August 23, 2018

Hereditary е сосема пристојно хорор искуство

После оној досаден апсурден нeред A Quiet Place на Џон Кразински бев сигурен дека со Hereditary ќе си поминам подобро. Не знаев никакви детали за приказната на двата филмови, ама не ме промаши она гласното воспевање на критиката и публиката низ целава оваа 2018-та. Тоа и ме натера да им дадам шанса, зашто сум крајно скептичен кога станува збор за понови хорор остварувања. Имам впечаток дека упорно се вртат истите теми и фори од пред милион години, само малку поразлично спакувани. Можеби и сум се презаситил од жанрот, а можеби филмови како [REC] и The Cabin in the Woods ме навикнаа на нешто поинакви хорор маневри. 

Не ме плашат опседнати куќи и психопати со ладно оружје. Кул се, ама сме ги виделе безброј пати. Повеќе ме плашат несмасни сценарија и ликови како во A Quiet Place, ама тоа па можам да го добијам и со филмови кои не ни припаѓаат во хорор жанрот. Сакам филмот да ме фрли во соодветен амбиент, па језивото да дојде тивко и природно. Не да ме срипа од кревет со изненадна бука и визуелен стимул. Имам куче што може да ми го приреди истото. 

  
Hereditary спаѓа во онаа категорија на атмосферични хорори. Уште од првите кадри можеш да осетиш како те гуши тензијата. Филмот те дави во одвратни чувства многу пред да почнеш да разбираш што се случува. Среќен сум што не изгледав трејлер и можев без предзнаење да уживам во тоа како споро согорува и ги штелува клучните точки и пресврти. Пола филм дури бев убеден дека е сосема друг тип на хорор каде што ужасите доаѓаат од малку поразличен извор, па затоа и во неколку наврати успеа да ме сопне на неколку наративни испакнатини. Имаше моменти кога мислев дека прави евтини грешки за понатаму само да ми посочи колку некогаш избрзувам со заклучоците.

Иако не сум претерано голем љубител на она во кое подоцна се претвора филмот, ја ценам идејата на Ари Астер. Се работи за млад режисер кој очигледно е добро израснат со жанрот, а ова му е првиот долгометражен филм. Сигурен сум дека тоа што претходно и самиот тој бил публика му има помогнато да ги сконта стварите што функционираат и да ги елеминира оние од кои сите ги превртуваме очите. Заради тоа и се потрудил да спакува повеќе "школи" и да им шибне негов печат. Не само до аспект на приказната туку и извонредното ракување со камерата и позиционирањето на кадрите. Некои сцени изгледаат како ведрата симетрија на Вес Андерсон да проаѓа низ стресен период и тоа е комплетно ефективно изведено. Голем дел од фината непријатност во Hereditary доаѓа баш од тоa видливо задевање. 

Тони Колет е феноменална актерка. Ја памтев од два филмови претходно и немав претстава дека е способна да износи лик каков што е Ени. За некои од сцените што уште долго ќе ме прогонуваат е заслужен баш нејзиниот беспрекорен перформанс. Присуството на Габриел Бирн некогаш само по себе ми е доволно вознемирувачко, мислам, типот беше Сатаната во End of Days, така ми е врежан. Иако е еден од најприземјените ликови тука, пак успева да биде клучен дел од најголемите ужаси што филмот ги фрла во твојата насока. Помладите актери се исто супер, ме радува кога имаат талент наместо да те тераат да го пцуеш одговорниот за кастингот.

Доколку имав изгледано повеќе од два хорори од 2018, сигурно ќе речев дека Hereditary е најдобриот. Не знам, можеби и стварно е. Да тераше така до крај како што почна ќе бев нешто посигурен во заклучокот. Се надевам дека Ари Астер некогаш ќе сними психолошки трилер или напната семејна драма зошто очигледно го има потребниот капацитет. Hereditary не е типичниот шаблонски хорор дури и покрај познатите елементи, не е "страшен" и нема да те натера да спиеш со запалено светло и крстена вода, ама доволно ќе те унеспокои што веројатно ќе сакаш малку да си погледаш глупи цртани и смешни јутјуб клипчиња отпосле.

