Решив дека ќе ги пријавам во полиција сите што ми ја препорачаа La Casa de Papel. Tрилереста серија од шпанско говорно подрајче, позната и како Money Heist. Бев ограбен од слободното време и ова не го изјавувам во позитивен контекст. A, почнува толку многу добро и поставува совршено забавна основа, меѓутоа до крајот успеа да ме збуни со значењето на концептот "шпанска серија". Некако не очекував дека приказна за грабеж во шпанската национална фабрика за пари ќе се претвори во таква глупава заложничка теленовела.
Осум луѓе предводени од мистериозниот "Ел Професор" кој ја води операцијата од надвор, влегуваат во фабриката со намера да испечатат неколку милијарди евра. За планот да успее им се потребни 11 денови што планираат да си ги обезбедат со 67-те заложници кои им се главната мерка против полицијата која веќе ги опколува од надвор. Нивниот план оди мазно исто како и половина од замислата за целата серија. Професорот кој е инволвиран во секој потег на полицијата успева да го држи неговиот тим чекор понапред, заложничката драма е под контрола и веќе сите почнуваат да се веселат на мирисот на свежо испечатените банкноти.
Потоа работите почнуваат да тонат во хаос и тоа само поради визијата за сценариото кое веројатно во обид да ја зајакне и онака густата тензија, почнува да се сопнува на неинвентивност и намерно отворени дупки. Од тука почнувам и со спојлери, затоа што не би можел поинаку да го доловам доживувањето. Осумте крадци се вкупно пет денови затворени во фабриката, а тоа се петнаесет епизоди во оригиналниот формат или дваесет и две од верзијата на Нетфликс поделени на две сезони. Математикава...
Во тој рок од пет денови се случувa премногу за таква едноставна приказна. Луѓе бидуваат ранети и магично закрепнуваат, некои се заљубуваат со крадците и зборуваат за брак, крадците неколку пати ја губат и ја воспоставуваат контролата врз заложниците, се караат меѓу себе, има поделба на кланови, неубедливи пресврти, скандали, лична драма... Имав чувство дека гледам српско реално шоу што трае месеци, а не грабеж од неколку денови. Ни Џек Бауер не го снаоѓаа вакви перипетии за еден ден. Еј, копаат и тунели кои е невозможно да се изведат така за толку кратко време.
Дури и најзабавниот дел од серијата, играта на мачка и глушец со Професорот и главната инспекторка почна да добива сапуничен третман кој не само што ја чинеше операцијата, туку и целата серија. Во моментот кога бев убеден дека Професорот е еден од најгенијално смислените ликови на телевизија, La Casa de Papel реши дека сите ликови, вклучувајќи го и него, ќе почнат да прават несвојствени работи. Некако ми е тешко да поверувам дека најманипулативниот лик во цела серија ќе дозволи да се вплетка толку брзо во љубовна афера, особено после месеци посветена работа на речиси беспрекорен план кој беше најмногу загрозен од истата.
Ништо не ме вади повеќе од такт кога нешто навидум интелигентно и осмислено ќе почне да ја превиткува логиката само за да придвижува случувања. Џабе ти е добра идеја ако немаш начин како ја развиеш пред да ја завршиш. Некаде после првата половина изгледа како сценаристите да немале смислено што понатаму. Мрзливо пишување е кога сплеткариите на ликовите стигнуваат од точка А до точка Б со среќна судбина како превозно средство, мрзливо пишување е кога плановите на две различни страни се синхронизираат во исто време со цел да се преклопат и напакостат. Ужас. Ниедни актери на светот не го вадат ова.
А, стварно супер почна и сакав да си цепа така. Одамна не сум гледал серија што ме држела фокусиран епизода по епизода додека не клапнам од умор. Штета што само еден дел е таков адреналински, следниот ден веќе заспивав кога некој од тазе паровите вчера сретнати ќе почнеше да си ја планира венчавката. Не го ни преувеличувам ова, се случи повеќе од еднаш со различни ликови.
Во еден мал момент дури помислив дека сведочам историја, дека гледам една од најдобрите приказни смислени за ваков медиум. Веројатно и сценаристите така си мислеле додека не дошле до "сега што?" точката. На крај се предадов и јас, исто како полицијата која едноставно исчезна од серијата во моментот кога крадците ја напуштија фабриката со парите иако само неколку часа порано некој од ликовите предложи да затворат улици, булевари, аеродроми и слично.
Сепак, самиот крај го заокружува грабежот и тоа со една година подоцна од настаните. Затоа и не ми е јасно како Нетфликс инсистира да го продолжи ова со нови епизоди. Остајте го да си биде така, гледам дека на многу луѓе им се свиѓа. Секое продолжување на истата приказна и ликови веќе ја изгуби смислата со финалето. Не ни треба исто како втората и секоја наредна сезона на Prison Break. Нема потреба сѐ да биде исцедено до непрепознавање.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment