July 22, 2022

Првите мали чекори во No Man's Sky VR

Објавувањето на No Man's Sky во 2016 ќе биде запамтено како едно од најскандалозните во поновата историја. Нешто слично како со Cyberpunk 2077 подоцна. Очекувањата од амбициозните ветувања не беа изедначени со реалната слика, па играта за брзо навлече негативен публицитет и некако ми ја снема од радарот. Престанав активно да следам што се случува со No Man's Sky, ама повремено низ годиниве ќе ме пресретнеше некоја информација дека Hello Games активно работат на разни подобрувања. Сепак, со одамна загубениот интерес, не се ни потрудив да видам што се.

Деновиве решив да дадам шанса на VR верзијата на No Man's Sky. Ми се играше нешто што е повеќе од техничко демо за капацитетите на виртуелната реалност како медиум или кратко полуинтерактивно искуство, па NMS како целосна игра ми се виде како добра идеја. Не знаев што да очекувам од играта денес, не знаев што точно е подобрено и сменето, зошто никогаш не ја ни пробав до сега. За среќа, малку имав и подзаборавено што воопшто требаше да има на денот кога излезе, а го немаше.
 

Па, така со никакво предзнаење го ставив хедсетот на глава и кликнав. Она што најмалку го очекував е дека ќе ме пречека игра што е комплетно создавана за виртуелна реалност, наместо продукт што е само малку прилагоден да функционира со таков хардвер. Се најдов на некаква шарена живописна планета каде што првото нешто што требаше да го направам е да си го поправам бродот со кој се испостави дека треба да се одвозам на друга планета. Не знам дали оваа прва мисија секогаш се случува на истата планета или навистина функционира нелинеарно, ама не ни имав многу време за размислување бидејќи No Man's Sky за само неколку минути успеа да ме внесе во овој нов свет и да ме "исклучи" од околината во која ми се наоѓаше вистинското физичко тело.

Планетата беше многу поопасна одошто изгледаше. Многу малку време пројдов во шетање и разгледување пред да ме нападне локалната фауна. Вооружен само со мало пиштолче што е ласер кој го користиш воглавно за рударење, морав да пукам во сè што изгледаше дека се обидува да ме претвори во оброк. На планетата ме стемни додека барав материјали за бродот и играта паралелно ме "учеше" како всушност треба да ја играм. Научив како да избегнувам конфликти со населението, научив како да преживувам надоградувајќи си го скафандерот и за кратко време веќе бев спремен за следната дестинација.

Она за кое што не бев спремен е тоа што морав рачно да одлетам со бродот. Тука и ми текна дека добар дел од гејмплејот на No Man's Sky е таков тип на истражување. Се најдов во среде вселена, малку испаничен од неможноста прописно да го управувам бродот. Сигурен сум дека е многу полесно со тастатура и маус или контролер, ама кога треба да го возиш со две раце и немаш осет за колку брзо може да лета, лесно ќе заглавиш во црна темница со само ѕвезди околу. Среќа, добив координати за следната дестинација. Знаев кај треба да одам, само што уште се борев со командите на бродот, па пројдов некое време во избегнување на поле со астероиди. Звучи лесно и возбудливо вака теоретски, ама престанува да е забавно кога ненамерно ќе се треснеш во неколку лебдечки камења. 

Ја најдов планетата каде што требаше да слетам и тука дојде нов проблем. Треба да слеташ мануелно. Иако има копче со кое бродот ти слетува на површината, треба да си доволно ниско позициониран за да можеш да го активираш. Во неможност да се наместам толку ниско каде што сакав, решив да ја тестирам издржливоста на бродот и да се сринкам во земја. Ако постоеше некаква лиценца за пилотирање во No Man's Sky ќе ја изгубев во тој ист момент. Бродот не беше многу оштетен, па мисијата можеше да продолжи на нога.

Иако новата планета беше визуелно многу попријатна од претходната, сфатив дека ме убива радијација. Целата планета е радиоактивна, па мораш да вадиш натриум од растенија за скафандерот што те штити. Таман мислев дека сум се спасил, почна некоја бура што скафандерот едвај ја издржуваше. Морав да најдам засолниште, а бев предалеку од бродот без никаква пештера или слично околу мене. Цел препотен, сконтав дека можам да преживеам доколку собирам натриум и го одржувам скафандерот над 50%. Немав престава каква напната авантура ќе е тоа. Бурата не траеше долго, ама буквално морав да трчам околу, да скенирам растенија за натриум и да се надевам дека ќе можам доволно брзо да го користам.

