarian, имаше неколку добри наслови оваа година. Дури и петтиот Scream ми беше супер, па и Nope на Џордан Пил не беше лош. Можеби треба да склопам една листа на сè што изгледав.

Првиот Terrifier од 2016 практично комбинира два хорор поджанрови. Во суштина е традиционален слешер, меѓутоа количеството на брутални, крвави експлицитни сцени комотно го сместува и во таа другата категоризација која е многу повеќе изразена во продолжението од 2022. Terrifier кецот е независен нискобуџетен филм, делумно базиран на претходно антологиско остварување на режисерот Дамиен Леоне од 2013, All Hallow's Eve, кој уште не сум се наканил да го гледам. Таму и првпат се појавува главната ѕвезда на Terrifier, садистичкиот нем кловн Арт кој во оваа прилика им е случајно намерачен на две девојки на Ноќта на Вештерките.

Ако те ежат кловнови, Арт е можеби најзаебан од сите што ќе имаш прилика да ги видиш. Со само 35000$, Леоне скрпил ужасно неизвесен филм што е максимално ефикасен и покрај сите жанровски тропи и отсуство на позначителна приказна. Нема приказна што сака да ја раскаже, нема мотиви што се обидува да му ги прилепи на Арт или да ги претстави ликовите како нешто повеќе од негови жртви. Филмот е само сиров лов на луѓе на слабо осветлени клаустрофобични локации и солидни специјални ефекти каде што претпоставувам отишло и поголемото парче од скромниот буџет.

Затоа е и функционален. Немаш време да размислуваш на "зошто", туку те фокусира на "како". Директно те позиционира во густата, напната атмосфера каде што лабаво летаат парчиња месо наоколу. Нема паралелни приказни што го градат наративот, само умоболна машина за убивање и неколку мети. Колку и да е аматерски во некои аспекти, Terrifier е очигледно дело на посветен љубител на жанрот кој нашол начин како успешно да ги нареди коцките во забавен саат и пол. Баш тоа вешто справување со формулата го прави првиот Terrifier инстантна класика и ќе го овозможи неизбежното продолжение.

Terrifier 2 има скоро десет пати поголем буџет од првиот. До моментот кога го пишувам ова е веќе месец дена низ кино салите низ САД и има заработено десет милиони долари. Дали филмот е навистина толку квалитетен е крајно субјективно особено кога се работи за ваков специфичен жанр, ама ваков успех ми е големо позитивно изненадување. Во кино сали преплавени со неоригинална содржина, јако ми е што гледам како ваков мал хорор филм си го пробива патот. Десет милиони не се ништо, ама имај го на ум почетниот буџет и отсуството на суперхерои.

Двојката лично повеќе ми лепи. Иако кецот го ценам за тоа што е, двојката "поправа" неколку аспекти што се таму поклимаво изведени или воопшто непостоечки. Сега има вистински ликови со приказна за кои можеш да навиваш и дури и да ти е гајле за нив, актерите се малку попрофесионални и ефектите врз кои се потпира целиот филм се многу, многу подобри, а ни дијалозите не звучат импровизирани на лице место. Очигледно буџетот обезбедил и вистински сетови, па Леоне сега не морал да користи напуштени згради и светло од мобилен телефон за да ги снима сцените.

Можам да разберам ако стварно луѓе се онесвестувале на Terrifier 2. Има грозотилаци, потврдувам. Сепак поентата му е да биде провокативен, да шокира и сосема е успешен во намерата. Немаше да го збориме сега да беше обичен глуп хорор какви што излегуваат секоја недела. Филмот изобилува со експлицитни сцени, ама си игра и со некои апсурдни комични елементи што не дозволуваат да забега во комплетно сериозна и невкусна вознемирувачка насока. Re-Animator и Braindead ми се првите примери каде што ова е комплетно ефективно. Ако таквите сцени во кецот беа можеби ненамерни, во Terrifier 2 изгледаат како да се однапред промислени.

