Деветнаесет години Crapwerk, замисли. Одлучив дека ќе го сметам за активен блог додека не прескокнам месец и се радувам што и оваа кнап година успеав да најдам време бар еднаш месечно да свртам муабет за нешто што ми оставило впечаток. Затоа и има простор за една кратка годишна ретроспектива. Станувањето татко ми ги пререди приоритетите, па некои работи природно си се наместија во позадина. Кратко пред да се роди син ми, ја објавив и SHTREK на Стим, што дополнително придонесе кон надреалниот годишен биланс.
Кога лани во иста ваква прилика најавив дека привршувам со работа на игра, не ни можев да замислам каков пат ќе зацепа, а уште помалку дека ова ќе ми стане примарно хоби. Иако веќе бев пресреќен и исполнет со самиот факт што конечно завршив ваков проект, се случија низа работи кои воопшто не мислев дека ќе дојдат во пакет, првенствено тоа што стигна до неверојатно голема публика за моите очекувања и изнуди куп позитивни критики.
Ме однесе и на гости кај другарите од GG.MK, доби мал штанд на What The Stack конференцијата и на првата македонска конференција за развој на игри, Game Dev Rev, каде што и во живо пројде низ многу раце. Лапна и една номинација за "best solo dev" на Yugo Game Awards во Црна Гора. Најдрагоценото од целово се секако стекнатите контакти, познанства и пријателства со играчи и луѓе од сферата на гејм дев кои уште толку ми ја распламтија инспирацијата и желбата да го правам ова, дури и во ваков скромен капацитет. Фала ви најискрено на сите што ја поддржавте SHTREK на било каков начин. Ништо од ова немаше да се случи без таа поткрепа. Комплетно лудо, во најпозитивна смисла.
Не знам што точно ќе дојде после SHTREK, ама не сум сопрен со работа иако времето ми е поограничено од било кога. Од процесот на SHTREK научив многу. Тоа и беше намерата, да ги опфатам сите аспекти од создавање и објавување на целосна игра. Сега значително полесно штанцам и баталувам прототипи, пристапот ми е попедантен и почнав повеќе да чепкам низ сродни дисциплини што ми стануваат поинтересни од самото кодирање, како гејм дизајн. Некои сесии повеќе шкртам во тетратка отколку што куцам код и се научив полесно да се збогувам од идеи кои се покажале како нефункционални уште пред фазата на прототипирање.
Сакам во 2026 да објавам барем уште една игра, макар и да биде нешто од прототипиве што стигнало до некоја фаза поспастрена за јавна презентација. Една од лекциите научени од SHTREK беше раното тестирање и собирање фидбек и сум задоволен од тоа како го спроведов, меѓутоа за следната сакам да пробам нешто поразлично. Иако планирам да го дрвам почесто и тука, моите гејм девелоперски пустоловини си фатија тек под името Neraat Games. Најактивен ми е инстаграм профилот, ама се трудам да сум почесто присутен и на другиве места.
Уште еднаш, фала ептен. Може ќе се читаме поретко, ама јако ќе биде ако изгура блогов до јубилејната дваеска. Ни годинава немам доволно за да склопам листа со одбрани постови. На прво место секако ќе беше муабетот за Alien: Resurrection играта, ама мило ми е што стигнав да ги одвојам омилените хорори од последниве години, како и другите забаталени игри за ПлејСтејшн кец.

No comments:
Post a Comment