Натриумот не функционира автоматски. Мора со десната рака да кликнеш на едно мени што се појавува од левата, па да избереш каде сакаш да го ставиш и што да подобриш. Звучи лесно во нормални услови, но не и кога треба да бегаш од бура додека со десната пукаш во нови опасни животни што некако не сакаат да си им таму. Мисијата ја продолжив со тоа што ги собрав материјалите за следните надградувања. Сега имав и нов ласер што копа под земја каде што се наоѓаат металите што ми се потребни. Имав и нов визир за дополнителни анализи и скенирања на површината на планетата кој се активира многу кул во VR. Левата рака буквално ја ставаш до глава и кликаш. Ситен детал е, ама е многу ефективен и само дополнително те внесува во светот.

Требаше да најдам бакар, ама таму каде што покажа скенерот беше невозможно да се стигне. Пробав да искачам некоја планина, ама како што се искачував сфатив дека сум на сосема друга страна од таму каде што покажа скенерот. Ме фати црна темница и нова бура, радијацијата веќе сериозно ме јадеше, па морав да се симнам и да барам натриум додека одам назад кон бродот. Тука ми стана јасно дека скенерот работи малку поинаку одошто мислев. Преноќив во бродот и продолжив кога се раздени.

Сериозно добро VR искуство. Не очекував дека толку ќе ме привлече. Сакам игри со отворени светови и овој е прв ваков во кој стапнав со хедсет и два контролери во рака. Следниот ден веќе лоцирав бакар. Ми се отворија нови работи што можев да ги градам, па играта ме научи како да изградам база што ќе ме штити од бури, радијации и опасниот див свет околу. Сретнав и (веројатно) некои други играчи што прелетаа на мене, ама не успеав да стапам во контакт. Ужасно изградената "база" пола штрчеше од еден рид. Не знам да градам ништо во вакви игри, ете Valheim е жив пример, ама можам да склопам некаква коцка со врата што ќе ми биде засолниште од неприлики.

Со малку поголема самодоверба дека сум ги разбрал основните механики на играта, решив да го препаркирам бродот од каде што беше несмасно закотвен нешто подалеку од базата. Очигледно управувањето уште го немав совладано, па некако се најдов надвор од атмосферата на планетата додека некаде во далечината се изгуби и маркерот што ја означуваше локацијата на мојата прекрасна база склопена од четири дрвени ѕидови и крив покрив. Бидејќи не сакав времето потрошено на тој мал привремен дом да ми биде залудно, решив да се вратам назад и се паркирам малку подобро. 

Не можам да избројам колку пати ненамерно ја прелетав локацијата каде што сакав да слетам. Точката на очај ја достигнав кога случајно влетав во некоја огромна пештера и дваесет минути не можев да излезам од таму. Бродот се удираше од ѕид во ѕид, верглаше во место и додека се мачев да маневрирам си ја треснав раката во нешто тврдо од вистинскиот свет околу што не го гледав од хедсетот. Не ни знам што беше точно. Ѕид, паркет, биро, ограда од тераса? Не ни можев да знам каде сум точно во просторијава. Не се потрудив да дознаам, имав брод за вадење од пештера.
 
За жал, не би можел да се пофалам дека го препаркирав нешто подобро од претходниот пат. Сега е заглавен во некои гломазни растенија нешто поблиску до базата, ама барем не скапува во мрачна пештера. Тука продолжив со нови надградби, отклучив некои нови материјали и сега ми останува само да ја следам мисијата што играта ми ја нуди и надежно да одлетам на некоја помалку радиоактивна планета. Техничките надградби ги наоѓаш закопани под земја, најдов и некакви остатоци од друга цивилизација, така што станува многу поинтересно и интригантно како што повеќе играш. Едвај чекам да видам што друго ќе ми открие No Man's Sky.

Не знам каква е играта во нејзината обична верзија, ама мислам дека не би можел ни ја пробам таква. Целиот грајнд ми личи дека е многу позабавен во VR, многу полесно се внесуваш во некои едноставни механики како рударење минерали или растенија, а сигурно нема исто толку гласно да се издерам кога ќе ме изненади некое џиновско територијално суштество од зад грб. Ова ми требаше во VR и дојде баш во период кога се пожалив дека квантитативно нема содржина за играње. No Man's Sky личи како да нуди многу, а сигурен сум дека едвај ја гребнав површината. 

No comments: