Изминатаве недели не можев да се фатам за телефон без да ме пречека нешто за некоја нова корејска серија што се вика Squid Game. Или гледам пост, некое меме или некој ме прашува дали сум ја гледал или ми ја фали колку била добра, свежа и оригинална. Насекаде е. Со буквално ништо ново за гледање решив да дадам шанса и сега не ми се верува на каква глупост потрошив време. Не ми е првпат да наседнам вака на хиперболизирано пењавење, имам изгледано цела сезона од онаа шпанска сапуница La Casa De Papel, ама ништо нема да ми го надомести изгубеното време и многу ми е жал за тоа.
Идејата на Squid Game не е нова, ама ќе потврдам дека е фино спакувана за барем првата епизода да ти биде привлечна. 400 и кусур сиромашни јадници се доброволно собрани на непозната локација во некоја припиздина да учествуваат во смртоносни игри, организирани од мистериозни маскирани лица. Тој што ќе остане жив на крај добива сума на пари која не ни знаев да ја прочитам и избројам, ама според многуте нули изгледаше безобразно. Пишај по сиротињи.
Ќе продолжам со спојлери, ама не е ни важно. Првата епизода не е толку лоша. Со втората веќе почнува беспотребното тегавење, а во трета веќе ти јасно дека ова нигде нема да тера. Squid Game ги става главните ликови во стаклено ѕвоно и знаеш кој ќе преживее кога ќе почне да делка големи количини од тие 456 души. Нема храброст да потепа никој од нив толку рано, па секоја ситуација кога ќе се најдат загрозени, тензијата станува и си оди.
Епизодата со играта кога се тегнат со јажето единствено што прави е да посакаш и ти едно такво дебело јаже околу врат зашто си испаднал пак глуп и си се подлажал со ова колосално лајно. Знаеш дека корејскиот лукав Наум Петрески ќе преживее додека постојат споредни ликови. Squid Game не само што има нула тензија, туку е и лесно предвилива, па станува уште посмешно кога ќе почнат да ти се остваруваат предвидувањата. Не треба да си корејски сценарист за да знаеш дека стариот што се прави мутав ќе испадне мозокот на операцијата или дека тој со црната маска е братот на џандарот.
Се изнасмеав на глас кога дојдоа богаташите со позлатените маски за вечерни искачанки. Пола беше смешно зашто не нашле поталентирани странски актери, пола дека е пресврт што чекав да се случи уште од втората епизода. Глупости, озбилно. Освен ако не постои некоја друга добра Squid Game серија како што урла агресивниот маркетинг на интернет овие недели, ова е комплетно промашување.
Што е толку квалитетно во серијава, а јас не го наоѓам? Сценариото е катастрофално и сервирано соџвакано, а не верувам дека е такво само дека е можеби оштетено со преводот од корејски на англиски. Глумата е аматерска, предраматична и во моменти каде што нема потреба да се преглумува, а приказната се сите западни клишеа од нискобуџетен материјал со слична тематика. Последните три епизоди се неиздржливо досадни и плитки, а ги догледав само за да ја добијам кладбата со себе за тоа што ќе се случува. Добро е што победив, лошо е што наградата се изгубени девет саати. Може и не сум победил баш.
Скраја и далеку од вакви серии во иднина. Сомнително ми е дека маркетингот е природен и дека мемињата почнале да се шират така лесно од луѓе што не се вработени во Нетфликс или кој и да го продуцирал ова. Дури и високите оценки и рецензии. Ако целиов хајп не е некој маркетиншки заговор, јас прв ќе чучнам во зелени тренерки да гребам колаче со игла. Освен ако не си фан на La Casa De Papel и Задруга, не гледам причина да ти е јако ова.
No comments:
Post a Comment