Види такоѓе:

August 21, 2018

Disenchantment, новата анимирана серија на Мет Грејнинг

Сериозно, кој при здрав разум мислеше дека Мет Грејнинг во 2018 може да склопи нова добра анимирана серија? Дали некој гледал The Simpsons последниве петнаесет години или последните Futurama сезони? Тоа што Грејнинг некогаш бил креативната сила зад некои од најпопуларните анимирани серии во историјата не беше никаква гаранција дека Disenchantment ќе ја повтори истата магија. Ги разбирам очекувањата и разочарувањето на голем дел од публиката, бев и јас малку возбуден, ама сепак реалноста друго сугерираше. Мислам, не е Грејнинг целосно виновен, идеите ги реализираат други сценаристи, ама сигурен сум дека концептот во основа е негов. 

Телевизијата е сменета од времето кога Грејнинг доминираше со неа. Денес кога Rick and Morty е најпопуларната анимирана серија за возрасни, во свет каде што Сет МекФарлејн истовремено имаше три  анимирани серии и каде што Треј Паркер и Мет Стоун сѐ уште успеваат да се бучни, малку е тромаво да настапиш така млако. Секако, сигурен сум дека воопшто не ни била намерата Disenchantment да ни ја извитка перцепцијата и да воспостави нови правила за како се прават анимирани серии, меѓутоа очекував малку похрабар настап. Особено кога серијата ти е поддржана од Нетфликс каде што можеш да си дозволиш голем креативен спектар.


Концептот на ваква серија сместена во средновекоен фантастичен сетинг е интересен, со тоа ќе се сложам. Ама, чудно е како и покрај тоа што Disenchantment е навидум во свет со неограничени можности, пак успева да биде досадна голем дел од времето. Повеќето ствари што се случуваат изгледаат познато и истрошено, самите главни ликови и нивната динамика исто не се претерано свежи, додека пак оние поспоредните никогаш не успеваат да го пробијат сопствениот шаблон. Елфо ми е веројатно најзабавниот од сите, можеби зошто секогаш сум навивал за такви наивни 'fish out of water' ликови. 

Disenchantment ќе функционираше подобро доколку попрецизно погодеше во таргет публиката. Затоа што на моменти не е баш сигурна кому му се обраќа, а во старт елиминира помлада публика и се обидува да се продаде на возрасна клиентела. Зошто? Дека главниот лик е млада либерална принцеза што пие, се коцка, се дрогира и смета дека татко ѝ не ја остава да си го живее животот? Можеби доколку имаше не толку воздржан хумор, еј можеби и доколку имаше хумор воопшто, ќе разберев. Со мали корекции серијата би можела да ја спушти и старосната граница, па да се препакува во нешто од типот на Adventure Time. Секако, во тој случај и ликовите некогаш ќе треба да отидат на некаква возбудлива авантура.

Не е комплетно лошо, далеку од тоа. Само е просечно и нема да ти направи некоја разлика во животот. Баш периодов гледам некоја од последните The Simpsons сезони чисто приспивно онака и ова е баш во таа категорија. Ништо во Disenchantment не е толку интересно и инвентнивно за да ме задржи долго или да ме натера да ја чекам следната сезона. Има некои штосови повремено, анимацијата е исто убава ама недостасува она топло пријатно чувство што некогаш успевале да го предизвикаат сериите на Грејнинг. Шармот во The Simpsons и Futurama доаѓаше од многу страни, а овде е речиси непостоечки. Да, споредбата е можеби нефер, ама исто така и неизбежна.

Сакав да кажам дека и јас сум разочаран, ама па немав некои преголеми очекувања. Повеќе бев љубопитен за како ќе изгледа целото на крај и сега мислам дека до следната сезона нема ни да ја памтам серијава како што не ги памтам последните неколку сезони на Futurama. Доколку некогаш пак налетаме еден на друг, можеби и ќе добие втора шанса. Не го барам следното Rick and Morty или било која друга серија, иако нема да е на одмет да се доближи до малку поактуелните концепти. Стилот и тонот веќе си го најде, останува само да најде начин да нѐ маѓепса.