Сега малку спојлери за моментите што можеа да се подобри. Terrifier 2 уфрла натприродни елементи што некако ми го прават кловнот Арт понеопасен. Во смисла, поефективно е кога знаеш дека е човек маскиран во кловн отколку некое демонско присуство или што и да е во двојкава. Иако реагира кога ќе го збрцаш со остар предмет, самото тоа што магично воскреснува после настаните во кецот го прават понепобедлив од другите слешерски колеги. Затоа и ниеден Friday the 13th не ми е толку добар колку првите два-три, па ни повеќето од Halloween серијалот. Ако крвари можеш да го убиеш, ама во случајов Арт личи дека е бесмртен иако крвари. Филмот во ниеден момент не потенцира никаква негова слаба страна и ранливост.

Другата замерка ми е што трае барем пола саат предолго. Првиот беше супер компактен, а ова непотребно се тегне цели два саати. Леоне бил упорен да уфрли што повеќе шокантни сцени, па таму каде што му пасувале во приказната, ги прави како дел од соновите на главните ликови. Океј сум со тоа да тргнал да го пишува филмот баш со бруталните сцени како појдовна точка, ама на моменти ќе осетиш дека малку го затупува. Се обидува и да чепне малку од митологијата околу Арт, ама некако е безуспешно и без некоја опфатна разврска. Читав дека со тоа ќе се занимавал малку повеќе во следното продолжение, или како што движат работите моментално, продолженија. 

Terrifier е супер серијалче за хорор фанови. Мило ми е што пак сведочам како се создава нова хорор икона и баш сум возбуден да видам како ќе се развива понатаму. Немам растено кога се раѓале Џејсон, Фреди и Мајкл Маерс, ама ги фатив тие како Гоустфејс и Џигсо, па сакам да видам дали ова ќе биде следната голема хорор франшиза. Арт полека излегува од позатворените хорор кругови кон мејнстрим публиката и ќе сум среќен ако успее асално да продре.

November 3, 2022

Пица и Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge

Девеести меѓудругото, беа флипери и Нинџа Желки во секаков медиумски облик. Немаше флиперница на времето без онаа оригиналната Teenage Mutant Ninja Turtles игра. Доколку ја немаше таа, тогаш сигурно ја имаше Turtles in Time, а ако немало ниедна тогаш си одел на погрешно место на флипери. Таа првата на Konami ја имаше и за Нинтендо и за речиси сите тогашни системи што можеа да пуштат игра. Ја плескавме и по дома, ама ништо не можеше да ја долови графиката на аркадната верзија.

Толку сум приврзан со овие игри, како и за еден тон други ствари што ме правеле среќно дете, па воопшто не беше тешко да ми ја продадат новата Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge што излезе летово и изгледа скоро идентично како тие флиперските. Океј, уште не ми ја продадоа, ја чекам на некој попуст зошто не ми се даваат 25 евра за толку кратка игра и покрај тоа што одамна си ги заработувам "петденарките". Ја собрав преку алтернативни канали. Полневме пиратски флиперници со жетони и тогаш, ај сега.

Иако ја сакам речиси секоја итерација на Нинџа Желки, засекогаш ми се омилени оние од првата анимирана серија од 1987. Со тие растевме, собиравме албум со сликички, имавме по некоја играчка, па дури и едни тренерки што цело маало ги носеше. Секоја генеција си има свои Нинџа Желки и тоа ми е прејако. Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge е со тие моите Нинџа Желки од пред триесет и кусур години. Најлесно е да ми ја протнеш таа носталгија и среќен сум што овој пат доаѓа во пооригинално издание наместо како ремастер на некоја од старите игри.

Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge и покрај некои модерни елементи што на времето биле ограничени од тогашната технологија, изгледа и се осеќа како никогаш измеѓу да не постоеле современи игри. Многу од тоа се должи и на визуелниот стил секако, многу е поиздржлив од не знам, стилот на игри за оригиналниот ПлејСтејшн што е повеќе како еволутивен чекор отколку крајна форма на одредена технологија. Не верувам дека денес можеш да продадеш тазе 3D игра со пет полигони, без оглед на тоа колку носталгија евоцира. Затоа имаме саглам ремастер на раните Resident Evil игри наместо Лара Крофт со шпицести цицки.

