August 8, 2022

Прејак е Prey

Поучен од скорешните случувања во франшизата, на Prey морав да му пристапам многу претпазливо. Трејлерот не само што не ветуваше ништо возбудливо, туку и дополнително ми створи некоја непријатна слика. Од каде сега Предатор што е машина за убивање и го покоси цел тим од модерно вооружени и набилдани бараби на Шварценегер ќе го фрлиш против примитивно индијанско племе што користи лак и стрела? Поучен и од тоа како несмасно се склопуваат повеќето филмови во последниве години, пред да го пуштам Prey бев спремен за ништо друго освен дека ќе посведочам уште едно фијаско.

Сега не можам доволно да нагласам колку не бев во право. Prey не ниту лош, ниту се поклопи со моите влезни очекувања. Првата третина од филмот бев позитивно изненаден од квалитетот, ама и повремено во грч од сомнежот дека во секој момент работите ќе тргнат правецот што си го претпоставив. За среќа, Prey успева стабилно да се одржи до самиот крај. Добар показател за тоа ми беше желбата да го изгледам пак наскоро откако заврши. Можни се поситни спојлери подолу.

Prey е сместен во 1719 година, а во центарот на приказната е една млада девојка по име на Нару, припадник на мало Команчи племе, која повеќе сака да лови отколку да собира тревки за да ги лечи останатите. Иако Нару е и прилично добар трагач, главните племенски ловци се сомневаат во нејзините способности, па Нару упорно настојува да докаже дека е доволно вешта за да лови со нив. Решена да го улови пленот кој ќе ја позиционира на местото кое смета дека го заслужува, Нару заминува во шумата каде што ќе забележи дека нешто друго го убива дивечот, нешто што дефинитивно е побрутално од пума или гризли. Необичните траги што ги наоѓа додека се ашка низ дрвјата само дополнително ги потврдуваат нејзините сомнежи дека тука нешто и не штима баш.

Секако, тоа е Предаторот што е исто така е дојден на викендашки лов. Но, овој Предатор не е како ниту еден од претходните. Главниот проблем што можеби ќе го имав со филмов е веднаш елиминиран. Ова не е таков технолошки напреден Предатор на кој си навикнат да го гледаш. Да, дојден е на Земјата со вселенски брод, меѓутоа технологијата му е "адаптирана" за тоа што се соочува, без да биде на значително повисоко ниво од неговиот човечки плен. Не знам како точно функционирале Предаторите тие двеста-триста години пред да ги запознаеме, меѓутоа оружјата што ги користат тука воглавно ги "имитираат" тие на тогашното население. 

Затоа и Prey функционира како концепт. Нема огнено оружје, туку користи копја и некои соодветни стрели, оружја кои ги учи низ филмот. Пак е очигледно дека има голема предност, меѓутоа "ако може да крвари - може и да го убиеш". Самиот овој Предатор ми е можеби омилениот од оној од 1987. Prey одлично му ја доловува импулсивноста и неискуството кое очигледно го има, нешто што постепено го балансира кон Нару и останатите, без притоа да ја намали постојаната непријатна тензија од неговото присуство. Интелигентен е, ама не е семоќен. Ако намерата на филмот беше да претстави Предатор кој можеби има сличен мотив и искуство како Нару, тогаш ќе заклучам дека е успешна. Ако е само случајно, тогаш исто супер. Функционира.

Кој и да е актерот во костимот, феноменално си ја брка работата. Невербално, често можеш да разбереш како ги доживува работите кои му се случуваат и како реагира на нив. Го гледаш како е нетрпелив, како некогаш се осеќа исплашено и збунето, па и како ги одлучува следните чекори. Дизајнот на Предаторот е исто многу кул. Доволно различен за визуелно да се одвои од другите во претходните филмови, а пак да ти е јасно дека е суштество од истиот вид. Се сомневам дека Предаторите што во 1719 имаат интерстеларен превоз се развиваат со исто темпо како нас, ама ми се свиѓа оваа "примитивна" естетика тука. Одговара на целиот тон.

Сепак било возможно да направиш Предатор филм во друго време и да не е срање. Идејата на режисерот Ден Трахтенберг била да ја врати франшизата на корените и она што го прави Predator од 1987 тоа што е и ете, мисијата е исполнета. Ме ежи тоа "враќање на корените" што се користи во индустријата зошто речиси никогаш не е без некои сомнителни креативни одлуки, ама Prey е доказ дека е возможно. Иако филмот дели слични својства со оригиналниот Predator, пак е доволно на сопствени нозе за да биде повеќе од обичен римејк. Не можеш да го повториш тој Predator, ама ете очигледно можеш да ја наштелуваш приказната да биде ефективна во различно опкружување.

Нару е супер како лик. За разлика од многу протагонисти во денешните филмови, Нару нема магични супермоќи стекнати од газот на кој и да го пишувал ликот. Тука го гледаме нејзиниот развој, нејзините грешки и маани кои постепено успева да ги подобри. Ја гледаме како учи и како го усовршува ловот и како всушност доаѓа до моментот кога успева да го надмудри и "улови" самиот Предатор. Многу е полесно да си кликнеш и да навиваш за лик што покажува човечки особини, отколку со Реј Скајвокер.

Амбиентот е речиси перфектен, а избраните локации и прецизната кинематографија само дополнително го зајакнуваат. Prey е воглавно сниман на физички локации и лесно можеш да приметиш. Не изгледа како игра за PS3 со вештачки позадини и компјутерски генерирани дрвја. Да, има неколку приметливи CGI моменти, меѓутоа не е толку шкартно за да штрчи. Ми се свиѓа и што има верзија синхронизирана на команчејски јазик, тоа дополнително те внесува во целата атмосфера. Го има и на англиски секако, ама решив дека таа опција ќе ја прескокнам.

Prey е сериозно освежување на франшизата. Можеби и неопходно, ако веќе се решени да не го остават брендот на раат. Пре би гледал вакви филмови отколку онакви како The Predator од 2018. Ако планираат да одат понатаму, би сакал да видам комплетно нова околина, нов временски период. Јасно ми е дека идејата може за многу брзо да се избајати, ама со ваква екипа што очигледно ќефски пристапува кон материјалот може па и добро да се пројде. Не го барам следниот Predator: Dark Ages, ама отворен сум за храбри концепти.