Неверојатно колку добро и мазно е изведена Shredder's Revenge. Графиката, дизајнот на стазите, звукот и самиот гејмплеј. Имаш повеќе различни удари на располагање кои одлично парираат на непријателите кои се различни на секоја стаза. Пак е задржана "примитивноста" на оригиналните игри на Konami, ама има еден куп варијации што совршено природно се вклопени што едвај ќе приметиш дека играш игра објавена во 2022. Како таква, целосно си ја остварува намерата. Уште појака е со двајца. Бутате пица залежани и кршите прсти на контролери. Онлајн може и до шест играчи, ама не верувам дека е приближно интересно како залежани на бинбег со друштво.

Изненаден сум и колку знае да биде предизвикувачка играва. Пази, и старите игри се така дизајнирани. Да пикаш жетони од пет денари, да поиграш минута две пред да те утепаат, па да не јадеш тој ден на голем одмор за да имаш за уште два-три жетони. Тука имаш опција да искусиш нешто слично преку arcade mode, секако без делот со гладување, ама дури и кога ја играш обичната кампања каде што "животитe" не ти се лимитирани, Shredder's Revenge воопшто не те штеди. Единствена замерка ми е што е некако кратка, можеш да ја пројдеш цела за неколку саати, ама па и тие оригиналните не беа нешто подолги. 

Алал за Tribute Games како успеале да го доловат духот на старите Konami игри. Дури ги собрале и оригиналните актери од анимираната серија за уште еднаш да го позајмат гласот на Желките. Не дека ќе го приметев тоа без да го прочитам, мене Димче Мешковски, Чоре, Дади и Колозов ми се Нинџа Желки, ама кул е што ги донеле така да се позезаат. Па, и за самата музика ќе налеташ на имиња како Мајк Патон, Гоустфејс Кила и Рејквон. Одлично е.

Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Reveng, колку и да е добра, не е игра што ќе ја играш секој ден. Мислам, ќе ја изиграш еднаш сам колку да си ја почешаш носталгијата и можеби нема да ја пуштиш никогаш пак, ама повеќе забава ќе ѝ ја исцедиш ако играш со друштво. Не знам ни дали има подобра Нинџа Желки игра од ова или модерната колекција со старите, така што веројатно ако ти се игра нешто од оваа франшиза, изборот е очигледен. А, додека сум на оваа TMNT тема, приметив дека за скоро шеснаесет години колку што е блогов онлајн, никогаш не сум пишал за оригиналните Нинџа Желки филмови или серија и тоа мора да биде поправено многу наскоро.

Види такоѓе:

October 28, 2022

Штета што го забораваме Reign of Fire

Значи не можеш да не сакаш змејови. Тоа е како да немаш омилена Нинџа Желка. Змејови се секогаш привлечна фолклорна тематика. Reign of Fire ги отстранува змејовите од нивниот вообичаена околина и се занимава со идејата за нивното постоење во модерно време. Во филмот, змејовите до сега биле во милениумска хибернација, а некогаш владееле со Земјата и биле одговорни за истребувањето на диносаурусите и за ледената доба. Не ми е сфатливо како Reign of Fire е толку заборавен филм, а е дваесет години стар. Затоа сега дојде на ред малку да го разбудиме како тема на муабет. 

Reign of Fire е еден од најзабавните пост-апокалиптични материјали. Филмот се случува во 2020 годинa каде што по новиот подем на змејовите и нивното забрзано размножување, светот е пеплосан и едвај е останата некаква современа технологија, а човештвото е речиси истребено и живее напикано во тврдини со надеж дека ќе ја дочека следната земјска хибернација. Кристијан Бејл предводи мала група на преживеани кои кренале раце од борбата против змејовите и се надеваат на подобри денови засолнети во замокот Бамбург.

Еден ден во нивниот камп ќе пристигне Метју Меконахи со мала американска армија и сознание дека во светот постои само еден машки змеј кој е одговорен за расплодот, па веруваат дека ако го убијат ќе го спречат ширењето на овој нов доминантен род што го уништил речиси цел свет. Тимот на Меконахи не се крие по дупки, туку успешно убива змејови со години наназад. Двете групи наидуваат на меѓусебен конфликт - Бејл не сака да дозволи неговите луѓе да станат скара за змејовите, додека Меконахи е дојден да регрутира нови војници.

Филмот внимателно го гради светот во кој е сместен. Детално ги реди слоевите, од малата група на Бејл каде што децата се забавувани со аматерски театарски изведби на Star Wars, до начинот на кој војската на Меконахи ги спушта змејовите на земја со големи мрежи. Можеш да осетиш како е светот сменет и какви штетнци се всушност овие монструозни змејови. А, во моментот до каде што е дојдена приказната се и мртви гладни и нервозни, бидејќи успеале за кратко време да ги исцрпат ресурсите кои им овозможуваат да се прехранат. Сега баш тој дел за како точно функционираат змејовите во овој универзум и не е баш најпрецизно сервиран, ама ми се допаѓа краткото "научно" објаснување за како е возможно да блујат оган. Баш од овој филм е инспирирана билогијата на змејовите во понатамошната фикција, како на пример Game of Thrones.

Чудо е како Reign of Fire е самоуверен во сопствените идеи, а не паѓа комплетно во замката да се доживува себе толку сериозно и покрај тоа што се занимава со таква безнадежна и тмурна иднина. Има супер свет и е исклучително шармантен кога го нијансира со паралели од средновековна фантастика, има феноменална актерска банда, прекрасна кинематографија, пост-апокалиптична тематика со земјови и практични и компјутерски ефекти кои и до ден денес солидно се држат. Меконахи е најсветлата точка во цел филм, комплетно е внесен во ликот на Ван Зан што дури и на сет ги гњавел сите така да му се обраќаат.

Речиси сите елементи му се функционални, не ми е јасно како е возможно публиката уште да го преспива. Секако дека не е најсовршениот филм на сите времиња, меѓутоа не е воопшто толку лош за едвај да го памтиме. Сфаќам дека во истата година се излезени поголеми филмови како The Lord of the Rings: The Two Towers, Harry Potter and the Chamber of Secrets, Attack of the Clones или продолженијата на Blade и Men in Black, ама пак е до голема мера неправедно засенет. Штета. Еден е од ретките вакви оригинални блокбастери во изминативе дваесет години што не се продолженија или адаптации на постоечки материјал.

Верувам дека доколку бил финансиски успешен денес ќе гледавме продолженија и серии сместени во истиот универзум. Презабавен е и без оглед на тоа што повремено има некои сценариски луфти. Приказната може да се цеди на различни начини. Не знам дали е во недостаток на повеќе материјал од истово, ама слична ми е врската и со Pacific Rim. Уште една приказна сместена во свет со неограничени можности од која сакам повеќе, а ништо нема освен од едно продолжение и едно крш аниме кое е подобро да го заборавиме.

Види такоѓе:

October 26, 2022

Зачаден извештај од Heavy Psych Sounds Fest

Минатиов викенд со Дамјан бевме на дводневниот Heavy Psych Sounds фестивал што оваа есен паралелно се одржуваше во Берлин и Дрезден. Скоро истите бендови за двата фестивалски денови, со тоа што првиот ден свиреа во едниот град, а за следниот се ротираа во другиот. Немаше подобар повод за дружба и мешање со локалната тазе избањата металска публика низ Берлин. Или што вика Дамјан, да ги слушаме истите три рифови цел викенд. Heavy Psych Sounds е фестивал од истоимениот лејбл кој се организира низ повеќе локации низ светот и воглавно служи за промоција на сопствените бендови и артисти. 

Heavy Psych Sounds Fest воглавно се занимава со стонер дум и сродни успорени металски и рокерски психоделични звуци, ама репертоарот е внимателно селектиран за да има варијација во тоа што го слушаш без да мора да проверуваш на флаерот кој бенд свири моментално. Првиот фестивалски ден беше закажан во Urban Spree, совршена локација и амбиент за да вдоми дешавка од ваков тип. Не знаев што да очекувам, а ме пречека онакво шарено место преполно со графити, постери од ивенти излепени еден врз друг, опкружено со галерии, уметнички работилници и една голема германска пивница во средина. 

Меѓу цело ова има и едно мало тесно клубче со спуштен плафон и феноменално озвучување за да ти ги запуши вените со ниско наштимани мрсни рифови и интензивни басови. Стигнавме некаде додека свиреа италијанците Tons. Бендот го дознав непосредно пред фестивалот и не знаев што да очекувам, ама беа одличен вовед во тие што ги знаев и следуваа во текот на вечерта. Земавме некое сомнително пиво за хидрација и почнавме да се клатиме со останатата публика која веќе беше во занос од претходните саати што плански одлучивме дека ќе ги прескокнеме. Иако фестивалот беше стигнат до вториот бенд од најавениот лајн-ап, целата дешавка почна лабаво уште рано дента.

После Tons следуваше мала пауза за да се намести легендарниот Ник Оливери со неговиот акустичен сет, па излеговме пак надвор малку да покиснеме на дожд и да го поправиме впечатокот од пивото со некое подобро. По мала дебата дали Ник Оливери дреме со нас на шанк или е некој што изгледа идентично како него, се упативме внатре каде што вистинскиот Ник Оливери веќе беше почнат. Очигледно сите ќељави чичковци со брада ми изгледаат исто. Не сум слушал доволно Kyuss или Queens of the Stone Age за да бидам превозбуден за неговиот настап, ама Ник Оливери соло со акустична гитара беше многу позабавен од што очекував дека ќе биде. 

Лом направен и весел, си исвире цел сет од песни што не верувам дека беа препознатливи за било кој во публиката, ама сигурен сум дека после години кариера и звучни бендови за тебе сакаш вака јако заебантски да се испукаш. Атмосферата веќе беше созадена од претходно, па некако само ѝ даде посебна нијанса. Добро интермецо измеѓу стандардното драње и дисторзии. Сигурно не е нешто што ќе го пуштам дома, ама би го гледал пак во секоја прилика.  

 
Acid Mammoth

Следни беа Acid Mammoth. Бенд кој всушност беше мојата инспирација да се отиде на овој стонерајски аџилак. Нивниот албум Under Acid Hoof ми е еден од омилените во последно време, па се наместивме малку понапред за да можат звучниците да нè оглуват прописно. Acid Mammoth се бенд од соседна Грција, не знам како до сега не свиреле во Скопје и рокаат дум метал што ги величи Black Sabbath и рифовите на чичко Тони Ајоми на најелегантниот можен начин. Испукаа феноменален сет, меѓу кои и баш тие наслови што дома ги имам изљуштено од слушање. Фалеа да се чујат  во живо насловната "Under Acid Hoof" и "Berzerker", ама се надевам дека ќе ги гледам пак наскоро на посебен концерт. 

Публиката тука некаде почна да се "штимa" за Belzebong, па клубчето во Urban Spree полека почна да го обвива уште погуста магла и мирис на вутра. Само што завршија Acid Mammoth излеговме заедно надвор со нив за јас да можам да ги замарам и да се сликам со нив. Бидејќи имав исконтактирано со бендот претходно, немаше потреба да објаснуваме кои се скопјаните дојдени да ги гледаат, па поседовме малку надвор со таткото и синот Бабалис да дискутираме за храната во нашите држави и кој како си поминува на фестивалот. Лабави комшиски муабети. Па, ајде наздравје, па да ни дојдете на гости, па фала фала ќе ви дојдеме и ние. Супер кул екипа се, најсериозно. 

Си го набавив и Under Acid Hoof конечно на плоча директно од нив, зошто глупаците од Juno.co.uk претходно некаде ми ја истресоа нарачката на последната копија што им беше на залиха. Кога влеговме на Belzebong не се гледаше бела мачка, а ни прст пред око внатре. Публиката чади како Цементарница, бендот на сцена настапува со димна машина и зелени светла, Дамјан стои до мене, а не го ни гледам. Не го гледам инаку зошто имам некоја глупа инфекција на левото око, ама озбилно беше многу задимено. Цела облека зачадена со вутра, таман да ме надушкаат полициски кучиња на аеродром.

 
Belzebong

Belzebong распалија. Бавни надувани рифови, бука и театрален настап каков што прилега за хедлајнери на еден ваков тематски фестивал. Единствениот контакт со публиката им беше кога ги вртеа инструментите кон нас кои спелуваа SMOKE OR DIE (колку што можеше да се прочита од целиот чад) измеѓу песните. Без вокали, без семплови, само стегнато прљаво грмење долги и спори стонерајки. Веројатно еден од најинтензивните бендови со марихуана како тематика што можеш да ги искусиш во живо, без разлика дали си немирен тинејџер или старо аро.

Некако се прибравме кај Дамјан дома, малку освежени од дождот и секој глув на различно уво ама пресреќни од првиот фестивалски ден. Вториот ден Heavy Psych Sounds Fest се одржа на поширок простор, Kreuzberg Festsaal, место што исто има огромен двор со место за седење, а дури и внатре има сепариња ако сакаш да се спружиш. Имаше повеќе бендови, ама дојдовме малку покасно зошто ни требаше подолг одмор после првиот ден. Се нацртавме баш за тие што ни беа познати од претходно. Lords of Altamont беа прилично досадни во живо, со настап што не ни беше баш по вкус, па ги отседовме надвор на времето што ете тој ден реши дека нема да врне. 

Вториот ден беше малку порокерски и психоделичен и супер промена од зачадениот мрсен дум од претходниот. Просторот за вториот ден повеќе прилегаше на нешто поразигран и мелодичен звук, па Black Rainbows одлично се вклопија. Сакам кога гледам бендови што свират искрено и ќефски, наместо тоа глумење лудило на Lords of Altamont. Во ред е тоа што помали бендови изводат ѕвезди, настапот треба да ти е самоуверен и стегнат, меѓутоа малку фали тоа да ти се испушти од раце и да испаднеш циркузант на сцена. 

 1000mods
 
Самата атмосфера беше полабава, немаше густи димови како првиот ден, дури и публиката се пошутка малку. Речиси како различен фестивал, ама доволно добар сам по себе за да овозможи поеднакво забавен провод. Хедлајнери беа 1000mods, уште еден грчки бенд што македонската публика ќе може наскоро да го види во МКЦ. Како најискусен бенд од повеќето на фестивалот, испичија крајно професионално, извртеа неколку песни што им ги знам од првиот албум и по некоја од поновите и баш би ги гледал пак. Можеби повеќе ќе прилегаа во клубчето од првиот ден и таму да рашараат малку, ама претпоставувам дека и покрај видливата варијација, двата фестивалски денови беа жанровски сегрегирани.

Не можеш такви думери да сместиш во ваква голема сала, а не беше сосема полна за жал. Веројатно тоа се должи на удобноста во дворчето надвор каде што пак служаш жанровски иста музика, ама некако подомаќински си го делкате пивото со другар ти залежани на маса. Баш таму надвор можеше да се примети кој како си прошол на првиот ден, ќе видиш по некоја позната фаца како исто се убедува да ја победи мрзата и да стане да влезе внатре. 
 
Сè на сè, супер дешавка. Одлична организација, а атмосферата скроз лабава и релаксирана. Ако си по овој звук, тогаш Heavy Psych Sounds Fest е најдоброто место да го искусиш прописно. Тешко дека би издржал на било каков друг метал фестивал на овие години. Замисли да треба да седиш на некоја третокласна верзија најголемите треш или блек метал имиња. Дај нешто вакво, нешто што најдиректно црпи од Black Sabbath, нешто што е најблиску до бендови како Sleep. Или рокче некое психоделично како саундтрек за возење на автопат. Далеку поприфатлива генерика. Ќе се отиде пак во следна прилика, на некоја друга локација можеби.